Децата доаѓаат од различни градови. Нивните патни трошоци најчесто се на товар на родителите. Некогаш е потребно да останат во Скопје и повеќе денови, особено за завршните подготовки пред заминувањето на олимпијадата. За сево ова нема системско решение, вели проф. д-р Зоран Здравковски

Предлог-законот за основно образование предвидува делумно решавање на проблемите на учениците и менторите кои се натпреваруваат на меѓународните олимпијади, но во оваа форма е целосно нефункционален, велат универзитетски професори кои се директно вклучени во подготовките, организирањето и учеството на меѓународни натпревари.

Тројцата претседатели на здруженија акредитирани од Министерството за образование и наука (МОН) да ги подготвуваат учениците за натпреварите по природни науки, професорите д-р Зоран Здравковски од Сојузот на хемичари и технолози на Македонија, д-р Сузана Ќофкаровска-Диневска од Македонското биолошко друштво и доц. д-р Ламбе Барандовски од Друштвото на физичарите на Република Македонија велат дека клучни фактори не се вметнати во нацртот. Тие своите опширни забелешки ги испратија и до Единствениот национален електронски регистар (ЕНЕР).

Доц. д-р Ламбе Барандовски (лево) со тимот на една од меѓународните олимпијади по физика

Професорите го поздравуваат донесувањето на нов закон за основно образование зашто со него ќе се решат многу проблеми, ќе се унапреди и подобри основното образование. Сепак, велат дека се неопходни измени во предлогот. Се задржуваме на меѓународните натпревари и научни олимпијади со кои здруженијата мака мачат со години. За да стигнеме до меѓународните, мора да тргнеме од општинските, регионалните и државните натпревари регулирани во членот 40 од нацрт-законот. Со овој член МОН го утврдува начинот и кој сè може да организира натпревари по одделни предмети кои се изучуваат во основните училишта.

Барандовски вели дека не секое здружение што постои повеќе од три години има капацитет да спроведе вакви натпревари на целата територија на Македонија, на сите наставни јазици.

– Треба да се посочи дека предност секогаш имаат здруженијата кои со децении наназад организирале вакви натпревари, во случај повеќе здруженија да аплицираат на конкурсот за акредитација. МОН во законот треба да се обврзе дека секоја година ќе обезбеди буџет за организирање и спроведување на натпреварите и парите директно да ги уплаќа на сметката на здруженијата. Зашто натпреварите ги организираат непрофитни организации, чие финансирање во последниве години е исклучително тешко. МОН може да ги преземе искуствата од Хрватска каде што државата целосно го финансира организирањето на натпреварите на три нивоа и ги покрива трошоците за учество на меѓународни олимпијади по математика, природни науки и по информатика – објаснува Барандовски.

Бројката од 10 ученици е произволна

Тој ја поздравува стимулативната мерка паричнo да се наградуваат учениците и менторите-наставници кои на натпреварите освоиле прво место на државни натпревари, но предлага соодветно да бидат наградувани и тие што освоиле второ и трето место. Потенцира дека треба да се задржи досегашната практика натпреварите да ги организираат здруженијата на наставници според критериуми и правилници кои самите ги донесувале, но за сите да постојат заеднички критериуми во изведувањето на натпреварите.

Барандовски го коментира членот 41 од предлог-законот како обид да се регулираат одредени аспекти поврзани со учеството на нашата држава на меѓународните натпревари.

– Загрижува што предлагачите воопшто не се консултирале со здруженијата што ги спроведуваат натпреварите и ги избираат учениците кои потоа се натпреваруваат на олимпијадите. Многупати сме ја искажале својата подготвеност да му помогнеме на МОН со закон да ја регулира оваа проблематика онака како што е направено во развиените земји. Така задоволни ќе бидат олимпијците, кои достоинствено ќе ја претстават нашата држава, а ќе бидат заштитени и државните интереси – вели Барандовски.

Доц. д-р Миха Буклески и проф. д-р Марина Стефова од СХТМ, ментори на учениците на една од меѓународните олимпијади по хемија

Во нацртот пишува: „..на барање на акредитирани здруженија на наставници, МОН може во текот на една учебна година да ги покрива трошоците за котизација, пат, храна и сместување на најмногу 10 ученици и по еден нивен ментор за учество на по еден меѓународен натпревар кој се одржува во странство од областа за која се акредитирани“.

– МОН во законот треба да се обврзи дека задолжително ќе ги намирува трошоците за котизација и пат на учениците и менторите што ќе ја претставуваат Република Македонија на меѓународна олимпијада. На овие натпревари не постојат трошоци за „храна и сместување“, туку исклучиво трошоци за котизација, пат и понекогаш визи за одредена држава. Бројката од 10 ученици е произволна и треба да се замени со 6 ученици или „онолку ученици колку што е максимално предвидено според организаторот“. Вџашува фактот што се предвидени трошоци за само еден ментор на тимот! Не постои меѓународна олимпијада на која тимот го води еден ментор! Во правилниците е наведено дека водачи се секогаш двајца, со исклучок на Меѓународната јуниорска олимпијада по природни науки каде што организаторот задолжително наложува учениците да бидат предводени од по еден ментор за секоја научна дисциплина – физика, биологија и хемија. Решението е едноставно: „Министерството, на барање на акредитирани здруженија на наставници, во текот на една учебна година ги покрива трошоците за котизација и пат на најмногу 6 ученици и на најмногу три нивни ментори за учество на по еден меѓународен натпревар кој се одржува во странство од областа за која се акредитирани“ – објаснува Барандовски.

