Денешните деца ќе се образоваат во текот на целиот живот со помош на моќниот, секогаш достапен учител „Гугл“. Јас сум оптимист.
Тешко се помируваме со промените што ни ги носи новото време. Склони сме да ги гледаме само лошите страни на интернетот, лошите страни на новите прописи, главно ја забележуваме само погрешно ориентираната младина, додека ни се провлекуваат многубројни олеснувања, многу деца кои се „златна средина“, но и брилијантните достигнувања на денешните адолесценти.
Да „протрчаме“ низ овие теми.

Дрога. Ја имало, ја има и ќе ја има

Не можеме да се потпреме на точна статистика, но повеќето тинејџери немаат никаква допирна точка со дрогата. Доволно се едуцирани да бидат исплашени и внимателни. Помал процент од децата што се во допир со наркотици во каква било форма, благодарение на достапните тестови, ќе бидат откриени и спасени навреме. Мал процент од нив ќе страдаат. Подвлекувам – сосема мал процент. И тоа е многу, но дрогата е тука и не смееме да се преправаме дека ја нема. Убедливо мнозинство ќе се движи од една во друга развојна фаза и безбедно ќе влезе во животниот период во кој таа тема повеќе нема да биде дискутабилна.

Музика и стил на облекување

За возрасните, музиката е лек за душата, најдобриот пријател на нашите емоции и спомени, а за тинејџерите е начин да се вклопат во друштвото или да се обидат да бидат сосема поинакви. Во превод – средство за социјализација и следење на енергијата која е пресилна, а не е насочена…
Музиката некогаш била поквалитетна, што веројатно е и вистина. Но ние се сеќаваме само на хитовите, а којзнае колку неквалитетна музика се правела и тогаш, како и сега, само што таа музика многу кратко се задржувала на сцена, па не се сеќаваме на неа. И денес се создаваат вистински, квалитетни хитови покрај кои се создаваат спомени, а за 40 години и тие ќе велат: „Е тоа беа времиња, а вие, денешните млади, поим немате“.

Докажување преку скапи автомобили и патувања

Неизбежниот снобизам во минимален процент им е достапен на децата. Неспоредливо повеќе деца немаат никаква врска со оваа приказна, сè уште не им е смачен терминот богатство, па помалку и му се воодушевуваат, но за 10 години ќе мислат исто како нас – не е злато сè што сјае. Ќе го почитуваат успехот, но ќе научат да прават разлика меѓу мотивирачки оригинал и бедна копија.

Образование

Дали е реално дека денешната младина на 30-годишна возраст ќе биде неинформирана? НЕ! Ќе знае многу повеќе од нас во тие години. Не е пресудно тоа што сега, на 15 години, ништо не ги интересира… Формалниот образовен систем е надминат бидејќи тоа е само една шанса да дознаеме нешто, но сега не е и единствената. Системот го сметам како неопходен, воспитно-важен тренер на волјата и упорноста, каков и да е. Но и оној што ќе излезе полуписмен од тој систем, ќе има цела низа можности за „поправен испит“. Многумина ќе ја искористат таа шанса, а некои – нема. Нормално…

Интернет

Погрешни примери, пцости, лоши содржини… се закануваат од онлајн-светот. Навистина. Тоа е новото руво на стариот проблем. Уште не сум чула дека најпопуларниот во основното училиште бил позитивен лик. Значи да се зборува, зборува, зборува со децата –што е што и кој е кој, чиј пример треба да се следи, а кого само го познаваш или го слушаш на „Јутјуб“. Старо решение. Веќе во средното училиште приказната се менува. Во гимназија тешко дека ќе бидеш фраер ако си неписмен, ако навредуваш, се дрогираш или врескаш. Факултетот и вработувањето носат нови искуства. Ќе се свртиш – и гледаш дека некои нови млади немаат поим… Лесно ќе се занесеш дека нема ни да дознаат.

Песимизам и недоверба во младите

… а главно врз база на црната хроника и три ученици што во одделение од 30 правеле проблеми. Тоа е неправедно и навредливо. Има разни деца, со и без фантазија, со и без критичко мислење, со волја и без волја… со различни судбини, со реални и нереални планови – но дека колективно одиме кон бездна – не е точно! Најмногу деца има во златната средина.
Мојот наставник по физичко воспитување тврдеше дека ништо нема да биде од нас. А да нè види сега… навистина нè навреди.
Оваа тема нема крај.
Тврдиме дека сè сме им дале на децата, но мора да внимаваме да не им го одземеме најважното: вербата во себе.

Автор: Снежана Голиќ, педагог

 



912

X