Како е да се биде наставник во време на Ковид-19, со што се соочуваат учениците? Дали и колку ефикасно учат децата кога се дома од она што им се задава како задача? Како на сето ова гледаат наставниците и кои се нивните предизвици, разговаравме со дел од нив

Во време на пандемија, кога училиштата не работат, предизвиците со кои се соочуваат и наставниците и учениците се огромни. За да не трпи наставата, надлежните најавија учење на далечина, т.н. Е-училница која треба да придонесе да продолжи образовниот процес. Како е да се биде наставник во време на Ковид-19, со што се соочуваат учениците? Дали и колку ефикасно учат децата кога се дома од она што им се задава како задача? Како на сето ова гледаат наставниците и кои се нивните предизвици, разговаравме со дел од нив.
Искуствата од терен покажуваат што е она на кое требало системски да се работи години наназад.

Децата немаат соодветна ИКТ-технологија

Зорица Милкова е одделенска наставничка во Основното училиште „Тошо Велков-Пепето“ во Кавадарци и вели дека реализацијата на онлајн-наставата за неа претставува предизвик.

– Ова ми е првпат самостојно да се обидам и воедно да успеам сама да инсталирам програми преку кои на моите ученици колку-толку ќе им го олеснам учењето во домашни услови. Меѓутоа, проблеми има. Поголем дел од моите ученици немаат соодветна ИКТ-технологија за следење на онлајн-настава, па за нив морам да организирам друг вид помош (наставни листови кои ги печатиме во училиштето и во договор со родители се преземаат во определено време), договори и насоки преку фејсбук-група, договори и насоки преку „Вибер“, па и преку телефонски разговор. Онлајн-наставата не е едноставна. Што е со колегите што имаат многу поголемо искуство од нас, младите, а немаат доволно развиени ИКТ-компетенции? Многу често знае да се случи и во текот на онлајн-часот да снема интернет, па да се наруши текот, па следуваат дополнителни прашања. Дел од учениците немаат ни интернет – предупредува Милкова.

Таа смета дека далечинското учење во никој случај не може да ја замени вистинската училница.
– На учениците им треба и насмевка и пофалба. Присуството на наставникот е незаменливо. Кога има онлајн-настава, прашањата се ограничени, а јас како наставник немам детален преглед во сработеното од страна на учениците. Немаме ни помошни нагледни средства за појаснување, кои се многу значајни за учениците во нижите одделенија – вели наставничката.

Милкова додава дека учењето со неа не запрело кога се затворија училиштата.

– Прво им давав насоки за вежби преку фејсбук-групата (повторување на материјалот), а потоа преку онлајн-настава (Скајп) почнав со обработка и на нови содржини. По извесно време и следење на вебинари ја усовршив алатката ZOOM, која нуди интерактивно учење, а исто така се вклучив и во онлајн-снимањето на часови за потребите на Е-училницата преку OBS програмата. Кај помалите ученици има ефект, секојдневно се споделуваат домашните задачи во Google classroom или на фб-група, им давам писмена повратна информација за сработеното и насока како да се подобри доколку има потреба. Но повторно ќе нагласам, многу тешко оди со учениците што немаат интернет, ниту компјутери, таблети и смартфони. Со нив се слушам по телефон и навистина тешко можам да дадам повратен коментар во однос на изработената задача – вели наставничката.

Родителите да не ги оптоваруваат децата

Јадранка Клисарова, долгогодишна наставничка во Основното училиште „Блаже Конески“ во Аеродром, смета дека во овие тешки моменти навистина треба да останеме свесни за тешката состојба.

– Моите родители и ученици ги молам сите заедно да останеме најпрво смирени, да ги почитуваме препораките од Владата, да се грижиме за семејствата и секако на крај нешто да учиме. Оваа тешко ми паѓа лично мене, а и на сите вас. Во ова тешко време се појавуваат разни образовни емисии, платформи, страници и не знам уште што. Уште од првите денови на појавата на коронавирусот стапив во контакт со родителите на заедничка социјална мрежа и почнав да им давам некои едноставни упатства. Им кажував да ги остават децата да бидат деца, да разговараат, да играат со нив карти, некои игри со погодување, раскажување поучни приказни. Секое утро во 10 часот на МТВ да ги следат едукативните емисии што ги подготвуваат наставници. Да ги следат само упатствата што им ги давам преку системот даден од Општина Аеродром – Google Classroom и на нашата група на Фејсбук – изјави наставничката.

Јадранка Клисарова

За тоа како функционира наставата, Клисарова вели дека црпи материјали за работа од повеќе места, меѓу кои и од eduino.gov.