Поразителни пропусти

Претседателите на научните друштва велат дека поразително е што во предлогот повторно се изоставени трошоците за подготовки на овие натпревари. Водени од искуството со подготовките за Меѓународната јуниорска олимпијада по природни науки, тие заклучиле дека во сегашната ситуација во која се наоѓаат основните училишта и наставниците што работаат таму, единствениот начин за подготовката на овие ученици е преку ангажирање членови на здруженијата кои работат на високообразовните институции во државата.

– Ги користиме лабораториите и ресурсите од институтите за физика, хемија и биологија при Природно-математичкиот факултет во Скопје. Не постои успешно учество на олимпијада без правилна подготовка на учесниците. А за правилна подготовка потребно е ангажирање на луѓе и ресурси. Затоа МОН во законот треба да предвиди во посебен став дека по барање на акредитирани здруженија на наставници, во текот на една учебна година ќе ги покрива трошоците за подготовка на учениците за учество на по еден меѓународен натпревар кој се одржува во странство од областа за која се акредитирани – велат тие.

Проф. д-р Зоран Здравковски

Професорот Зоран Здравковски објаснува дека учеството на меѓународни олимпијади е голем предизвик за учениците и бара исклучителни подготовки. Нивото на знаења кое се бара го надминува она што се учи во редовната настава. Затоа селекцијата на екипата се прави порано, а потоа избраните ученици се подготвуваат со водачите на екипата-менторите на тимот (вообичаено универзитетски наставници или соработници).

– За да се достигнат потребните теоретски знаења и практични вештини, овие подготовки траат и повеќе месеци. Тие се одржуваат во нашите лаборатории, каде што се и седиштата на здруженијата на хемичарите, физичарите и биолозите. За здруженијата не се само голем проблем трошоците за котизација и патување на олимпијадите. И подготовките чинат. Наставниците и соработниците од факултетот доброволно и со голем ентузијазам ги подготвуваат учениците. Но, за експериментална работа се потребни и опремени лаборатории со лабораториски прибор, инструменти и супстанции, кои не секогаш се достапни. Учениците доаѓаат од различни градови. Нивните патни трошоци најчесто се на товар на родителите. Некогаш е потребно да останат во Скопје и повеќе денови, особено за завршните подготовки пред заминувањето на олимпијадата. За сево ова нема системско решение. Родителите и менторите се снаоѓаат. Затоа поддршката за учество на меѓународни натпревари треба да опфати: поддршка за подготовките на екипата, регулирање на котизацијата и патувањето на екипата и доделување  заслужена награда за освоен медал на меѓународен натпревар од ранг на светска олимпијада на ученикот што ја освоил и на оној/оние што навистина и непосредно ги реализирале подготовките за олимпијадата – вели Здравковски.

Годишни награди за стимулација на учениците

Професорката Сузана Ќофкаровска-Диневска објаснува зошто е невозможно бројот на ментори на меѓународни натпревари да се ограничи само на еден.

– Тоа се лица што учествуваат во целата организација на подготовките на тимот на институтите, присутни за цело времетраење на олимпијадата, ги преведуваат задачите и тестовите, учествуваат на модерациите, доставуваат приговори и за сите активности на олимпијадата, добиваат сертификат како ментор од Одборот на олимпијадата. На пример, според правилата на Меѓународната јуниорска олимпијада по природни науки (International Junior Science Olympiad -IJSO), неопходно е три ментори/водачи да бидат присутни во текот на натпреварот (физичар, хемичар, биолог) – објаснува Ќофкаровска-Диневска.

Проф. д-р Сузана Ќофкаровска-Диневска, претседателка на Македонското биолошко друштво

Конкретно за оваа олимпијада наменета за ученици до 15 години – ги подготвуваат претставници од сите три здруженија. Од друга страна, секое здружение е акредитирано за меѓународни олимпијади по соодветниот предмет за средно образование (ученици од 16 до 20 години).
– Затоа неопходно е да се поддржи учеството на по една олимпијада од двете нивоа. Има континуитет – вели Ќофкаровска-Диневска.

Бидејќи на меѓународните олимпијади не се освојуваат места, туку се добиваат медали, здруженијата предлагаат МОН за освоена прва, втора или трета награда (златен, сребрен или бронзен медал) на меѓународен натпревар на ученикот и на наставниците поединечно да им се доделува парична награда од една цела просечната нето-плата за златен медал, 80% за сребрен и 60% од просечна плата за освоен бронзен медал во текот на 12 месеци.

– За освоен медал во Република Македонија спортисти се квалификувале дури и за доделување државна пензија. Ова ќе биде дополнителен мотив за работа и напредок не само на учениците, туку и на луѓето што работат на нивната подготовка. Предлагаме МОН да потенцира дека сите ученици на кои државата им ги покрила средствата за учество на меѓународна олимпијада да се обврзани своето средно образование да го продолжат во државните училишта во земјава. Во спротивно да наложи враќање на парите – вели Барандовски.



912

X