Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Имам две деца, на возраст од 17 и 10 години. По долг период се одлучив да се обратам за помош бидејќи претходно со кого и да разговарав, добивав одговор дека немам потреба од психолог, со што лично не се согласувам. Станува збор за помалото дете, машко на 10-годишна возраст. Имено, пред три години го променивме местото на живеење. По една година го променивме и училиштето бидејќи претходното беше далеку, а во населбата во која живееме има училиште. На почеток немавме никакви проблеми, детето се приспособи и беше добро прифатено од страна на сите. По извесен период нештата почнаа да се менуваат, поточно, откако еден ден ми се јави учителката да ми каже дека детето е отсутно на час, со мислите, не е активно и сл., за потоа веднаш да ми ја даде нејзината ќерка на телефон на која ѝ требаше вработување, т.е. сакаше да се врати на работа во компанијата во која и јас работев на раководна позиција. Проблемот со детето го припишав на ненадејната смрт на мојот татко, која тој многу тешко ја доживеа и долго време ни беше потребно за да го надминеме тоа. Меѓутоа, како што поминуваше времето, нашето дете, кое во суштина е мирно дете, не е конфликтно, не се кара со деца, повлечено е и се срами да влегува во комуникација, почна да станува вознемирен, да не сака да учи, да не го сака училиштето, да не сака да чита. Не можевме да допреме до него на ниту еден начин. Истовремено, од страна на учителката беше претставен како проблематичен, иницијатор на проблеми и многу други работи кои за него не се својствени.

Во една пригода беше одведен и до педагогот на училиштето и опишан на многу непријатен начин, за потоа кога сопругот отиде да разговара, да излезе дека тој воопшто не бил иницијатор на проблемот што се случил, туку друго дете, ама учителката сепак само него го пријави и го однесе кај педагог без наше знаење. Следуваа низа непријатни ситуации кои направија детето да престане да го сака училиштето, да не сака да чита, да учи. Ја изгуби самодовербата и за себе често умее да каже дека е глупав, дека ништо не знае, ништо не разбира. Во неколку наврати учителката го повикувала и тивко му кажувала само него дека откако дошол, го растурил одделението. Колку тешки зборови се тоа за едно 10-годишно дете кое допрва треба да осознава, да учи и да стекнува самодоверба, која од сам почеток му е уништена. И однесувањето кон него е поразлично и поригорозно во однос на другите деца.

Ја следиме онлајн-наставата и лично се уверивме во многу од работите што се случуваат. Не го ставаме нашето дете на пиедестал дека е најдобро, најпаметно и сл. Како родители, реални сме и го знаеме неговиот потенцијал, меѓутоа ова што ни се случува ни прави големи непријатности и проблеми со нашето дете. Тој нема никаква поддршка, која на дете на таа возраст и тоа како му е потребна, а особено од неговиот наставник. Тоа однесување придонесе дел од децата лично да го навредуваат, да го нарекуваат глупав, да му изјавуваат дека никој од класот не го сака и слични работи, што сметаме дека не се во ред. Кога разговарам со него и го прашувам дали нешто го мачи, како одговор добивам: новото училиште, половина од децата во класот, односот на учителката кон мене, потоа следуваат сите оние секојдневни нешта во кои сме сите заедно, Ковид-19, досадно е, нема со кого да играм итн. Би сакала да ми дадете совет како е најдобро да постапиме во овој случај за доброто на нашето дете?

Прашува: мајка

ОДГОВОР: Напишавте многу информации. Вам веќе ви е познато што се случува во одделението на вашето дете. Вашето прашање: „Би сакала да ми дадете совет како е најдобро да постапиме во овој случај за доброто на нашето дете“ повеќе е како вам да ви треба поддршка да го направите чекорот во заштита на вашето дете. Впрочем, тоа е и улогата на родителот, да се грижи, да го штити своето дете од состојби во кое тоа не знае и не умее да се заштити, да го научи како да се брани од непријатни ситуации и кога нешто му е непознато, да има доверба да ви се обрати вам, на родителите.
На вашиот син му се случиле повеќе промени и загуба на дедо со кој имал голема врска. Овој период на 10-годишна возраст е и развоен период кога влегува во пубертет. На оваа возраст децата сакаат да стануваат посамостојни и експериментираат во своето осамостојување. Неговиот отпор е начин како да се справи со своите чувства на тага, страв или дека не е доволно добар. Раздразливоста на вашето дете е последица на горенаведените случувања. Затоа, поттикнувајте отворена комуникација со вашето дете, давајте му можност да ги изразува своите емоции и потреби и помогнете му да се изразува на прифатлив начин за себе и другите.

Со вашето дете треба да зборувате отворено за неговите силни и позитивни вредности што ги има. Колку многу вие верувате во него и во неговите постапки. Да го ставате во проблем-ситуации каде што тој самиот ќе носи одлуки и заклучоци како да се однесува во состојби кога друга личност ќе го стави во непријатна состојба или под притисок. Многу е важно кај детето да поттикнете чувство на контрола и моќност да влијае врз важни работи кои се однесуваат на училиштето, но и други ситуации во неговиот живот. Треба да го прашувате за неговите размислувања, ако е возможно, да ги уважите неговите предлози и да го пофалите неговиот труд. Кај вашето дете ќе се развива чувството на важност за себе и секојдневните одлуки, па и учењето. Многу е важно да ги согледувате околностите и да не попуштате за тоа што не е прифатливо. Носењето одлуки значи и соочување со последиците и учење за одговорност кон училишните обврски. На овој начин се развива внатрешната мотивација и не се дозволува надворешните фактори да влијаат врз успесите на детето.
Во учењето на далечина децата ја немаат возбудата на другарување и во оваа состојба им станува досадно бидејќи цело време во текот на денот се во ист простор, во домот. Учењето на далечина е приспособена замена, но не и училиште, а секако дава простор авторитетот на училиштето да биде намалено.

Побарајте разговор со учителката и отворено поразговарајте за горенаведените проблеми што ги посочивте. Верувам дека во училиштето има стручна служба со која треба да поразговарате. Доколку за одреден период нема подобрување, училиштето е под надзор на општината, Министерството за образование и, секако, Инспекторатот за образование. Верувам дека со поддршка на вашето дете, на неговата самодоверба, со многу разговор и градење доверба овие проблеми ќе ги надминете и нема да има потреба од обраќање на повисоки инстанци.

Одговара: Наташа Маџевска, психотерапевт, соработник на „Психотерапика“
е-пошта: nmadzevska@gmail.com psihoterapika@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.




912

X