Апелот го напишав во недела на полноќ после уште еден викенд кој мораше да се организира со воена стратегија, при што „домашните задачи“ се како нагазни мини околу кои мораш да се „движиш“, да планираш, вели мајката Ана Лазарова-Никовска
– Апелирам да им се врати барем викендот на децата, на школските деца! И тоа итно, да не се чека ниту второто полугодие! Сите истомисленици и засегнати родители, пишете каде да се обратиме, кој има слух за проблемот и ингеренција ефикасно и ефективно да го реши. Не пишувам мои мислења по разни теми на „Фејсбук“, но не можам ниту да гледам како децата упорно и тотално бесмислено се дават во домашни задачи во текот на целата седмица, а особено за викенд. Училиштето е место каде што децата треба да учат и да научат, а учењето е нивната работа. Не може да одат „на работа“ половина ден и да се очекува повторно да „работат“ попладне и навечер. Секој ден. И викенд, најголемиот грев.
Ова е само дел од статусот што на социјалната мрежа Фејсбук го сподели универзитетската професорка Ана Лазарова-Никовска и предизвика лавина од коментари со поддршка, како од родители така и од просветни работници.
Фото: Pixabay
Таа докторирала лингвистички науки на Универзитетот „Кембриџ“ во Англија и е редовен професор на Факултетот за странски јазици при Универзитетот ФОН. За Деца.мк вели дека апелот го напишала после уште еден викенд поминат и посветен само на домашните задачи.
– Ме поттикнаа детските изјави од типот: „Поубаво ми е во понеделник отколку во викенд зашто во понеделник можам повеќе да се одморам“. Апелот го напишав во недела на полноќ после уште еден викенд кој мораше да се организира со воена стратегија, во кој „домашните задачи“ се како нагазни мини околу кои мораш да се „движиш“, да планираш. Никако детето не може да си дозволи во сабота, на пример, да отиде и на Водно претпладне и во кино попладне зашто тоа автоматски значи дека во недела нема да смее да стане од столчето. Сметам дека е тоа крајно непотребно, штетно, нехумано. Нешто мора да се преземе, но навистина да се дејствува. Ова е рана во нашиот образовен систем. Таа рана ги боли најмилите, нашите деца, и итно мора да се лекува – ни изјави професорката Лазарова-Никовска.
Викендот треба да е резервиран за игра и одмор
Таа вели дека доколку надлежните се заинтересираат навистина да го решат овој проблем, со задоволство би се вклучила во работна група, како мајка на малолетни деца и професор (педагог).
Лазарова-Никовска смета дека попладнињата, вечерите, а особено викендите, сите деца треба да ги поминуваат со родителите, роднини, со другарчиња во неврзани дружења (а не за правење проекти и хамери кои никој не ги гледа, а само едно дете од тимот ги прави), да се надвор од дома, да го читаат и да го цртаат тоа што им се допаѓа.
– На крајот на краиштата, и ништо не правејќи, ете така да имаат време во една точка да си погледаат при крајот на денот, да ги заборават стресовите од школскиот ден, да мечтаат за нивниот иден ден, за животот. Со вакво темпо на претрупување со ретко кога интересни, мотивирачки домашни задачи, секојдневно им го кратиме детството, им ги кастриме крилјата, им ја отапуваме фантазијата, додека дојдат до факултет нема да сакаат книга да видат, сè ќе им е одмилено – револтирано вели оваа мајка.
Фото: Википедија
Давање обемни домашни задачи е застарен модел
Универзитетската професорка Јасмина Делчева-Диздаревиќ од Институтот за педагогија на Филозофскиот факултет во Скопје вели дека учениците треба да ги завршат сите обврски на училиште.
