Дали бабите и дедовците имаат обврска да ги чуваат внуците? Која е нивната улога во воспитувањето на децата? За ова пишува „Њујорк пост“, кој низ разговор со неколку баби и дедовци се обиде да даде одговор на овие и на други прашања кога станува збор за важноста на бабите и дедовците.

Секој работен ден Морин Фрајд и нејзиниот сопруг во попладневните часови ги собираат своите три внуци од три различни училишта, ги возат до дома, пишуваат со нив домашни задачи и им даваат ужина.

– Со кого инаку би ги оставиле – се прашува 75-годишната Морин, која работи три дена во неделата во локална аптека и се обидува да постигне со нејзината работа, сопствените обврски и грижата за трите внучиња.

– Се грижиме за нив секој ден. Не се жалам бидејќи тоа се наши внуци. Освен тоа, грижата за децата е скапа и слушаме ужасни приказни. За повеќето најдобро е кога можат да се потпрат на семејството – истакнува оваа баба.

Во последните години бабите и дедовците имаат многу обврски. Но, додека некои се грижат за сè, други одбиваат да го прават тоа, иако истражувањата покажуваат дека тие што се грижат за внуците живеат подолго.

– Од првиот ден реков дека не чувам деца. Кога децата дојдоа кај мене, им дадов 20 долари и им реков да си најдат дадилка – вели баба Бети, која сепак морала да ги чува кога парот морал да оди на свадба кај пријател.

Оваа 65-годишна жена тврди дека тоа не значи дека не си ги сака децата и внуците.

– Мислам дека на бабите и дедовците тоа не треба да им биде обврска. Во ред е да се причуваат внуците кога тие сакаат и кога можат – вели таа.

Експертите велат дека времињата се променија и дека родителите имаат голем стрес, но имаат и бабите и дедовците.

– До пред неколку генерации поголема беше веројатноста жената да биде дома со детето. Денес секоја мајка работи и сите се зафатени. Бабите и дедовците исто така работат подолго и се прилично зафатени – објаснува експертот за родителство Сали Танен.

Нејзиниот совет е двете страни да бидат искрени. Од друга страна, некои новопечени мајки сметаат дека ова не треба да биде предмет на дискусија.

– Моите свекор и свекрва живеат на десет минути оддалеченост со автомобил од нашиот дом, и никогаш не ми помогнале ни на пет минути – вели Џесика, вработена мајка на деца од 18 месеци и 4 месеци. Таа објаснува дека нејзината свекрва рекла дека не требало да раѓа деца на толку мала разлика во годините.

– Што требаше да направам? Да убијам едно? – прашува Џесика. Нејзините родители живеат на другиот крај од Америка, но за среќа ѝ помага нејзиниот 25-годишен брат.

– Чудно е што тој прави повеќе од бабата и дедото. Би била воодушевена ако барем еднаш неделно ме прашаат дали можат да помогнат. Никогаш не го направиле тоа – се жали таа.

Има и баби и дедовци што се среќни кога можат да помогнат.

– Благослов е да се има внуци, но не отидов во пензија за да бидам дадилка. Одлучив да им помогнам на моите деца, но не да ги одгледувам внуците. Веќе израснав две прекрасни деца – објаснува 69-годишната Шерон Кочек, која има пет внучиња. Таа се потсетува на една ситуација што ја доживеала минатото лето.

– Во парк гледав постар маж кој не можеше да излезе накрај со внучето. Рече дека неговата ќерка мора да работи, а тој да ја гледа внуката. Му одговорив: „Каде пишува дека мора да го запрете животот и да ја гледате внуката? – вели таа.

Од друга страна, Шира Дикер едвај чека да помине време со петмесечното внуче. Сепак, вели дека е во ред ако некој одбие да се грижи за своите внуци.

– Ние си ја завршивме работата. Нормално е родителите да се надеваат, но не и да очекуваат бабите и дедовците да бидат дел од животот на детето – вели таа.

Извор



912

X