Десетина деца седат во круг кога ѕвончето ѕвони. Наместо да брзаат да стигнат на наредниот час, тие ги затвораат очите.

– Подигнете ја раката кога повеќе не слушате звук – вели нивниот наставник, држејќи пар бронзени чинели.

Во „Ден Гроне Фрисколе“ во Копенхаген, едуцирањето на децата за свет кој е под влијание на климатските промени почнува со поставување на децата во вистинската насока. Часовите во ова училиште вклучуваат урбано земјоделство и често почнуваат со обука за свесност.

– Размисливме за тоа што треба да научат децата за да земат учество во зелената транзиција низ која ќе поминуваме – вели Фи Амбо, дански режисер, кој го основал училиштето во 2014 година заедно со американската преведувачка Карен Меклин.

– Треба да научат да бидат храбри и да ризикуваат. И треба да научат некои основни работи за планетата и како ние постоиме заедно како човечки суштества. Тоа не можев да го забележам во другите дански училишта – додава тој.

За разлика од државните училишта финансирани од државата, ова училиште, каде што учат околу 200 ученици на возраст од 6 до 15 години – го става одржливото живеење во наставниот план.

На прв поглед, нема ништо невообичаено во училиштето. Има четири згради кои се наоѓаат во југоисточниот центар на Копенхаген. Но, неговата главна зграда, која е изработена целосно од одржливи материјали, располага со работилница во која учениците учат да шијат и да користат материјали како дрво, глина, восок, метал и пластика. Исто така, тие учат да работат со ѓубриво, да поправаат велосипеди и да собираат дождовници.

При обликувањето на наставната програма, основачот Амбо зел инспирација од „системите за размислување“ – начин на гледање на светот во однос на неговите основни модели и меѓусебно поврзани системи. Учениците се охрабруваат да размислуваат за овие системи во времето поминато на отворено истражувајќи го светот и да стекнат практично искуство за одгледување зеленчук, додека учат за растенија што се јадат и за климатските услови.

Една 12-годишна ученичка изјави дека е малку нервозна за иднината поради климатската криза, но научила многу во ова училиште.

Според заменик-директорката Сузан Крафорд, наставниот метод на училиштето комбинира учење базирано на проекти и размислување за дизајн. Со други зборови, не гледате наставници пред табла или ученици пред екраните. Наместо тоа, тие прават практични проекти што ги надгледуваат повеќе наставници и опфаќаат различни теми. На пример, децата учат како да бараат печурки што се јадат, потоа ги цртаат, пред да отидат во кујна и да ги приготват за јадење.

Школарината во училиштето е околу 350 евра месечно, а издвојува најмалку 5 отсто од својот буџет за да обезбеди стипендии за деца чии родители не можат да ја плаќаат школарината. Тоа значи дека учениците доаѓаат од широк спектар на социоекономски средини во Копенхаген.

Целта на училиштето е да им овозможи на учениците да извлечат свои заклучоци за светот. Но, има јасна цел кон каде да одат овие заклучоци.

– Им порачуваме на учениците: бидете критички настроени, размислувајте за себе и правете го она што го сакате – но ние сакаме да направите зелена транзиција. Тоа е предизвик – вели Дорти Јунџ, директор на училиштето.

Извор



912

X