Воспитување

Трикови во воспитувањето: Послушно дете без условување

Децата кои штотуку почнале да одат исти се како нас – понекогаш не слушаат. Всушност, на нивната возраст треба да ги научиме како да обрнат внимание на она што ние го зборуваме. Дали така постапуваме? Не баш секогаш, смета д-р Рони Ледерман, шеф на катедрата при Породилниот центар на Универзитетот „Нова Саутистерн“ во Форт Лодерлејл, Флорида. „Често се случува родителите нешто да повторат десет пати, а потоа да почнат да одбројуваат, сè до моментот на казнување. Но, што всушност прават со тоа? Прават детето да не ги слуша сè до десеттиот пат“.

Не слушајќи ве вас, детето го добива вашето внимание. Но, да се биде добар слушател, му помага на детето ефективно и побрзо да учи, да ги уочува знаците за опасност, подобро да се согласува со вас и со својот воспитувач, како и со другите возрасни лица – се очекува и да ги почитува и да создава подобри пријатели. Постојат различни едноставни стратегии – кои, кога константно ќе се спроведуваат, ќе го научат вашето дете на вештини кои му се потребни за да стане подобар слушател. Д-р Ледерман укажува на тоа: „Никогаш не е премногу рано за да почнете да го учите вашето дете. Детето кое штотуку почнало да оди можеби нема да ве слуша толку добро како петгодишник, но вашиот начин на обраќање ќе го привлече неговото внимание“.

1. Спуштете се на негово ниво

Она што секој родител го сфаќа, порано или подоцна, викањето од „висина“ (дури и од друга соба) ретко го постигнува саканиот ефект. Спуштете се долу, клекнете или подигнете го вашето дете така што да можете да го погледнете в очи и да го добиете неговото внимание. Детето многу внимателно ќе ве слуша, на пример, наутро ќе седнете покрај него, за време на појадокот, и ќе го потсетите да ги изеде житариците. Или, навечер ќе седнете покрај него на креветот да му кажете дека наскоро ќе го изгасите светлото.

2. Бидете јасни

Она што сакате да го кажете – кажете го јасно, едноставно и авторитетно. Вашето дете ќе го „изгуби“ вниманието ако се задржувате на темите премногу долго. Тешко е да се разбере смислата на долгите пораки, на пример: „Надвор е многу студено, а ти во последно време беше болна, така што е подобро да облечеш џемпер пред да излеземе до продавница“. Подобро кажете: „Време е да облечеш џемпер“, или кратко „Време е за џемпер“ – со тоа нема да згрешите. Исто така, немојте нешто да искажувате како прашање ако вашето дете всушност нема избор. На пример: „Време е да седнеш на своето седиште во автомобилот“, што има многу голема моќ, за разлика од: „Дали можеш да се качиш во своето седиште во автомобилот, љубов моја?“

3. Дајте реални упатства

Важно е детето да разбере што навистина очекувате да направи, смета д-р Ледерман.

– Ако му велите на вашето двегодишно дете да ги крене своите играчки, тоа најверојатно кратко ќе погледне во собата, а потоа ќе рече: „Оф“. Затоа дајте му реални, вистински задачи, на пример: „Ајде да ги собереме жолтите коцки“. Тогаш таа „работа“ станува игра, која може успешно да се продолжи: „Добро, а сега ќе ги кренеме сините коцки“.

4. Намерата брзо спроведете ја во дело

Направете да биде јасно – дека навистина го мислите она што го кажувате. Немојте да се заканувате или, пак, нешто да ветувате ако немате намера да го исполните. Ако му кажете на вашето двегодишно дете: „Треба да пиеш млеко за вечера“, немојте да го промените мислењето пет минути подоцна и да му дозволите да пие сок. Доколку го предупредите детето дека ќе го казните во случај да го удри братот или сестрата – навистина казнете го ако дојде до тоа. Бидете сигурни дека вашиот партнер ги дели и почитува вашите правила за да не се спротивставувате еден на друг.

Според тоа, кога ја спроведувате намерата во дело, тоа нека биде брзо. Не би требало патпати да викате: „Не трчај преку улица“, пред детето да ве послуша. Исто така, не би требало да паднете во замка повторувајќи безброј пати помалку важни упатства, како што се: „Стави ја чашата на маса“, сè додека детето не ве послуша. Нежно насочете ја детската рака до местото на масата каде што би требало да ја остави чашата – така што точно ќе знае следниот пат што сакате да направи.

5. Однапред предупредете го детето

Пред да дојде до некоја промена, навреме предупредете го детето, особено ако се заиграло со играчки или други деца. Пред да бидете подготвени да тргнете, кажете му на детето: „Треба наскоро да си одиме. Кога ќе те викнам, треба да излезеш од песокот и да си ги измиеш рацете“.

6. Мотивирајте го детето

Викањето наредби може да доведе до резултат (кај некои деца), но никој не ужива во тој процес. Повеќето деца најдобро реагираат кога ги третирате со хумор. На пример, понекогаш може да користите шегаџиски глас или песна за да ја пренесете својата порака. Можете да запеете: „Време е да се мијат забите“, преку мелодија од некоја детска песна, добро позната на детето. Или да зборувате како некој јунак од негов омилен цртан. Дајте му на детето до знаење дека ако ве послуша, ќе има придобивки, а не само да ве слуша затоа што мора. Подобро е, на пример, да се каже: „Измиј ги забите и потоа ќе можеш да ги избереш своите омилени пижами“, наместо: „Мораш да ги миеш забите или ќе добиеш кариес“, или „Веднаш да си ги измил забите!“

7. Зајакнете ја својата порака

Често помага она што сте го рекле да биде проследено со некој друг вид пораки, особено ако се обидувате да го „одвлечете“ вашето дете од активноста во која се внесува. Речете: „Време е за в кревет“ и потоа дајте визуелна порака (гасејќи и палејќи светло), физичка порака (ставајќи ја раката на рамото на детето, за нежно да му го тргнете вниманието од куклата, одвојувајќи го од неа и привлекувајќи го кон себе), демонстративна порака (упатувајќи го детето кон креветот, местејќи ги покривачот и перницата).

Пофалете го детето кога ќе заврши со миењето на забите: „Добро дете, како слушаш“. Дозираниот хумор, нежност и доверба кои му ги покажувате на своето дете кога разговарате со него на ваков начин ќе направат детето да сака да ве слуша – затоа што ќе знае дека го сакате и дека мислите дека е посебно. Тоа е важен аспект, дури и кај стратегиите што бараат цврстина. Давањето јасни, директни и авторитативни инструкции не значи и дека тогаш морате да бидете лути или иритирани – таквите пораки се многу посилни кога се проследени со насмевка или бакнеж. Тогаш детето дознава и учи дека кога обрнува внимание на вас, на она што го зборувате, тоа навистина вреди.

8. Моделирајте добро однесување

Нека ви стане навика да го слушате вашето дете со почит, како што би ја слушале која било возрасна личност. Гледајте кога детето ви се обраќа, одговарајте пристојно и дозволете му да заврши без да го прекинувате. На пример, подготвувате вечера, а вашето дете – кое штотуку проодело, одеднаш почнало многу да зборува. Немојте тогаш да си заминете од него или да му го свртите грбот кога зборува. Како и кога се работи за многу други однесувања, старата изрека – прави го тоа што ти го кажувам, а не она што јас го правам, нема да има некаква вредност кога ќе се обидувате да го научите вашето дете да слуша.

Автор: Снежана Дамјановиќ Митиќ

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top