– Веќе ако им се дава домашна, таа никогаш да не биде во форма на оптоварување. Домашните задачи служат за да се развие чувство на одговорност кај ученикот. Само така ќе бидат ставени во функција на подобрување на знаењето. Ова е ставот на педагогијата. Но, секое чувство на оптоварување кај децата ќе создаде само отпор. А за домашна работа во викенд, за тоа воопшто не станува збор дали треба да го има. Не треба да го има. Давање домашни задачи во голем обем е застарен модел на подучување – објаснува таа.
На прашањето дали можеби наставната програма го бара тоа од наставниците, професорката вели:
– Нема никаква врска со наставната програма. Таа секако може да се организира до тој степен сѐ да се заврши во училиште. Кај нас, за жал, многу наставници токму домашната задача ја користат и како метод за казнување на учениците. Но, ова е контрапродуктивен метод. Ние треба да сфатиме дека со повеќе не се постигнува повеќе. Треба со помалку да постигнеме повеќе – вели Делчева-Диздаревиќ.
Професорката била вклучена и во подготовката на новите наставни програми од 1 до 3 одделение кои сѐ уште се заглавени во процедури.
– Во новите наставни програми до трето одделение воопшто не се предвидени домашни задачи за учениците, што значи дека ова ќе биде веќе регулирано. Но, само ако овие новини што ги подготвивме бидат дел од новите реформи во основното образование – објаснува професорката.
Ако наставниците ги следат упатствата, од БРО нема да има проблем
Зошто некои наставници им даваат премногу домашни задачи на учениците? Ова прашање им го поставивме на неколку просветни работници. Сите имаат сличен став – дека наставните програми се обемни, па немаат време на часовите да го преповторат материјалот.
– Едвај стигнуваме да ја предадеме целата материја согласно наставните програми. Јас лично давам домашни задачи за да бидам сигурна дека детето ја научило материјата, едноставно тоа е тест колку разбрало од материјалот. Им предавам на 35 ученици, невозможно е на час да ги следам сите. Потребна е итна промена во наставните програми, пренатрупани се, се учи тешка материја несоодветна за возраста, тоа е најголемиот проблем – вели наставничка од основно скопско училиште.
Училишниот педагог Убавка Бутлеска, пак, вели дека Бирото за развој на образование (БРО) во 2013 година издало Упатство за начинот и формата на подготвување, планирање, задавање, реализирање и следење на домашните задачи на учениците во основното образование.
– Тука има конкретни упатства и околу обемот на задавање на домашните задачи согласно возраста и сложеноста, па доколку наставниците се придржуваат до нив, не би требало да има проблем. Мислам дека во одделенска настава и нема некој проблем во однос на обемноста бидејќи домашните ги планира само еден наставник. Се усложнува во предметна кога секој наставник посебно задава домашна, ученикот има и многу повеќе за учење на лекциите (кои и обично не се сметаат за дел од домашната) – објаснува Бутлеска.
Извадок од Упатството на БРО
Што се однесува до тоа дали да има домашна за време на викендот, можеби и не е проблем доколку и тогаш е еднаква во обем како за другите денови, објаснува педагогот.
– Во тој случај учениците можат да ја завршат и во петокот или во саботата, но никако тоа да им го окупира целиот викенд и никако да е многу обемна бидејќи се два дена слободни, па ќе постигнат. При задавањето на домашната никако не смее да се заборави на принципите за одмереност и соодветност. И уште нешто што досега сум го забележала во практика и се покажало како точно – Англичаните го нарекуваат „less is more“, а применето во образованието значи дека нештото што треба да се научи треба да е што помалку, дозирано во помали порции, но смислено и соодветно на возраста – вели Бутлеска.
Неколку земји направија експерименти за укинување на домашните задачи, a некои, на пример, Финска, Јужна Кореја и Јапонија, имаат само еден до два часа во текот на неделата резервирани за домашна задача или во некои училишта воопшто немаат. Учениците од овие земји имаат многу подобри резултати на меѓународните тестирања, за разлика од земјите во кои учениците поминуваат повеќе часови пишувајќи домашна задача.
912