Како да му помогнете на вашето дете? Речиси секој родител си го поставува ова прашање. Самото прашање покажува дека детето има проблем, дека тешко се справува со ситуацијата во која се наоѓа, дека е исплашено, луто, збунето, слабо концентрирано…
Првата реакција на родителите е обично страв, збунетост и неможност да се поднесе ситуацијата (професионално кажано „ниско ниво на фрустрациска толеранција“), што доведува до реакции кои се недоволно конструктивни и не ги даваат очекуваните резултати (брзи и ефективни), како и враќање на стабилноста.
Значи, што треба да прави родителот? Не е неопходно да се проучува големата педагошка и психолошка литература, иако е корисно да се информираат од автори кои тоа го постигнуваат со својата работа. Ова го потенцирам бидејќи денес има литература која е недоволно стручна, нуди лесни и брзи резултати или се базира на следење патолошки појави, кои секако постојат.
Еве неколку препораки за збунетиот, исплашен родител:
-Децата се природно силни и јаки и со поддршка можат да ги надминат тешкотиите без поголеми последици.
-Децата се истовремено и многу чувствителни, па поради недоволно знаење, физичка слабост и недостиг на животни вештини, покажуваат поинтензивен повик за помош. Изгледа како да се дават, но всушност се во плитка вода. Околу нив нема ајкули, иако понекогаш се чини дека е така. За водата да не стане подлабока и околината да стане опасна, сфатете го сериозно апелот на детето и посветете му време.
-Смирете се пред да започнете разговор со детето или да покажете каква било реакција. Применете некои од техниките кои досега биле ефективни за вас и научете некои нови. Смирете го дишењето, а тоа полека ќе ги смири вашите мисли и ќе го намали интензитетот на вашите емоции. Замислете скала од 1 до 10 и означете ги вашите емоции на неа. Реагирајте само кога ќе дојдете до цифрата 2 и подолу. Дотогаш, изберете тишина. Кажете му на вашето дете дека ви треба малку време да се подготвите да разговарате со него. Доколку детето е вознемирено, плаче, вика и слично, поканете го да дојде во ваша прегратка, смирете се заедно и почекајте поволен момент. Ќе почувствувате кога тој момент ќе дојде.
-На родителите понекогаш им е тешко да се одвојат од детето, особено во ситуации кога тоа има проблем, па често ја користат заменката НИЕ. Препознајте го тоа во себе и обидете се да ја замените со заменките ЈАС и ТИ. Користете го името на детето во разговорот, секогаш кога е можно.
-Направете поволна атмосфера за разговор: никој да не ве вознемирува, да не ви го одвлекува вниманието – телевизорот, мобилниот телефон, ручекот што го готвите, алиштата што ги пружате… Дозволете си време за разговор – минимум 10 минути, а максимум 30.
-Контролирајте ги гневот, иронијата, сарказмот, метафорите, прекорите, намалувањето на тешкотиите, минимизирањето на проблемите што ги има детето.
Ви предлагам да запишете, да научите и да ги следите следните чекори во комуникацијата. Пробајте ги во времетраење од еден месец. За тоа време ваквиот начин на комуникација ќе ви стане навика, што значи дека автоматски, без размислување, ќе ги имате овие чекори во вашата комуникација. Бидете научник и проверете го нивниот ефект врз односот помеѓу вас и вашето дете.
Чекорите се следните:
Валидација на ситуацијата – внимателно слушајте што има да каже детето за тоа што се случило, што го загрижува и како се чувствува. Бидете му пријател – внимателен, нежен, трпелив, охрабрувачки настроен (на пример: „Драга моја Надја, би сакала да ми кажеш што се случи на училиште денес на час по англиски јазик. Како се чувствуваше? Дали нешто те загрижува?“).
Нормализација – истакнувајте дека понекогаш се случуваат такви ситуации и дека и вие имате сличен пример од вашето школување – личен пример или пример на некој ваш познајник.
Охрабрување – кажете дека мислите оти тој/таа може да го реши проблемот („Мислам дека можеш да се справиш со тоа, дека работите можат да се подобрат“.).
Зајакнување – посочете дека ситуацијата или проблемот не се решаваат лесно и брзо и дека сте тука да дадете поддршка, дека ќе бидете подготвени да помогнете.

Проширување на можностите – укажувајте на можни начини како да се подобри ситуацијата. Набројувајте начини, а со тоа исто така му давате можност на детето да дава и свои предлози. Важно е да не се изгуби од вид почетната состојба и да се понудат решенија поврзани со постојната ситуација (на пример: промена на начинот на учење, промена на некои навики како што се поминување долго време на телефон, создавање услови за работа, намалување на дополнителните обврски).
Конкретна стратегија – избор на едно од решенијата и креирање стратегија поврзана со него (на пример: подобрување на техниката на учење – што е проблемот во сегашната техника, што да се воведе како новина, кој ќе помогне, кога ќе се провери ефектот итн.).
Автор: Живкица Ѓорѓевиќ/ специјалист за училишна педагогија