Дел од просветните работници сметаат дека книшките како документ за педагошка евиденција имаа поголема тежина, други дека евидентните листови се попрактични и електронското следење на успехот на учениците е подостапно за родителите

Старите ученички книшки – мали колку тетратки, а со големо значење можеа да бидат лесни како пердув ако во нив беа нанижани петки или тешки како камен ако имаше понекоја единица. Се делеа на крајот од првото полугодие, за време на зимскиот распуст. Добрите ученици со насмевки заминуваа дома кај родителите да се пофалат со успехот, послабите со наведната глава, а понекогаш некој ученик знаеше и да ја сокрие книшката за да ги избегне прекорите. Со еден збор – значеа настан и за учениците, и за наставниците, и за родителите.

Ова се дел од сеќавањата на повозрасните генерации кои како ученици на крајот од првото полугодие добиваа ученички книшки со постигнат успех. Книшките ги нема веќе со години. Нивното место го зазедоа евидентните листови. Книшките содржеа дваесетина листа и во континуитет го следеа успехот на ученикот низ целото основно или средно образование, евидентните листови се на еден лист хартија и се однесуваат на тримесечје или полугодие.

Евидентните листови за првото полугодие учениците ги добиваат во второто

– Полугодишните евидентни листови ги добиваме на почетокот на второто полугодие, а се однесуваат на првото. Сепак, претходно преку е-дневник по електронски пат сме известени за успехот на ученикот. И класниот раководител преку интернет ни праќа фотографија од листовите. Информирани сме редовно, но како да се изгуби магијата на настанот кој требаше да биде круна на првото полугодие – вели Јелена Радевска, мајка на ученичка од Охрид.

За сегашните генерации ученици, кои од почетокот на образованието добиваат оценки во евидентни листови и живеат во светот на интернетот, не е важно на што е напишана оценката.

– И онака на школо ни велат дека не треба да учиме за оценки, туку за знаење, тогаш што има важност на што се напишани и кога ќе се подигнат? Важно е преку нив да биде реално вреднувано нашето знаење, да нема протекции, врски – велат повеќе средношколци од Битола.

Меѓу просветните работници има поделеност. Едни се за книшки, други за евидентни листови.

Ученичката книшка се чува цел живот

– Порано, сите што учевме осмолетка имавме ученичка книшка – трајно сведоштво за постигнатиот успех на училиште. Денес, таа ученичка книшка е заменета со евидентен лист хартија, кој од печатен, сега се користи како електронски достапен и видлив за родителите. Ученичката книшка не бледнее, таа се чува целиот живот – посочува Александар Адамовски, професор по македонски јазик.

Марија Младеновска-Димитровска, стручен соработник-психолог од училиштето „Таки Даскало“ од Битола, смета дека иако податоците во евидентните листови генерално се истите како и во ученичките книшки, сепак, поголема тежина како документ имаше книшката. Во неа се внесуваа повеќе податоци, успехот, педагошките мерки, податоци за пофалби, награди…

– Самиот изглед на ученичката книшка даваше поголема тежина како документ отколку евидентниот лист, кој се доживува како обичен лист хартија – вели Младеновска-Димитровска.

Наместо средени дневници – збир од обични ливчиња хартија

Таа посочува дека оваа учебна година се исфрли од употреба и дневникот за работа на паралелката, па така сега дневниците се водат само во електронска форма, а од страна на класните раководители се отпечатуваат на хартија на крајот на секој месец во наставната година.

– И оваа измена наиде на негодување од страна на наставниот кадар, иако се сметаше дека со исфрлањето на книжниот дневник за паралелката ќе им се олесни работата на наставниците, ќе се оди во насока на дигитализација на водењето на педагошката евиденција и документација, сепак, во практиката секогаш електронскиот дневник и електронското евидентирање на податоците не одат без проблеми. Често се случува податоците во електронскиот дневник да се избришат, да не можат да се внесат поради проблеми со системот или да се дуплираат, особено оценки, што ја отежнува и забавува работата на наставниците – вели психологот Младеновска-Димитровска.

Така, сега наместо убаво средени дневници во кои ги имавме на увид сите податоци за паралелката, вели психологот, имаме збир на обични ливчиња хартија.

Преку електронскиот дневник родителот има увид во постигнувањето на ученикот

Одделенската наставничка Гордана Угриновска-Марковска од ОУ „Елпида Караманди“ во Битола, повеќепати наградувана како еден од најдобрите просветни работници во земјава, смета дека се оправдани новите начини за оценување и евидентирање за разлика од поранешните ученички книшки во кои можеа да се евидентираат само бројчени оценки за прво полугодие.

– Наставниците континуирано ги следат постигнувањата на учениците, ги прибираат доказите во ученичкото портфолио и оценуваат врз основа на прибраните сознанија преку разновидни проверки на знаења. Притоа целосно се почитуваат пропишаните стандарди и критериуми од Бирото за развој на образованието. Наставниците континуирано ги евидентираат оценките во нивните евалуациони листи, потоа се внесуваат во е-дневникот до кој родителот има пристап, за да ги прочита и да ги потпише, а со тоа наставникот добива информација дека родителот е информиран за постигнувањата на своето дете во повеќе периоди. На тој начин родителот има увид во постигнувањата на своето дете преку електронскиот дневник, оценки, редовност, поведение. Се надевам дека со текот на годините евидентните листи ќе си ја оправдаат својата функција – вели таа.

Секоја генерација си има свои спомени и навики

Психологот Лидија Споа од гимназијата „Јосип Броз-Тито“ во Битола смета дека секое време си носи одредени промени, спомени и навики.

– Старите добри ученички книшки, со бордо или црвена боја и слика на ученикот на првата страна… Кој би можел да ги заборави? Потсетуваа на мало тетратче во кое наставниците ги пишуваа оценките, изостаноците и поведението, а учениците ги носеа дома за потпис од родителот. Тие што имаа петки, во книшката можеше да се изненадат и со „некој денар“ од родителите, баби, дедовци, тетки и сл. Секое време си носи одредени спомени и навики. Секоја генерација е поразлична од другата. Образованието напредува и се осовременува, па така книшките се заменети со евидентни листови, како и електронски дневник во кој родителите добиваат информации за успехот на своите деца. И книшките и евидентните листови ја имаат истата намена, но некако како книшките да беа посимпатични и попрактични – вели Споа.



912

X