Целијачната болест е автоимуно нарушување и се развива кај луѓе кои имаат нетолеранција на глутен. Глутенот е општото име за протеинот што се наоѓа во пченицата, ‘ржта, јачменот и другите житарки.

Кај целијачна болест телото не може да ги апсорбира важните хранливи материи, така што луѓето со оваа болест често може да станат неухранети. Лекарите не знаат со сигурност што предизвикува имунолошкиот систем да реагира на глутен, но ако вашето дете има целијачна болест, постојат начини да се справи со симптомите и да се спречи оштетување на цревата.

Знаци и симптоми на целијачна болест

Доенчињата можеби нема да добиваат на тежина и должина како што се очекува, и ова може да биде првиот сигнал за лекарите да се сомневаат во целијачна болест. Постарите деца може да имаат:

  • Дијареја
  • Запек
  • Бледи столици со непријатен мирис
  • Болка во стомакот и надуеност
  • Губење на тежината
  • Замор
  • Главоболка
  • Болен исип на кожата, особено околу лактите и колената

Понекогаш се случува да нема симптоми, но може да се појават во секој период од животот. Некои деца имаат проблеми кога првпат јадат храна со глутен, додека други развиваат симптоми по неколку години безбедно јадење на овие производи.

Бебето може да ги покаже првите знаци на целијачна болест набрзо откако ќе почне да јаде цврста храна како што се житарките. Знаците може да вклучуваат дијареја, стомачни болки и недобивање на тежина. Со текот на времето, детето може да не ја достигне очекуваната висина, да развие анемија и рани во устата и да има проблеми во однесувањето.

Што предизвикува целијачна болест?

Кај целијачна болест, глутенот го активира имунолошкиот систем да ги оштети ресичките што го обложуваат тенкото црево и кои се користат за апсорпција на хранливи материи од храната и нивно испраќање во крвотокот. Оштетените ресички не можат да ги апсорбираат витамините и минералите што му се потребни на детето за раст.

Причината за целијачна болест е непозната. Има тенденција да се јавува во семејства, така што детето со семејна историја на оваа состојба е поверојатно да ја добие. Исто така, може да се појави кога има други нарушувања, како што се Даунов синдром, Вилијамс синдром, дијабетес тип 2 и автоимуни нарушувања на тироидната жлезда.

Како се дијагностицира целијачна болест?

Дијагностицирањето на целијачна болест обично започнува со тест на крвта кој бара антитела на глутен и други протеини во цревната обвивка. Антителата се протеини направени од имунолошкиот систем кои ги препознаваат и елиминираат бактериите и сето она што го гледаат како закана. Ако тестот на крвта покаже високо ниво на антитела на глутенот, лекарот веројатно ќе направи биопсија на тенкото црево и ќе го испрати на тестирање.

За да направи биопсија, лекарот вметнува долга, тенка цевка (назален ендоскоп) преку устата и желудникот во тенкото црево за да добие мал примерок од ткиво. Детето обично е под општа анестезија.

Ако на детето му е дијагностицирана целијачна болест, треба да се тестираат и неговите браќа и сестри, родители и баби и дедовци. Можеби ја имаат болеста, но немаат симптоми. Целијакија која не е навреме откриена може да доведе до сериозни здравствени проблеми.

Како се лекува?

Не постои лек. Истражувачите работат на ветувачки нови третмани, а засега состојбата се контролира со безглутенска исхрана. Ова овозможува заздравување на цревната слузница и помага во ублажување на симптомите.

Промени во исхраната

Ако вашето дете има целијачна болест, лекарот ќе ве упати за тоа која храна може да ја јаде, а која треба да ја избегнува. Овие промени ќе имаат големо влијание врз секојдневниот живот на вашето семејство и исхраната на вашето дете, па бидете подготвени за тоа.

Исхраната на вашето дете не треба да содржи пченица, јачмен, ‘рж и сродни житарки. Внимателно читајте ги етикетите на храната на секој производ пред да го купите или да му го дадете на вашето дете. Со текот на времето, вашето дете ќе научи да го прави тоа.

Извор



912

X