Грицкање на ноктите, цицање палец, играње со прамен коса се вообичаени развојни однесувања кај децата кои кратко траат, но ако се појават на поголема возраст, посочуваат на одредени проблеми кај детето.

– Зад ваквото однесување може да стои досада, љубопитност, имитирање на друго дете или возрасна личност, но и вознемиреност. Истражувањата покажаа дека децата што имаат развиено една од овие навики покажуваат зголемено ниво на вознемиреност во секојдневниот живот. Цицањето на палецот, грицкањето на ноктите, гризењето на усните и сл., детето ги користи како начин за смирување кога ќе се најде во одредена предизвикувачка ситуација – открива Николина Милосавлјевиќ, психолог и советник за родители.

Ако детето повремено грицка нокти и притоа не се повредува, тоа го прави несвесно или кога се наоѓа во специфични стресни ситуации, како што е писмена вежба во училиште, тогаш не треба да се грижите. Во повеќето случаи децата кои ја смируваат својата нервоза на овој начин едноставно престануваат со тоа до својата 16. година. Овие навики се одраз на нивното соочување со анксиозност и промените на кои наидуваат во текот на нивниот развој.

 

Меѓутоа, треба да се обрне внимание кога детето немало ни една од наведените навики, а се појавуваат во периодот по неговата четврта година како нешто сосема ново во неговото однесување.
– Причината за тоа најчесто лежи во некоја стресна случка или во повеќе такви што се насобрале, на пр., преселба, промена на училиштето или градинката, развод на родителите – укажува Милосавлјевиќ.
Таа открива трикови како да му помогнете на детето да се ослободи од нервозните навики.

Не казнувајте го – немојте грубо да му ги тргате рацете од устата, ниту да го удирате по раката кога грицка нокти или става прст в уста. Ако применувате ваков начин на решавање на „нервозната навика“, може само да дојде до зголемување на вознемиреноста. Навиката можеби ќе се изгуби, но вознемиреноста кај детето и понатаму ќе постои, па тоа ќе пронајде некој друг несоодветен начин на смирување.

Поработете на причините – на родителите им е најлесно да се занимаваат со симптомите, а не со причините, па често се одлучуваат на прстите на детето да стават лута пиперка или некој намаз што горчи, но тоа е погрешен пат. Пред сè, потребно е да се открие причината за вознемиреноста на детето. Некогаш е доволно да го прашате детето дали нешто го загрижува и преку разговор да дознаете што му се мота низ главата.

Заменете ја нервозната навика со нова – кога родителот нежно и сочувствително ќе го предупреди детето дека во моментот рацете му се в уста, важно е да истражите во тој момент што се случува во неговата глава. Прашајте го: Како се чувствуваш сега? За што размислуваш? Дали имаш некои слики во главата? Сакаш ли да те прегрнам за да ти стане подобро? Потоа може да се договорите што би можело да прави детето наместо да ги грицка ноктите. Ако детето е помало од пет години, нежно тргнете му ја раката од устата и понудете му прегратка како начин на утеха.



912

X