Многу е добро што децата периодов бараат од своите родители да им се јават на другарчињата, па и на учителките за да се потсетат и да почувствуваат дека сѐ уште се дел и припаѓаат во таа нивна мала, но очигледно многу важна заедница за нивниот развој – вели Анкица Крстевска, воспитувачка во градинката „Орце Николов“ во Скопје

Градинките се како втор дом за децата што ги посетуваат. Тоа особено го доживуваат дечињата периодов, додека седат дома. Па нормално е да си го бараат своето секојдневие, времето поминато со другарчињата на иста маса, делејќи ги истите играчки, муабетејќи си за сенешто, но им фали и топлината на нивните воспитувачки, негувателки.

Технологијата ни помага колку-толку да не постои целосно отуѓување помеѓу децата, па тие се слушаат на телефон, со помош на родителите си разменуваат фотографии, слават родендени…

Им фали групата во која припаѓаат

Воспитувачката Анкица Крстевска од градинката „Орце Николов“ во населбата Карпош вели дека децата одбиваат да прифатат дека не смеат да одат во градинка и им недостигаат заедничките игри.

– Им фалат секојдневните обврски, задачите и работите што ги учат и практикуваат, вештините кои ги стекнуваат, со еден збор – групата на која ѝ припаѓаат. Не треба да се заборави и времетраењето на нивниот престој во градинка, кој во вакви услови го минуваат затворени во домот. Ова отсуство можеме да го споредиме со летниот период кога децата најдолго отсуствуваат од градинка, па почесто ги прашуваат родителите кога ќе се вратат во градинка, а сепак, можат да се видат и сретнат со своите другарчиња пред зградите, во парковите, игротеките и сл. Мислам дека е многу добро што децата периодов бараат од своите родители да им се јават на другарчињата, па и на учителките за да се потсетат и да почувствуваат дека сѐ уште се дел и припаѓаат во таа нивна мала, но очигледно многу важна заедница за нивниот развој – вели Крстевска.

Анкица Крстевска, учителка во градинката „Орце Николов“ во Карпош 2

За што сè си разговараат децата на телефон? Мајка на 5-годишно дете кое оди во градинка во Ѓорче Петров објаснува дека на почетокот детето било среќно што можело да спие подолго, да гледа цртани, како секој ден да му бил викенд.

– Не сакаше да бои и да црта зашто со тоа многу ги мачеле, како што вели, во градинка. Но, потоа секоја вечер почна да прашува дали наредното утро ќе оди во градинка кај другарите, ми раскажуваше што ќе игра со другарите, што ќе јаде… Секој ден беше сè потажен, па почнавме да им се јавуваме на некои другарчиња од чии мајки имавме броеви, па дури и на учителката. Начинот на игра преку „Вибер“ е ваков – едниот скока на кревет од едната страна, па чека да скокне другиот од другата страна на екранот. Интересно му е што излегува како да му дошле другарчињата на гости, им ги покажува играчките, неговата соба, па се радуваат ако имаат исти играчки итн. – вели Ирена Ковачевска.

За што сè може да разговара дете од пет години

Петгодишната Ана од Скопје умее сама да се заигра, да смислува игри, но сепак ѝ недостига градинката. Нејзината мајка Наталија вели дека таа бара речиси секој ден да се слушне и да разговара со неколку свои другарчиња од градинка, како и со својата 8-годишна братучетка која живее во странство.

– Ја радуваат овие разговори. Да се изначудиш за што сѐ може да разговара дете на пет години. Си ги местат телефоните и си покажуваат како си играат. Зборуваат за книги, за цртани филмови, за градинката на нашата ќерка, за домашните задачи на братучетка ѝ, крои планови за летен одмор, дека не можат кај баба и дедо поради полицискиот час, за тоа дека брзо ќе завршело сето ова со коронавирусот… И ние се надеваме дека брзо и добро ќе се заврши и дека ќе се вратиме во нормала, и ние и децата – вели Наталија.

Сирма и Галена се ќерки на актерите Маја и Зоран Љутков. И двете посетуваат градинка и периодов најмногу се радуваат на задачите од градинката и им се први на листата со активности. Најмногу им недостига градинката, а и нивните другарчиња и учителки.

– За среќа, да го ублажиме тој недостиг, групите на родители од градинка функционираат совршено, па така нашите деца си праќаат фотографии, видеа, се случува да побараат и да се чујат преку видеоповик и тогаш на среќата ѝ нема крај. Ние ја имаме среќата карантинот да го поминуваме во нашата викендичка во с. Габрово, Гевгелиско. Галена и Сирма по цел ден се надвор, времето го поминуваме во играње разни игри надвор, имаме активности како планинарење, откриваме разни споредни патеки по ридовите, собираме цвеќиња, се запознаваме со инсектите, вежбаме вежби за истегнување и одржување физичка кондиција, што им ги даде учителката по балет – вели Маја Љутков.

Сестрите Сирма и Галена си разменуваат фотографии и видеа со другарчињата

Учителке, кога ќе одиме во градинка?

Александра Ицковска е воспитувачка во градинка во населбата Бутел и мајка на три деца. И таа уочува дека играта најмногу им фали и дека дечињата сакаат да ѝ се јават, да ја прашаат што прави, да ѝ раскажат што си прават по дома.

– Но, сепак, на крајот од секој разговор неизбежно е прашањето: „Учителке, кога ќе одиме во градинка? Зависно од возраста, некои знаат дека седат дома бидејќи може да се разболеме, има други болни, некои прашуваат до кога ќе бидат болни другите, нека оздрават, па да може да одиме во градинка или, пак, прашуваат: „А зошто се разболеле? Некои, пак, од родителите, претпоставувам за полесно да се справат со прашањата од типот „1000 зошто – 1000 затоа“, на прашањата од нивните дечиња им одговориле дека учителката им е на одмор, па знаат да им одговорат: „Многу долго е мојата учителка на одмор, ајде да ѝ кажеме да се врати, па да ме однесете во градинка“. Некои дечиња мислат дека другите деца се во градинка, а тие не одат, или пак ќе ми се јават и ме прашуваат што прави некое нивно другарче – раскажува Ицковска.

Александра Ицковска

Група од градинката „Кочо Рацин“ во Центар буквално слави родендени преку „Скајп“. Малиот Михаил има пет години и му недостига друштвото, а бидејќи нема брат или сестра, кај него е поизразено, вели неговата мајка Соња.

– Играме со него, го занимаваме, но очигледно не сме му доволни. Првите две недели од карантинот му беше забавно што е дома, но потоа почна да ги бара другарчињата од градинка, децата на нашите пријатели. Овој проблем го споделија и други родители од групата од градинка. Затоа решивме да направиме скајп-група, па да си се слушаат и гледаат одвреме-навреме. Но, сега нема ден, а некој да не заѕвони. Си прават муабети, таму славиме родендени, буквално се дуваат свеќи, се дотеруваме исто како да сме на забава. И многу му е полесно. Си зборуваат што направиле во текот на денот, што гледаат, си ги покажуваат играчките… Снимаат и видеа со пораки за сите другарчиња, па ги споделуваме во групата. И секое видео завршува исто: „Ве сакам, другарчиња!“ – вели Соња.



912

X