Покрај вакво променливо време и голема влажност на воздухот ретко која трудница има желба и сила за физичка активност, која е многу важна за кондицијата, полесно породување и за здравјето на мајката и на бебето. Кога ќе се додадат и оние 10-20 килограми добиени во бременоста, вежбањето паѓа на дното на листата со приоритети, но, за среќа, тука е пливањето. Пливањето е вежба, но неспоредливо полесна и позабавна од сите други, а идните мајки имаат и многу придобивки од него.
За разлика од пешачењето, пливањето не ги оптоварува мускулите и зглобовите, туку ги релаксира. Движењето на рацете и на нозете во вода ја забрзува циркулацијата, го спречува задржувањето на течностите, а со самото тоа и појавата на отоци.

Најважно е водата да биде чиста

Освен тоа, пливањето ги намалува болките во грбот и во карлицата, а и утринската мачнина, особено ако водата не е многу топла. Докажано е дека движењето низ вода го засилува тонусот на мускулите, кој на жените им е многу важен во последната фаза од природното породување.

Иако пливањето спаѓа во најбезбедните физички активности, трудниците се советуваат да бидат внимателни. Најважно е водата да биде чиста. Доколку сте на море или на езеро, пливајте рано наутро, додека нема премногу луѓе, и одбирајте чисти и уредени плажи. Доколку сте се одлучиле за базен, распрашајте се колку често се менува и се хлорира водата.
Во вода влегувајте внимателно, да не се лизнете, а тоа во бременост не е ретка појава. Големиот стомак може да ја наруши рамнотежата, па гледајте да се придржувате за нешто или за некого.

Не нуркајте

Доколку не сте во форма, пливајте полека, со умерено темпо и правилно дишете, без да го задржувате здивот. Најважно е бебето да добива доволно кислород, па поради тоа, избегнувајте да нуркате. Ако веќе морате, потопете се колку да ви помине желбата зашто на бебето нема да му годи промената на притисокот. Иако за повеќето луѓе важи правилото дека во вода не се влегува со полн стомак, тоа не важи за вас. Вашиот стомак е повеќе од полн.
Шегата настрана, не пливајте ако сте гладни или жедни, но не правете го тоа ни веднаш по оброкот.
Еден час е доволен за да почне варењето, но доколку не сте јаделе тешка храна.

Сè друго е ок. Намачкајте се со крем за сончање, освен ако не одите во затворен базен, и препуштете им се на благодатите што ги дава водата. Пливајте барем 30 минути, со кратки паузи, или едноставно легнете на грб и оставете водата да ве ниша. Брзо ќе сфатите колку тоа му годи на вашето тело, а и на вашето бебе.



912

X