Девојчиња во различни пози одамна го окупираа „Фејсбук“, најголемата социјална мрежа. Аматерските фотографии направени во пин-ап-манир, во сопствена продукција (пред огледало) или со помош на најдобрата пријателка, го украсуваат фејсбук-профилот на секоја втора тинејџерка. Како одговор, се појавија дури и фејсбук-групи посветени на исмејување на овие колку бизарни толку и тажни појави, во кои членовите меѓусебно разменуваат и ги коментираат безбројните фотографии на тинејџерки кои со своите провокативни пози се обидуваат да изградат статус на секс-бомба и да укажуваат на својата сличност со Ријана, Бијонсе, Лејди Гага или Дита фон Тиз.

Ова, се разбира, не е локална појава која настанала како последица на домашната турбофолк-култура, туку глобален тренд за кој редовно известуваат светските медиуми. Британскиот печат загрижено констатира дека е тешко да се најде девојка што не верува дека телото станало влезница за успех и на која животен сон не ѝ е да стане старлета. Маса тинејџерки облечени како порноѕвезди ги окупираат дискотеките и ноќните клубови, надевајќи се дека некој ќе ги забележи и подготвени се на секакви видови понижувачки ситуации за да се изборат за шанса во светот на „гламур-моделирањето“, што е еуфемизам за позирање во таканаречените списанија за мажи. Животни примери им се старлети, стриптизерки и добро платени проститутки, како д-р Брук Мајнанти, успешен научник која со години водела двоен живот, работејќи како кол-герла за високата класа, па со обелоденување на својот идентитет стекна огромна популарност. Додека според нејзините мемоари, кои ги напишала во вид на блог под псевдонимот „Убавицата на денот“, се снима ТВ-серија, Брук, како и другите жени што својата сексуалност ја ставиле на пазарот, станува инкарнација на модерниот феминизам.

Навистина, хиперсексуализацијата на девојчињата и жените денес често се слави како знак за ослободување и зајакнување на женскиот пол. Рушењето на сексуалните конвенции беше една од главните цели на движењето за ослободување на жените во текот на седумдесеттите, во време кога сексуално слободните жени уште ја носеа стигмата за неморалноста. Меѓутоа, се чини дека некаде во меѓувреме, во текот на борбата против традиционалните норми кои од жените бараа пристојност и невиност и залагањата за сексуална слобода каква што уживаат мажите – сексуалноста стана единствен важен аспект на женската рамноправност. Дали сексуалната самодоверба е единственото нешто што денешните девојки го сметаат за важно, се прашуваат културолозите и феминистите и дали е идентитетот на сексуалниот објект или сексуалниот предатор единственото нешто на што се сведува современиот поим за остварена и реализирана жена?

Мелинда Тенкерд Рејст, австралиска феминистка, вели дека е сè поголем притисокот врз девојчињата да се покорат на идеалот за слаба, секси и немирна девојка, што остава големи последици, а желбата да се разбиваат табуата што порано ги штителе денес ги доведува во сè поголема опасност.

Што се случи со идејата за личен напредок и усовршување и кога таа се сведе на полирање на надворешноста? Американската историчарка и феминистка Џоан Џејкобс Брамберг погледнала во дневниците на девојчиња за да открие како идејата од лично напредување и усовршување се менувала со текот на времето.

Она што го открила е дека на почетокот од 20 век девојчињата, под идејата за самоусовршување сметале дека спаѓа сè друго освен физичкиот изглед. Да се стане подобра личност, значело да се посвети помалку внимание на себе, а повеќе да им се помага на другите, како и повеќе да се трудите на училиште. Типичен дел од таков еден дневник гласел: „Одлучна сум да не зборувам повеќе за себе и за сопствените чувства. Да размислам пред да почнам да зборувам. Да работам напорно. Да бидам издржана во моите говори и дела. Да не дозволам мислите да ми лутаат. Да бидам достоинствена. Повеќе да мислам на другите“. Еден век подоцна, типичен дел од дневникот на современата девојка е драстично поразличен: „Ќе се обидам да се подобрам колку што можам повеќе со помош на заштедата и парите што ќе ги заработам од чување деца. Ќе ослабам, ќе набавам нови леќи, веќе имам нова фризура, добра шминка, нова облека и други ситници“.

Еријел Леви, американска авторка, во својата книга „Женски шовинистички свињи“ ги анализирала процесите благодарение на кои модерните жени ја усвоиле таканаречената култура на „сладострастие“: часови за стриптиз, идеализирање на порноѕвезди, уредување на интимните зони, импланти и слично. „Ако машките шовинистички свињи биле мажи кои сметаат дека жените се парче месо, во тоа ги надминаа женските шовинистички свињи – жени кои од себе и од другите жени создаваат сексуални објекти“.

Што е она што толку ги фасцинирало модерните жени во појавите како што се стриптизетите и порноѕвездите? Одговорот на кој наишла Леви е дека за овие, некогаш маргинализирани културни појави, денес сè повеќе се врзува идејата за женско „зајакнување“. Исто така, усвојувањето на овие традиционално машки обрасци на однесување (посета на стриптиз-клуб, гледање порнофилмови) за многу жени е начин да се натпреваруваат со мажите, односно да го победат чувството на сексуална инфериорност. Во ваквото однесување често има и малку искреност, а многу труд за имитирање на мажите, заклучува Леви.

Сѐ на сѐ, се чини дека пораката што на девојчињата им пристигнува од современата култура е дека без секси-фотографија на „Фејсбук“, штикли од 15 сантиметри и вибратор во фиока денес не можете да се сметате за „успешна“ и „јака“ жена. Жена која не само што сака, туку и го живее животот „Сексот и градот“, составен од бесконечни сеанси за разубавување, шопинг, сексуални авантури и нивно раскажување на пријателките. Проблемот е само во тоа што таквиот живот, како и самата ТВ-серија, многу брзо се претвора во фарса.

Еден од добрите текови на деценијата на женска еманципација е тоа што просечна девојка денес повеќе не се подредува на стереотипот на порцеланска кукла која послушно трепка. Лош тек е тоа што сѐ повеќе се подредува на стереотипот на пластична кукла на дување која својот хиперсексуализиран идентитет го доживува како врв на женското самоостварување и триумф на рамноправноста.

Автор: Јована Папан



912

X