Откако Алексис Дакил доживеала трауматично искуство кога нејзиното бебе не можело да дише на породувањето, многу се променила. Нејзиниот сопруг Стивен видел дека била изгубена. Одеднаш неговата весела и насмеана жена станала премногу изморена и тажна.

„Тоа беше почеток на крајот“, вели Стивен Дакил од Питсбург.

Кога се вратиле дома, Алексис и понатаму се борела со барањата на мајчинството. Малечката Адријана постојано плачела, а Алексис не се ни обидувала да ја дои.

„Алексис постојано плачеше. Ја наоѓав во орманот, седната на подот со црвени и насолзени очи“, рекол сопругот.

Алексис знаела дека е во прашање нешто повеќе од родителска нервоза и побарала помош. Лекарите ги уверувале дека тоа е само постпородилна психоза, ретка, но екстремно сериозна ментална состојба и дека набрзо ќе се чувствува подобро. Сепак, кај Алексис ништо не се подобрило. Посетиле седум различни центри и болници за да пронајдат помош.

Со текот на времето Стивен сфатил дека неговата сопруга има постпородилна психоза, која предизвикува заблуди, халуцинации, а многу често резултира и со самоубиство. Многумина ја разбираат постпородилната депресија, но не се свесни за другите ментални проблеми, кои вклучуваат и постпородилна анксиозност, психоза или опсесивно-компулсивно нарушување.

Докторот само ѝ ја дуплирал дозата на антидепресиви, но изгледало дека Алексис се чувствува полошо. Му признала и на својот сопруг дека по терапијата ѝ доаѓаат само страшни мисли.

Конечно, на годишнината од бракот, во октомври 2013 година, Алексис го молела сопругот да отидат во болница и на докторот му раскажала дека има суицидни мисли, па дури и план како да го изведе тоа.
„Докторот ме тргна настрана и ми рече дека сѐ ќе биде во ред“, вели Стивен. „Не можам да верувам дека бев толку глупав да го послушам“.

Следниот месец Алексис се самоубила. Кога се разбудил и видел дека ја нема во креветот, знаел дека нешто не е во ред.

„Го слушнав бебето како хистерично плаче. Срцето толку силно ми чукаше, знаев дека нешто страшно се случило“.

Повикал итна помош и се обидел да ја реанимира. Лекарите успеале да ја одржат во живот само два дена, а потоа починала. Адријана имала само шест месеци. Во тие моменти Стивен се чувствувал многу лошо и бил бесен, се обидувал да најде причина и значење во сето тоа.

„Како е можно да не постои поддршка за мајките кога имаат бебе. Тоа не е фер“.

Одлучил да се посвети на создавање промени во негата на постпородилното ментално здравје за другите семејства да не го доживеат истото.

„Сакам да го решам проблемот“, рекол, „мојата ќерка не е единствено дете без родител, а не сум ни јас единствен сопруг без сопруга (поради самоубиство)“.

Тој ја основал непрофитната фондација „Алексис Џој“, па заедно со здравствени организации од Питсбург создал нова институција – „Алексис Џој Дакил – центар за постнатално ментално здравје“, со две нивоа на нега. Постои терапевтска програма во која жените еднаш неделно одат на состанок со терапевт.

Интензивната програма вклучува тричасовна сеанса три дена неделно, а подразбира интеракција помеѓу мајките и бебињата.

„Жените се многу повклучени кога е присутно и бебето“, рекла Сара Хомитски, докторка во центарот. „Доколку ја третирате мајката без бебето, постојат поголеми шанси сето тоа да се врати на почеток“.

Персоналот им помага на мајките со постпородилна анксиозност да научат како да ја контролираат. Постојат голем број програми за зближување со бебето, што вклучуваат масажа на бебето, пресоблекување, јога за мајката и бебето, како и многу време за доење“.

„Питсбург е најсигурниот град за мајките во Америка“, додал Стивен.

Тој вели дека неговата сопруга би била навистина горда. „Размислувам за животите што тие деца ги добиваат, нормалните животи и тоа, благодарение на нашата понуда“.



912

X