Училиштето и учењето се голем дел од животот на децата и родителите, често се тема на семејни разговори и извор на разни емоции, како пријатни така и непријатни, а училиштето и одделението неретко се и „емоционални боишта“. Учениците доживуваат различни емоции во училишното опкружување – при испитувањето, во ходниците, во класот – а неретко ги носат и дома или од дома. Емоциите влијаат врз вниманието на детето, саморегулацијата на однесувањето, стратегијата за учење, изведбата, мотивацијата, развојот и здравствената состојба. За родителите да знаат како соодветно да реагираат на потребите на детето, важно е да имаат информација за начинот на кој различни емоции придонесуваат или го отежнуваат учењето. Од таа страна, потребно е да се препознаат емоциите што позитивно влијаат врз учењето и тие да се поттикнуваат, а, од друга страна, треба да се знае како да се намалат негативните последици од непријатните емоции и емоциите што спречуваат да се усвојат нови содржини.
Емоции поврзани со учењето – кои се и зошто се важни?
Емоциите можат позитивно или негативно да влијаат врз учењето, можат да бидат интензивни и зачестени или да се појавуваат поретко и со помал интензитет. Некои од емоциите поврзани со учењето се уживањето во учењето, надежта и гордоста поврзани со успехот, анксиозноста и срамот поради неуспех, изненадување, љубопитност, збунетост и фрустрации поради учење нови информации, олеснување по наоѓањето решение и слично. Дополнително, учениците често доживуваат и емпатија, на пример, кон ликот од приказната што ја читаат, или гадење при учењето за болести или делови од телото на животни. Љубовта, воодушевувањето и зависта се често присутни емоции во класовите и во училишните ходници, а со сигурност влијаат врз продуктивноста на учењето и резултатите што ги постигнува детето. Тие се особено важни за односот меѓу ученикот и учителот.
Изненадувањето, љубопитноста, збунетоста, па дури и фрустрациите можат да бидат исклучително корисни при учењето нови содржини, а дури и непријатните емоции како гадењето, зависта и анксиозноста можат да го поттикнат интересот на детето кон определена содржина. Тоа не значи дека непријатните емоции треба намерно да ги поттикнуваме, но понекогаш можат да бидат корисни, па кога ќе се појават, можат да се искористат на позитивен начин. Тоа често ја прави разликата дали определена емоција ќе ги унапреди или ќе ги уназади учењето и сигурноста на детето во себе. Идеално сценарио е детето да ужива во учењето, да е сигурно во себе и да е возбудено од содржината на материјалот. За жал, реалноста е таква што детето често е преоптоварено и содржините не му се интересни, досадно му е за време на наставата и не е мотивирано да ги извршува училишните обврски. Таквата ситуација може да биде извор на различни непријатни емоции, како лутење и фрустрација, но и извор на семејни кавги и конфликти.
Улогата на родителот
Родителите, пред сè, имаат задача да пружат модел на однесување, поддршка и заштита на своето дете, да му бидат поткрепа и да го насочуваат. Важно е родителите да ги разбираат емоциите и потребите на детето за да можат да му помогнат. Со оглед на тоа дека емоциите длабоко влијаат врз учењето и постигнувањата, обрнете внимание на емоциите што детето ги доживува на училиште или дома, а кои се поврзани со учењето, пишувањето задачи или разговорите за училиштето, што е нужно за здрава комуникација насочена кон благосостојбата на детето. Еве неколку совети како треба да му пристапите на детето:
1. Искористете го сопственото искуство од училишните клупи за да му се приближите на вашето дете. Потсетете се на сите емоции и ситуации што сте ги преживувале, како сте се справувале со нив, што ви помогнало, кој ви помогнал и слично.
2. Важно е на детето да му кажете дека верувате во него, дека го цените и го препознавате трудот што го вложува. На детето му треба вашето разбирање и сака да види дека сте заинтересирани за она што го преживува. Прашајте го како поминало на училиште наместо да го прашате каква оценка добило. Бидете топли, ненаметливи и отворени да чуете сè што детето сака да ви каже.
3. На грешките и на неуспехот треба да се гледа како на можност за учење и стекнување искуство, а не како на личен неуспех. Децата често мислат дека се лоши како личности ако добијат пониска оценка. Улогата на родителот е да им покаже дека тоа не е така!
4. Родителската љубов и наклоност никогаш не смее да се поврзат со училишниот успех. Вашето дете треба да знае дека го сакате без оглед на сè, иако очекувате одредени резултати.
5. Детето треба да знае дека ќе му помогнете кога ќе му треба помош, дека верувате во него и дека го следите како напредува. На тој начин му ја поттикнувате самостојноста, а му обезбедувате и сигурност.
6. Истакнете ги позитивните страни на детето – со тоа кај него ја градите самодовербата, а ја намалувате анксиозноста.
Понекогаш на детето му е тешко да се отвори и да каже што се случува, особено ако емоциите поврзани со училиштето се интензивни и непријатни, кога детето се чувствува како да е помалку вредно и дека нема да успее иако многу се труди. Клучот е кај детето да се развие чувство на сопствена вредност, доверба во сопствените способности, самостојност и самоувереност дека може да реши тешка задача, да научи тешко поглавје и да го положи испитот од кој се плаши – со доволно труд. Важно е детето да го доживее чувството на успех како последица на неговиот труд и залагање. Така ќе биде помотивирано и позадоволно и тоа позитивно ќе се одрази на учењето.
Ива Смолковиќ, магистер-психолог