Лутината е многу контроверзно чувство. Од една страна, носи многу енергија со себе, но често се доживува како негативно чувство кое не смееме да го покажеме. Гневот е див и непожелен. Гневот е агресивен и со нашите едукативни активности се стремиме да ги научиме децата на прифатливи, кооперативни чувства и однесувања.
Но, луѓе мои, гневот е прекрасно и неопходно чувство. Лутината е вродена и биолошки дадена емоција.
Се јавува кај сите луѓе и е еволутивно важна. А кога некоја форма на однесување, чувство или каква било телесна функција опстојува милиони години, тоа значи дека тоа ни користи и нам. Тоа значи дека за време на нашиот развој како вид, преживеале оние поединци што можеле да бидат лути бидејќи тоа им давало поголеми шанси за преживување. Како?
Што всушност прави гневот?
Лутината нè штити и настанува кога некој или нешто ги преминува нашите граници. Со себе носи многу енергија која ни служи за да можеме да се одбраниме. Тогаш гледаме дека и децата и возрасните, кога се лути, викаат, стануваат, фрлаат работи, тропаат на вратите или се фрлаат на подот. Секако, интензитетот на гневот и неговото манифестирање зависи од темпераментот и од способноста за саморегулирање и тие не се исти за сите, па затоа различни деца на ист настан ќе реагираат многу различно. Но, токму поради силната енергија што се ослободува кога сме лути, штетно е континуирано да го блокираме изразувањето на гневот, бидејќи тогаш тој останува во телото. Важно е да го изразиме гневот на начин што е во ред и за нас и за другите. Станува збор за можноста за саморегулирање на чувствата, што е една од основните воспитни задачи.
Значи, гневот ни кажува дека некој ни ги преминува границите, некое наше правило, дека некој нè повредува. Лутината ни помага да се заштитиме и да се бориме за себе.
Затоа е важно да не се забранува или потиснува.

Убавите девојки не се лутат!
Лутината е универзално чувство и сите ние, без разлика на полот, сме еднакво лути кога треба да се заштитиме или да се бориме за себе. Но, културен стереотип е дека девојките не треба да се лутат затоа што не е убаво, не е женствено, не им одговара. Но, со испраќање на ваквите пораки до девојките им ги одземаме силата и моќта да се изразат, да се заштитат и да се борат за себе. А чувствата остануваат во нив и се маскираат кај другите како тага, депресија, анксиозност. Има сличен стереотип поврзан со момчињата, според кој момчињата не смеат да плачат, да бидат тажни или ранливи, што исто така предизвикува исклучително голема штета (но тоа е друга тема).
Лутината е непријатно, а не негативно чувство.
Иако е непријатен за доживување, гневот е многу корисно чувство кое ни кажува дека нешто нѐ повредило и служи за да нѐ заштити. Самиот гнев не е ниту позитивен ниту негативен, туку има само позитивни и негативни начини на изразување или однесување.
Не можеме да влијаеме врз појавата на чувствата и потребите. Кога ќе се појават, тие се тука. Но, она врз што имаме влијание и за што сме одговорни е однесувањето.
Бесното дете не е агресивно. Гневот може да се изрази на повеќе начини:
– Оние што се добри со нас, но не и со нашата околина – неконтролирани изливи на гнев што ги повредуваат другите било емоционално било физички, како што е агресивното однесување.
– Оние што се добри со другите, но не и со нас – задржување гнев поради страв од последици (како што се раскинување или нарушување на врската, казна) или чувство на вина или срам (поради верувањето дека не треба да се лутиме и дека затоа сме лоши луѓе).
– Оние што се во ред и за нас и за другите – ни дозволуваат јасно да комуницираме што ни се случува на начин што не ги повредува другите.
Така, иако гневот често се поистоветува со агресијата, тие во никој случај не се исто. Агресивното однесување е само надворешна манифестација, односно однесување во чија заднина може да има гнев, но и други чувства. Целта на образованието е да им даде на децата поддршка во разбирањето на нивните чувства, усвојувањето на нивната саморегулација, усвојување соодветни начини на изразување и преземање одговорност за нивното однесување.
Автор: Сања Иванушевиќ Гргас