Најголем дел од секојдневните работи ги правиме по навика, што е сосема во ред бидејќи тоа автоматско завршување на работите ни штеди време. Навистина нема потреба премногу да се задлабочуваме, анализираме или да ги преиспитуваме работите како што се чистење на станот, готвење, купување, одење на работа… Едноставно ја прифаќаме рутината и доколку е функционална, нема причина да ја менуваме.
Меѓутоа, во оваа рутина може да „западне“ и комуникацијата, па така разговорите стануваат предвидливи, површни, но и извор на недоразбирања бидејќи поставуваме исти прашања и даваме автоматски одговори, слушаме со „половина уво“ и тоа најчесто за да одговориме, а не за да разбереме што некој ни зборува. Кога комуникацијата ќе стане навика, ние веќе не слушаме активно – престануваме да обрнуваме внимание на содржината и суштината. Често не сме ниту свесни дека сме западнале во замка на рутината, сè додека некој не ни го сврти вниманието или додека самите не забележиме дека немаме баш некои квалитетни разговори со партнерот, пријателите, колегите…
И кога е во прашање комуникацијата со децата, тука исто така постои „опасност“ таа да се одвива по навика. На детето му даваме секогаш исти барања, на ист начин – секогаш ги изговараме истите зборови со ист тон: направи, тргни, ајде побрзај… Или поставуваме исти прашања и добиваме исти одговори: Што се случуваше на училиште? – Ништо. На овој начин не ја зајакнуваме врската со детето, ниту дознаваме повеќе за неговото секојдневие, а позитивната и конструктивна комуникација ни го овозможува токму тоа. Затоа имајте го на ум следното:
Со комуникацијата поставуваме темели за идните односи
Од тоа како разговараме со децата зависи како тие ќе разговараат не само со нас, родителите, туку и со другите возрасни лица, но и со врсниците. Родителите некогаш мислат дека тоа што детето е малечко значи дека „мора“ без приговор да ги послуша и почитува. Но, само доколку на детето му се обраќаме со почит, можеме истото да го очекуваме за возврат. Ако ние му велиме на детето: „повели, ти благодарам, те молам, извини“, и тоа ќе ни ги кажува тие нешта нам, но и на другите, бидејќи ќе усвои таков модел на комуникација. Детето го учи тоа што прво го гледа и го имитира, па дури потоа го разбира. Затоа е најдобро да се искористи неговата моќ на учење преку набљудување.
Комуникацијата не е само размена на зборови, туку и на емоции и енергија
Начинот на кој нешто се изговара во голема мера влијае врз тоа како другата страна ќе го разбере тоа и како ќе реагира. Доколку некоја едноставна задача се изговори прегласно, престрого, со лутина, тоа на детето ќе му падне потешко отколку некоја тешка задача која родителот ја изговорил со почит и благопријатност. Задачата изговорена вака: „Тргни ги играчките!!!“ – на детето ќе му звучи како вознемирувачко нешто, што автоматски ќе покрене непријатни емоции и непријатност која ќе се „јавува“ секојпат кога ќе треба да ја заврши таа задача. Дали навистина го сакаме тоа?
Од друга страна, ако му се каже на начин кој буди пријатни емоции, тоа со радост ќе ја заврши задачата и ќе има чувство на достигнување, лична вредност, самопочит. На пример, спуштете се на ниво на детските очи, погледнете го и благо кажете му: „Знам дека средувањето на собата ти се чини како тешка задача. Сепак, верувам дека заедно ќе успееме да ја средиме. Што мислиш?“ Или, нагласете колку ви значи помошта од детето: „Среќен/на сум што стана толку вешт/а со рачињата, па можеш да ми помогнеш да ја средиме собата и играчките. Ти и јас сме вистински тим, нели? Дај ми пет!“ Или ако детето покажува отпор: „Се сеќаваш како пред некој ден ова брзо го завршивме? Се обложувам дека денес можеме уште побрзо! Дали си спремен да го собориме рекордот?
Кога им ги поставуваме задачите преку предизвици и забава, побрзо доаѓаме до целта.

Со комуникацијата влијаеме врз воспоставувањето вредности и уверувања
Вербалните, но и невербалните пораки што му ги испраќаме на детето значително влијаат врз сликата што ќе ја креира за себе. Имајте на ум дека комуникацијата не подразбира само зборови, тоа е и мимика и гест и молчење, крената веѓа, насмевка, но и намуртено лице, воздивнување… Сето тоа детето го гледа и го следи и доколку не му се објасни зошто, на пример, сме го гледале со неодобрување кога рекло дека добило лоша оценка или додека раскажувало како играло со другарчињата во парк сме му одговарале со „мхм, мхм…“, може да создаде уверување дека ништо не прави добро, дека не е вредно за нашето внимание, дека мора многу да се труди за да го заслужи…
Се разбира дека ова не ни е целта, како и дека не можеме секој момент да се вклучиме во приказната на детето или да ги контролираме своите изрази на лицето. Но, кога ќе станеме свесни или кога нашето дете директно ќе нè праша: „Зошто се налути за оценката?“, треба да му одговориме искрено и на ниво кое тоа може да го разбере. На пример: „Малку се изненадив поради лошата оценка, бидејќи мислев дека добро ја совлада лекцијата. Како се чувствуваш ти поради таа оценка?“ Или: „Баш ми е драго што запозна нови другари во паркот. Сакам сè да слушнам за нив, ќе ми раскажеш за време на ручекот, важи?“ Ова е многу почесно кон детето, но и кон вас, бидејќи нема да имате грижа на совест што не можете веднаш да го сослушате. Штом ќе имате слободен момент, потсетете го да ја доврши приказната.
Вака насочената комуникација ни помага да градиме однос, му испраќаме пораки на детето дека ни е важно, дека ни значи.
Со својот начин на комуницирање го учиме како да разговара со нас и со другите.
Автор: Драгана Алексиќ