Кога се раѓаме, ние сме празен лист хартија од една книга која допрва треба да се напише. Како што започнува приказната, така почнуваме да се формираме.

Нашите родители, т.е. нашето семејство ги поставува и ги обликува темелите на кои подоцна се развиваме како поединци. Исто така, нашата околина има влијание врз тоа како стапуваме во меѓучовечки односи.

Ако во текот на нашиот развој имаме пример за здрава домашна средина и интеракција, тоа ќе го имитираме подоцна во комуникацијата со другите. Се разбира, децата се сведоци и на конфликти меѓу нивните родители. Меѓутоа, доколку примерот што го имаат дома покажува здрав и конструктивен начин на решавање на конфликтот, децата ќе го применуваат истиот метод при некои конфликти или несогласувања со своите врсници, а подоцна на ист начин ќе се однесуваат и во сопствените партнерски односи.

Меѓутоа, ако ситуацијата е поинаква и на порана возраст децата доживуваат траума гледајќи дисфункционални обрасци, многу е веројатно дека тоа ќе влијае врз нивната способност или неспособност да воспостават здрава комуникација, нивната способност или неспособност да решаваат конфликти и да имаат здрав однос со другите луѓе.

Односот во семејството влијае врз емоционалниот развој и перцепцијата на детето

Психолозите велат дека децата што пораснале во нефункционални домови најчесто имаат родители кои преживеале сопствени трауми и често се соочувале со сопствените демони додека ги воспитувале своите деца. На тоа влијае и тоа што повеќето од нив не ни знаеле што значи да се зборува за траума и дека тоа е нешто сосема нормално, бидејќи кога растеле, не се зборувало за тоа.

Многу луѓе растат и влегуваат во врски кои ја поттикнуваат истата нездрава динамика и дисфункционални обрасци, имитирајќи детство од кое сè уште не закрепнале. Но, не сите односи што ги имаме се одраз на односите на нашите родители. Сепак, има многу заеднички карактеристики, вклучувајќи ги и однесувањата што ги сметаме за прифатливи и она што мислиме дека го заслужуваме во романтичните врски.

Еве три работи што ги учиме од нашите родители за интимните и романтичните врски:

Она што го заслужуваме

Децата учат гледајќи. Преку малите очи, тие развиваат увид во она што го заслужуваат во партнерството. Ако една девојка ја гледа нејзината мајка дека е сама и постојано плаче, а сепак одбива (или не може) да го остави мажот што ја малтретира, таа смета дека тоа е прифатливо – или барем оправдано – однесување во бракот. Учиме не само што ќе толерираме во партнерството, туку и дали заслужуваме да одбиеме одредени однесувања.

Како се комуницира

Како луѓе, ние постојано комуницираме на многу начини кои не се вербални – говор на телото, пасивно-агресивни коментари или звучни воздишки, трескање врати… Кога ги набљудуваат возрасните во домот како ги користат овие нездрави начини на изразување незадоволство и несреќа, децата учат дека тоа е нормален начин на комуникација. Многумина од нас не научиле здрави начини за управување со конфликти сè додека не станале возрасни, кога сме можеле посвесно да набљудуваме како другите се справуваат со стресни настани.

Која е нашата улога

Нашата улога произлегува од многу фактори, почнувајќи надвор од семејната средина, но зацврстувајќи се во рамките на семејната единица. Полот и религијата, меѓу другите фактори, заедно ги обликуваат очекувањата за тоа како треба да се однесуваме и кои треба да станеме во врската. Дете родено во култура каде што мислењето на жените не се вреднува може да се мачи да биде слушнато во сопствениот дом. Ако мало момче го гледа својот татко како работи долги часови и едвај има време за себе или за своето семејство, ќе мисли дека така треба да се однесува еден маж.

Исцелувањето од минатото не е само за „гаснење на вината“, туку и за учење и разбирање. Како што растеме, можеме да стекнеме повеќе увид, поврзувајќи ги сегашните нездрави обрасци со искуствата од детството.

Свеста е првиот чекор кон промена на секое однесување што не ни користи.

Извор



912

X