Игротека

Три прашања на кои секое дете сака да го знае одговорот

Начинот на кој ги гледаме и ги доживуваме децата им потврдува колку се силни

Што мислите, што вашите деца најмногу очекуваат од вас? Најнов „ајфон“? Нови чевли или дизајнерска облека? Прошетка во „Дизниленд“? Школување во најпрестижното приватно училиште? Сите деца се радуваат кога ќе добијат нешто ново. Желбата на децата е многу важна. Не се работи ни за убава облека, ни за најсовремени електронски уреди, ни скапи прошетки, дури ни за скапо образование. Еве што Шефали Цабари, авторка на бестселерот „Свесна фамилија“, мисли за ова:

„Сметам дека мнозинството наши родителски неуспеси доаѓаат од фактот што не разбираме доволно што им е потребно на нашите деца за да напредуваат. Секое дете сака да го знае одговорот на три прашања:

1. Видлив ли сум?

2. Вреден ли сум за внимание?

3. Важен ли сум му некому?

Кога децата ќе почувствуваат дека ги гледаме, кога веруваат дека се вредни за внимание и кога ќе забележат дека се важни не само поради тоа што го постигнуваат туку и поради тоа што се како личности, тогаш ќе можат да уживаат во чувството на зајакнување. Тоа чувство потоа се претвора во одушевување кон сè што им доаѓа во видокругот. Со други зборови, нивната природна љубов кон самите себе се манифестира како љубов кон животот.

Како што децата се движат низ животот, нивната потреба да бидат сакани не е силно изразена, како ни чувството на гордост или сопствените вредности. Сѐ уште немале можност да се стекнат со смелоста која доаѓа со самољубието и самоизразувањето, за што се потребни време и искуство. И затоа сме им потребни ние, особено во раната возраст, за да прочитаат од нас дека имаат големи можности за постигнувања и способност за управување со сопствениот живот. Начинот на кој ги гледаме и ги доживуваме им потврдува колку се силни. Со други зборови, нашата блискост со децата е пресудна во таа фаза од нивниот развој. Таа им потврдува дека се вредни такви какви што се. Последователно, ако претерано се сконцентрираме на нивните постапки, зборовите што понекогаш знаат да ги изговорат или одредени видови однесување, ќе ја испуштиме шансата за исполнување на своите примарни родителски задачи во таа рана доба – зајакнување на нивната личност. Ако не успееме во тоа, нашите деца ќе се свртат против своето вистинско битие и ќе почнат да развиваат заменско, лажно битие, свое его.

За да можеме успешно да ја одиграме таа улога, ние, родителите, не смееме да ја изгубиме врската со својот богат внатрешен живот. Мораме да ги слушаме сопствените желби, да бидеме свесни за своите склоности и да одржуваме согласност со целта на своето постоење и своето место на оваа планета. Без тоа сме осудени на недостиг од близина, досада и најверојатно осаменост.

Тогаш бараме многу и лесно ги користиме децата за да ги исполниме сопствените соништа. Наместо да ги поттикнеме во животот да се занимаваат со она што тие го сакаат, ние преку нив се обидуваме да го ублажиме чувството на сопствената неприспособеност, неисполнетите аспирации и осаменоста. Како тогаш децата можат од нас да ја прочитаат сопствената вредност? Сѐ што можеме да им понудиме е искривена слика заснована на искривената слика што ја имаме за себе. И притоа, секако, се убедуваме себеси, како што ни налага нашата култура, дека сѐ правиме со силна желба да им бидеме на услуга на нашите деца.

Со оглед на тоа дека децата стекнуваат цврст став за својата личност кога таа ќе биде забележана и потврдена, од клучно значење е да оствариме близина со детето, но не како со наш клон или со имагинацијата што ја негуваме за тоа што би требало да стане детето, туку како со неповторлива и единствена личност. На тој начин, со поглед полн со разбирање, со своите искрени постапки и вниманието што им го посветуваме, а не со угодување, нашите деца ќе растат со силна верба во себе. Во интеракција со нив, ќе им дадеме можност да ја спознаат сопствената важност.

„Ме гледаш ли ти мене?“ – тоа е прашање што вашето дете секојдневно си го поставува. „Го препознаваш ли во мене она што јас навистина сум, за разлика од твоите соништа и очекувања и она што го планираш за мене?“

Нашите деца имаат желба да ја препознаеме нивната најскриена природа, нивното најинтимно битие, она што се.

Децата сметаат дека ние ќе успееме да се пробиеме низ кршот од нивното понекогаш ирационално однесување и да ја видиме нивната вистинска личност. Потребни сме им за да ја потврдиме нивната природна добрина, без оглед на сѐ грдо што можеби ќе го кажат или ќе го направат. На тој начин нивната вродена верба во себе ќе добие цврсти темели наместо да биде замаскирана во его.

Децата го развиваат чувството за сопствената вредност кога начинот на кој ги гледаме, слушаме и разговараме со нив им кажува колку се вредни за нашата љубов. Така ги зајакнуваме, им помагаме да ја освестат својата внатрешна и моќна личност, а токму тоа е она што ќе им помогне успешно да се носат со животот.

Само ако ја одделиме својата фантазија за тоа што би требало да бидат децата од она што навистина се, ќе можеме да му посветиме соодветно внимание на нивното вистинско битие и да ги одгледуваме така што ќе продолжат да напредуваат.

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top