– Родителите ги советувам на своја рака да не земаат премногу материјали од разни платформи и да ги оптоваруваат децата затоа што така не прават добри дела, туку ќе направат поголема мешаница во нивните мали умови. Работам според програма дадена од БРО и МОН и таа се реализира во определен временски период. Секојдневно ги следам сите нови сознанија и препораки од МОН. Во овие тешки моменти за човештвото, уште потешко за учениците кои не можат да ја разберат тежината на вирусот, сме ставени пред голем предизвик и ние наставниците како да ја продолжиме нашата работа далеку од училницата. Ако досега велевме дека е прекрасно и тешко да се работи со ученици, сега слободно можам да кажам дека е уште потешко да работиме со учениците надвор од училницата. Ние, наставниците, даваме сè од себе за да го продолжиме образованието во оваа вонредна ситуација, со надеж да останеме со добро здравје до следно видување – вели Клисарова.

Помалите деца не знаат да управуваат со компјутер, а многумина и немаат

Наставничка по англиски јазик во основно училиште во Битола вели дека со оглед на тоа што ситуацијата налага да се однесуваме и да живееме во поинакви услови отколку што сме навикнати, од наставниците се бара да се приспособат онака како што умеат.

– Уште пред Министерството за образование и наука да излезе со уредба за онлајн-настава, ние самостојно ги контактиравме учениците за да им доставиме материјали за учење. Проблемот на кој јас лично наидов особено во комуникацијата со учениците од пониските одделенија беше нивното незнаење да раководат со компјутер, односно основните компјутерски вештини: отворање на документ во „Ворд“, отворање презентација во „Павер поинт“. Да не зборувам за огромниот предизвик со кој се соочивме кога ни беше наложено да одржуваме онлајн-часови на одредено место. И родителите, и учениците, и наставниците не се снаоѓаат лесно – вели таа.

Додава дека голем дел од децата, особено во руралните средини, немаат компјутери, интернет и слични уреди. Што со овие деца? Дали овие деца нема да следат настава, а другите ќе следат? Како ќе им се надомести ним и како тие деца ќе бидат оценети?

Сега не е време да се брза

Децата сакаат работи што им даваат чувство на сигурност, тоа е најважното сега за нив. Ако системот не може да гарантира дека сите алатки за онлајн-настава им се достапни на сите ученици и наставници, не треба да се прави притисок ниту врз учениците и родителите ниту врз наставниците, со оценување и со контроли, кој колку бил активен. Ова е ставот на експертот за образование проф. д-р Кирил Барбареев од Факултетот за образовни науки при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, кој потенцира дека онлајн-наставата не е само во домот да се има добар интернет и компјутер, туку таа е многу повеќе од тоа.

– Потребно е време и обука за ваква настава во нашиот систем. Реално, ние како образовен систем малку сме направиле во изминатиот период. Со скромна инфраструктура и скромно искуство. И сега не е време да се брза со имплементација. Тука да се стави приоритетот на ова прашање. Јас не сум многу убеден и оптимист во овие времиња да се преминува со ваква брзина во овој формат на настава и дека онлајн-наставата ќе влијае или ќе го намали недостигот од реалната настава, ова особено го мислам за основното и средното образование. Добро е МОН да зборува и да споделува примери, да работи на платформата, да се вклучува МРТВ, да бара наставници кои тоа можат добро да го прават, но потребен е фокус на споделување на активности, видеа, кои можат да бидат интересни, инспиративни, мотивирачки и корисни за децата и за родителите, но кои ќе немаат поврзаност со оценувањето и обврските – смета професорот.

Проф. д-р Кирил Барбареев

Во овој период, според него, активностите што ги прават учениците дома треба да се сфаќаат како збогатување на наставната програма, а не нејзина замена или реализација.

– Со исклучок на високото образование каде што е можно поголем дел од обврските и предавањата да се завршат, иако сум со голема резерва и тука, поради концептот на вежби, пракса, оценување, различна природа на студиски програми, итн., каде што е исто така многу тешко да се работи од дома, сите други степени се уште покомплексни – вели Барбареев.

Станува збор за работа со различни категории деца, со различни потреби, со деца кои сè уште немаат развиени вештини и ставови за самостојно учење, во време на намалена мотивација за учење, немање повратна информација, без социјална интеракција, и тоа е целото уште постресно, во време кога најдобрите предвидувањата се дека ова ќе трае до почетокот на мај.

– Оттука, мислам дека најважната работа е како кај младите луѓе да развиеме вештини да сфатат како да го минуваат времето, што со себе, и дека е можно многу брзо да се вратиме во училиштето, ако имаме дисциплина и одговорност. Мислам дека сега учениците уште повеќе ќе го засакаат училиштето и образованието. Сега не е време да се зборува дека мораме да учиме, мораме да пишуваме, мораме да решаваме задачи итн., туку дека сега имаме слобода и време кое треба добро да го организираме заради нашата социјално-емоционална благосостојба. Тоа е клучната приказна. Сето испуштено се надополнува. Затоа што еден ден на децата кога ќе пораснат нема да им биде толку важно училиштето, но ќе им биде од корист искуството од ваквите моменти во животот – што со времето и што треба да правам во слични предизвици. Децата сакаат работи што им даваат чувство на сигурност, таа сигурност е многу поважна сега за нив – завршува професорот.



912

X