Заедно ги чекавме децата пред училиштето. Решив сепак да ѝ пријдам. И реков:

„Чувствувам должност да ги споделам со вас информациите што ги добив од моето дете, за да ги проверите со вашето дете. Од она што го слушнав, вашето дете навредувало едно момче на одмор, му рекло дека е слаб и го исмејувало пред девојките. Вчера тоа момче плачеше на училиште. Му кажа на мојот син дека не сака да се врати таму. Сигурна сум дека тоа не е само поради задевањето од страна на вашето дете, но можеби треба да проверите за што се работи“.

Таа ме погледна налутено и рече нешто што е вообичаено во овие краеви:

„Тоа не е ваша работа. Грижете се за вашето дете, а моето оставете го на мир!“

Исто како да ми треснала врата пред лице. Се чувствував беспомошно, по којзнае кој пат. И луто. И сè што оди во комбинација со беспомошност.
Како да ѝ објаснам на оваа мајка дека воопшто не се занимавам со нејзиното дете. Јас се занимавам со своето.

Нејзиното дете е дел од врсничката заедница, а таа заедница е полето во кое расте и моето дете. Тоа е заеднички простор за стимулација на развојот. И секој е одговорен за тоа што го носи со себе на тоа поле.
Секој е одговорен за она што го прави надвор од својот дом пред другите.

Се разбира, сè што прави за другите надвор на некој начин го научил дома, вежбајќи ги улогите. Затоа одговорноста на родителите е голема. И сега како да ѝ објаснам на оваа мајка дека нејзиното дете не било нападнато, дека таа самата не била нападната, дека не секогаш се работи за нас, мајко. Има и други околу нас. Се работи и за нив.
За тоа како другите се чувствуваат поради нас.

Понекогаш се случуваат големи промени, кога секој од нас ќе направи барем една работа со целосна свест и сфаќање дека не сме сами на светот и дека сме дел од заедницата врз која секако имаме влијание.
Како да ѝ објаснам на оваа мајка дека ние, родителите, сме први на листата по хиерархијата на развојните влијанија.

Ние сме модели.

Детето гледа во нас и ја моделира својата внатрешна карта според нас.
Што и да смениме во себе на подобро, таа промена ја вградуваме во моделот според кој ќе се формираат нашите деца. Ако таа научи да добива повратни информации, тоа ќе го направи и нејзиното дете.
Сега како да ѝ објаснам на оваа мајка дека не мислам оти сум подобра од неа, дека сум подобар родител, дека, особено, не сум нејзин родител кој ја прекорува, туку само загрижена мајка.

Ние сме на иста мисија.

И јас сакам да воспоставиме соработка.
Ви давам „фидбек“.
Дајте ми и вие„фидбек“ утре.

Би ви била благодарна доколку ми го привлечете вниманието на тоа како моето дете се однесува кога јас не гледам. Бидете тој корективен фактор за мене. Погледнете го моето дете, пренасочете ми го вниманието, бидејќи јас, во четирите ѕида на мојот дом, можам да направам многу грешки во попустливоста, пречувствителноста, што и да е, во однос на моето дете. Можам да имам многу слепи точки кога го гледам својот син.

Како да ѝ објаснам на оваа мајка дека сме такви какви што сме, бидејќи ги доживуваме сите како непријатели. Затоа што сите ставаме знак пред секого: „Гледајте ја вашата работа!“

Има толку многу ситуации како оваа каде што нарцисоидно ги браниме нашите деца, гледајќи ги како наши продолжетоци. „Кога зборуваш за моето дете, зборуваш за мене“. Каде што ги проектираме нашите детски рани, нашата преголема чувствителност на критики, нашата пречувствителност на осуда, нашите чувства на несоодветност врз нашите деца, правејќи ги недопирливи на начинот на кој и ние сме сакале да бидеме недопирливи пред критиките на нашите родители.

Ги штитиме нашите деца како што никој не нѐ заштитил нас пред нашите врсници.
Колку нашите деца глумат во нашиот филм: ако јас морав да трпам, моето дете нема.
Ние родителите ги браниме нашите деца затоа што никој не нѐ бранеше нас.
Ги штитиме од другите деца.
Ги браниме од другите мајки и татковци.
Од наставниците.
Ги браниме од професорот.
И колку, поради нашите детски рани, не успеваме да видиме дека нашите деца не се како нас, тие се други личности и се подготвуваат за живот во свет во кој влијанието на врсниците никогаш не било поголемо и никогаш полошо.

А авторитетот на родителите, ослабен од разни лични и колективни трауми, никогаш не бил помал.
И колку е важна состојбата на врсничката заедница.
И колку треба да соработуваме затоа што тоа е многу тешко да се направи сам.
Доволно е да научите да соработувате.
Да бараме повратна информација за однесувањето на нашите деца од воспитувачите, наставниците, професорите, другите мајки, татковците.
Да ги сослушаме, тие ги гледаат нашите деца, а ние не.
Ги гледаат во околности во кои не сме присутни.
Затоа, да се обидеме да ги доживееме како тим.
И ние се коригираме, почитувајќи ги личните граници и аспирации.

Затоа што вистината е дека туѓото дете не е наш проблем, туку проблем е несоодветното однесување на секое дете, особено нашето.
И сите сме одговорни за квалитетот на јавниот простор, овој меѓупростор (меѓу луѓето) во кој се разменуваме и градиме меѓусебно.

Да го имаме предвид фактот дека идентитетот на секој од нас е социјално посредуван, тој се гради во меѓупросторот и сите сме одговорни за она што го внесуваме во тој меѓупростор.

Нема привилегирани или исклучоци.

Автор: Лилјана Милиќ

Извор



912

X