Учете ги децата да си ги мијат рацете, особено по користење на тоалетот. Тоа е една од најбитните препораки кога станува збор за заразна жолтица (хепатит А), која се нарекува и болест на немиени раце, вели д-р Александар Стојанов од скопскиот Центар за јавно здравје. Вирусот на жолтица го има во фекалиите и долго време, и по неколку дена, опстојува во надворешна средина. Така, на пример, од квака на врата на која го има може да се разболат повеќе луѓе.

Заразната жолтица или вирусниот хепатит А (епидемиски хепатит) е акутно вирусно заразно заболување кој најчесто лесно се прележува, има ретки компликации и со ниска стапка на смртност.

Заболувањето се пренесува по фекално-орален пат. Станува збор за заразна болест која може да се појави спорадично или во епидемиска форма, особено во лоши санитарно-хигиенски услови, по поплави или други природни катастрофи.
Заразната жолтица, објаснуваат лекарите од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), се појавува во сите делови на светот, меѓутоа, ендемски (постојана присутност), со повремени епидемии почесто се јавува во послабо развиените или неразвиените земји во светот (на пр., земјите на Африка, на Блискиот и Далечниот Исток, во Јужна и Средна Америка).

Во развиените земји вирусниот хепатит А ги зафаќа сите возрасни групи, со тоа што детската возраст е најзастапена. Секоја четврта епидемија нема утврден извор на зараза.

Причинител на заразата

Вирусот на хепатит А е РНК-вирус и припаѓа на фамилијата Picornaviridae, кој по своите морфолошки и биохемиски својства е сличен на ентеровирусите.

Единствен резервоар или извор на вирусниот хепатит А е човекот, без разлика дали е заболен со типична, со нетипична клиничка слика или асимптоматска форма на заболување. Вирусот може да се најде во изметот, крвта, жолчката, а поретко и во урината на заболениот.

Период на заразност

Заболениот е заразен во текот на втората половина од инкубациониот период, кога нема симптоми на болеста и жолтило, а со појавата на жолтицата заразноста почнува да се намалува, односно трае неколку дена по појавата на жолтицата.

Како се пренесува

Главен пат на пренесување на оваа жолтица е фекално-оралниот пат, од човек на човек, односно директен контакт, кој се остварува преку раце контаминирани со фецес во кој се наоѓа вирусот. Се нарекува и болест на нечисти раце. Исто така, инфекцијата се пренесува и со индиректен контакт преку контаминирани предмети за лична или општа употреба.

Децата се најподложни на овој тип зараза, а заразната жолтица обично има поблаг тек и пократко трае. Појавата на вирусите зависи од санитарната состојба на околината, хигиенските навики и големината на групата која е во близок контакт (семејство, предучилишни, училишните установи и сл.). За разлика од земјите со низок хигиенски стандард, хепатит А во развиените земји, со подобри социо-економски услови на живот се јавува кај повозрасните категории.

Значаен пат на пренесување е водата, особено во околности на лошо водоснабдување (индивидуални водени објекти и помали локални, нередовно контролирани водоводи, особено по поплави или поголеми хаварии). Тогаш, објаснуваат лекарите, хепатитот А обично се јавува во форма на масовни епидемии со експлозивен карактер и ги зафаќа сите возрасни групи.
Храната е најредок пат на пренесување, обично онаа што не е термички обработена (на пр., салати, сендвичи, овошје, морски плодови и сл.) или термички обработена храна која е секундарно контаминирана од оние што ракуваат со храната (затоа е значајно здравствено да се контролираат лицата што работат со храна).

Имунитет

Имунитетот стекнат по прележаното заболување е траен, веројатно доживотен.

Знаци на болеста

Инкубацијата, односно времето кое поминува од моментот на влегување на вирусот во организмот до појавата на првите симптоми на болеста, изнесува од 15 до 50 дена (најчесто околу 30 дена).

Симптоми на болеста се: покачена телесна температура, слабост, губиток на апетит, гадење и повраќање, а понекогаш и пролив. Може да се јави болка под десниот ребрен лак, а по неколку дена од појавата на првите симптоми се забележува темна урина (боја на пиво), измет со светла боја и појава на пожолтување на кожата и белките на очите.

Најчесто симптомите исчезнуваат за 1-2 недели, но целосното закрепнување трае подолг временски период (4-6 недели).
Болеста може да има различен клинички тек, од асимптоматска форма (особено значајна за ширење на инфекцијата) или лесна клиничка слика до тешка форма, која може да трае и неколку месеци, но која е исклучително ретка. Симптомите на болеста зависат од состојбата на заболениот, но и од неговата возраст. Во детската возраст, особено во првите години од животот, болеста е блага, и често поминува незабележливо. Меѓутоа, инфекција кај возрасните лица може да добие потешка форма.
Болеста обично поминува спонтано, и никогаш не поминува во хронична форма.

Инфекцијата се потврдува врз основа на присуство на специфични антитела кои во крвта на заболениот се задржуваат 6-12 месеци по појавата на првите симптоми.

Лекувањето е симптоматско, се состои во намалување на температурата, одржување на електролитскиот баланс, строго мирување и соодветен диететски режим.

Заштита од жолтица

Основната превенција од хепатит А е иста како и кај другите цревни заразни заболувања, т.е. редовно одржување на лична и општа хигиена.
– Правилното миење на рацете со сапун и со хигиенски исправна вода по секое користење на тоалет, пред и во текот на подготвувањето на храната, како и пред секое консумирање намирници, сосема е доволно да се спречи контактното ширење на оваа инфекција. Исто така, важно е да се употребува хигиенски исправна вода за пиење и да се води сметка за хигиенската диспозиција на отпадните материи – објаснуваат од институтот.



912

X