Колку е точно дека родителите најдобро го познаваат своето дете? Тешко е да се каже бидејќи одговорот зависи од возраста на детето и изложеноста на влијанија што не се од родителите. Така, на пример, кога детето ќе тргне во градинка или на училиште, тоа може да се однесува сосема поинаку во групата со врсниците и пред воспитувачката или учителката отколку дома. Кога детето различно се однесува, родителот, од една страна, и учителката, од друга страна, можат да имаат различни претстави за него. За да се познава детето, потребно е да се спореди како тоа се однесува во одредени ситуации со тоа како се однесува во други.

За овие две „слики“ за детето да се состават во една целина, потребно е родителот да размени информации со воспитувачката или учителката. Проблемот настанува со оние родители што „најдобро ги познаваат своите деца“ бидејќи едноставно не веруваат во ниту една информација што не се вклопува во нивната слика за своите деца.

Критиката како напад

Ако интелигенцијата е способност на согледување исти работи од различни гледишта, тогаш интелигентниот родител би требало да го согледува детето од различни страни, да го види и на начинот на кој другите го гледаат, без разлика дали се тоа деца или возрасни лица.

Често родителите го гледаат своето дете како многу посебно, поразлично од другите деца. Сметајќи дека најдобро го познаваат детето што го родиле, како и неговата посебност, често доаѓаат во градинка или на училиште за да ги известат воспитувачите и учителите за специфичноста на своето дете. Во тој разговор не само што известуваат, туку бараат и даваат инструкции, за во периодот потоа да набљудуваат дали учителот работи со детето во согласност со упатствата што му ги дале. На тој начин воспитувачите и учителите го наметнуваат „услужниот модел“ на однос, застапувајќи ја идејата дека тие се тука за да ги задоволат родителските барања и желби.

Додека овој модел функционира во градинките, најмногу во приватните, кога детето оди на училиште, може да се создаде конфликт со учителката која има сосема различна идеја од онаа на родителите за својата работа и улогата во одделението.

Најтешките конфликти се со родителите што имаат искривена претстава за тоа што значи да се биде „на страна на детето“. Родителот кој не прави разлика меѓу сопственото дете и неговите постапки смета дека секоја критика за постапките на детето е всушност „напад“ врз него. Затоа својата „безусловна“ љубов ја покажува така што го „брани“ и тогаш кога и самиот знае дека детето лошо постапило. Уште полошо е ако не прави разлика помеѓу себе и детето, затоа што тогаш секоја критика за однесувањето на детето ја доживува како напад врз себе и врз начинот на кој го воспитува детето.

Овој проблем може да се надмине со воведување партнерски модел на односот учител-родител, а кој поаѓа од тоа дека и родителите и учителите се еднакво вредни страни кои се заинтересирани за остварување на педагошките цели. Првата согласност е околу подразбирањето на добрите намери на едната и на другата страна. Другата согласност треба да се постигне преку отворен разговор меѓу учителите и родителите, а се однесува на целите што треба да ги оствари детето во текот на учебната година. Согласноста околу целите не значи и согласност околу начинот на кој едната и другата страна ќе го водат детето кон овие цели. Тие треба да се договорат што едните ќе прават на училиште, а што другите ќе прават дома за детето да напредува.

Проблематично однесување

Во овој процес е многу важно учителите да ја покажат вистинската разлика помеѓу детето и неговото однесување, дека го прифаќаат детето, но не и неговото негативно однесување, а и да покажат дека прават разлика помеѓу родителот и неговиот начин на воспитување на детето. Треба да истакнат дека и децата од многу добри родители, од добри семејства, повремено се однесуваат проблематично. Важна порака за родителите што „најдобро го познаваат своето дете“ е дека децата се однесуваат различно дома и кога се во група на деца без родителскиот надзор.

Индивидуалниот педагошки договор дава шанса двете страни да бидат задоволни: родителите уочуваат дека учителот го гледа нивното дете како поединец, а не како дел од масата на ученици во одделението, а учителите се задоволни затоа што имаат соработка со родителите во образовниот и воспитниот процес. А кога родителите и учителите соработуваат, резултатите мора да бидат добри.

Автор: Зоран Миливојевиќ



912

X