Воспитувањето на децата е како шах, секогаш треба добро да размислиме кој потег ќе го направиме зашто претшколската возраст е темел на животот, вели Грегова
Дали има нешто поубаво и помило од дете! Јас не сум запознала некој што не сака деца! Дали некој се почувствувал непријатно кога мало дете ги испружува рачињата за да биде во нечија прегратка и колку само убавина и милост има во тие детските очи! Тоа е една од причините да ја изберам оваа професија. Со ваква љубов започнува секој мој работен ден, вели Татјана Грегова, дипломиран учител и воспитувач, вработена во детската градинка „Мајски цвет“ во Битола.

Сојузот на просветни работници на Македонија и Министерството за образование ѝ доделија признание и плакета за просветен работник за предучилишно образование за 2022 година со особени резултати во воспитно-образовната работа и други активности поврзани за предучилишното образование, како и за вонредни ангажирања и придонес за унапредување на работното место. Грегова 17. година безрезервно се вложува во воспитно-едукативниот процес на дечињата во ЈОУДГ „Мајски цвет“, а годинава води група од 27 деца од 5 до 6 години, наречени „детелинки“.

Татјана Грегова

По спортска повреда, наместо наставник по физичко, одлучила да стане воспитувач

Ниту има родители просветни работници ниту таа посетувала градинка во детството. Образованието ѝ започнало во забавиште во училиштето „Кирил и Методиј“. Има многу убави спомени со учителката Љубица Кузмановска и соучениците, ги помни сите 30 и е во пријателска комуникација со нив. Поради спортска повреда како професионален спортист, не била во можност да стане наставник по спорт, па избрала воспитание и образование на деца. Од денешна перспектива, убедена е дека ја избрала вистинската професија.


– Работата ја извршувам со многу љубов и посветеност, ја доживувам како задоволство, а не како напор и обврска дека нешто мора да се работи во животот – вели Грегова.


Занималната ѝ е втор дом, а групата – семејство


Со „детелинките“ секојдневно реализираат разновидни активности, корисни за децата. Редовно се маскираат за Денот на шегата, цела Битола ја памети нивната групна маска „Муви“. Иако се мали, под нејзино менторство, а во соработка со приватниот бизнис, дечињата правеа јуфки, а за Василица сукаа мазничиња.

– Нашата занимална ни е втор дом, а целата група се труди да функционира како едно големо семејство. Воспитувањето на децата е како шах, секогаш треба добро да размислиме кој потег ќе го направиме, а притоа да бидеме свесни за добрите страни и ризици од секој избран потег. Во воспитувањето применувам техники, стратегии и методи за поттикнување на социо-емоционалниот развој на детето. Го пофалувам секој вложен напор. Се радувам на секој нивен успех и поттикнувам зајакнување на самодовербата, радоста, сигурноста и задоволство од престојот во градинка – додава таа.

Остатокот од текстот можете да го прочитате на Факултети.мк



912

X