Сите знаеме дека недостигот на сон и заморот може да ги полудат и луѓето со најсилни нерви. Ако сте ненаспани со денови, полека почнувате да влегувате во зона каде што дури и не сте сигурни дали е јаве или сон. Кога новороденчето ќе дојде дома, првите месеци може да бидат исцрпувачки. Бидејќи вашето бебе не знае дека е ноќ и дека вие сте навикнати да спиете помалку од 6-7 часа без прекин. Тоа има свои потреби и ќе ги покаже јасно и гласно – со плачење и неспиење.

Можеби досега сте се обиделе со сите методи што ви ги предложил педијатарот или пријателката со големо мајчинско искуство. Кога ситуацијата е навистина очајна, може да се обидете со некои методи кои се сигурни, а баш на нив се сетиле очајни родители – желни за туш, сон или испиена шолја кафе во мир, за да си ги приберат мислите.

Загрејте го креветот!

Ако сте од оние родители чие бебе заспива во нивната прегратка, но веднаш се буди штом го спуштите во креветчето, можеби е чувствително на промена на температурата. Имено, вашата прегратка е топла, го нишате бебето, а душекот во креветчето е многу поладен. Кога бебето од топлата прегратка го преселувате во студениот кревет, малото чувствително бебе би можело да се разбуди. Затоа, секогаш имајте подготвено пластично шише со топла вода и неколку минути пред да почнете да го заспивате бебето ставете го во креветчето. Кога бебето ќе заспие во вашата прегратка, тргнете го шишето со топла вода и на загреаното место во креветчето легнете го бебето. Само сметајте на тоа дека ќе ви треба помош, додека го држите заспаното бебе в прегратка, некој друг би требало да го тргне шишето.

Променете ја пелената на бебето пред ноќното хранење

Ова е корисно особено ако вашето бебе се буди само за хранење, или уште подобро, може да јаде во сон. Немојте дополнително да го будите со менување пелени освен ако дошло до излевање од светски размери.

Заспивајте го бебето веднаш штом ќе забележите дека е изморено

Во првите три месеци вашето бебе има кратки периоди на спиење од 30 до 60 минути, по неколку пати дневно. Штом ќе забележите дека ги трие очите, се проѕева, веднаш тргнете во акција за успивање, не чекајте заморот да дојде до врв бидејќи ќе биде потешко да го заспиете.

Некои бебиња ја сакаат вашата близина

Легнете го бебето покрај вас на креветот, приближете ја својата глава до неговата и нежно пејте му. Бебето ги чувствува вашиот мирис и вашата топлина. Некои бебиња ќе заспијат во рацете на своите родители бидејќи ги смируваат отчукувањата на срцето и ритамот на дишење. Најчест начин е вие да легнете на грб, а бебето да го легнете на себе. Но, кога бебето ќе заспие, посигурно е да го префрлите во креветче.

Погледнете го овој интересен начин на успивање кој функционирал кај бебињата. Бебето е повиено во ќебенце и лежи на грб, а таткото нежно му поминува по лицето со хартиено марамче… и бебето заспива. Можеби и вие ќе се сетите на некои интересни начини, но бидете нежни и внимавајте бебето да биде безбедно.

Како да знаете дека бебето спие во длабок сон и дека можете да го префрлите во креветче?

Кога новороденчето конечно ќе заспие, а вие сакате да го префрлите во креветче и малку да се одморите, не правете го тоа пред бебето да биде во длабок сон.
– Набљудувајте ги неговите очни капаци, ако забележите движење на очите под затворени капаци, детето е во длабок сон.
– Нежно кренете ја раката на бебето и пуштете ја, ако само опуштено „падне“, значи дека е во фаза на длабоко спиење.
– Сите мускули на лицето се опуштени.

И кога бебето го спуштате во креветчето, обидете се да не ја ставате прво главата, туку истовремено да ја допре површината од креветчето со сите делови од телото.

Автор: Сања Маташиќ

Извор



912

X