Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!
ПРАШАЊЕ: Моето дете има 3 години и од скоро почна да оди во градинка, а претходно го чуваше мајка ми. Убаво зборува, итар е, паметен, само е многу темпераментен, сака да се качува секаде, сака да игра во вистинска кујна, со вистински апарати за домаќинство (не знам дали треба да ме загрижува тоа). Откако тргна во градинка, на моја иницијатива зашто сакам да биде меѓу деца, освен што веднаш се разболи, многу се смени. Постојано е плачлив без потреба, бунтовен е, не сака да оди во градинка, ми прави проблем наутро за облекување и ме моли да не оди во градинка. Ноќе станува со плачење и пак зборува за тоа да не оди во градинка. Не е весел како порано. Прашањето ми е како да постапам, дали да бидам упорна и сосила да го носам во градинка, па можеби ќе се навикне, или да се откажам, па да продолжи да го чува баба му, која го прави тоа со задоволство.
ОДГОВОР: Менувањето на социјалната средина и социјалните улоги предизвикува стрес и вознемиреност кај децата. Така и вашето дете, кое било чувано од баба, имало улога на внук и функционирало во средина каде што можело да се качува секаде, да игра во вистинска кујна, со вистински апарати за домаќинство.
Она што сега се случува е средина во која има поинаков ред и правила на однесување и функционирање, за чие вклучување потребен е процес на адаптација со кој детето постепено би ги прифаќало и би се чувствувало сигурно и безбедно.
Доколку детето дава отпор да оди во градинка, во овој случај покажува дека тој сѐ уште не ги прифаќа новите обрасци на однесување и ги бара старите. Тоа му предизвикува стрес, кој го манифестира со плачење, негодување, бунтовност, отпор.
Ваквите стресогени ситуации му овозможуваат психолошки имунитет на детето, па по тоа искуство тој би станал поотпорен и поснаодлив во надворешниот свет. Бидете упорни да го постигне тоа и да развие нови социјални вештини.
Одговара: Христина Стефановска, психолог за деца и адолесценти, Здружение „Хармоничен свет“, е-пошта: hristina_psihologija@yahoo.com
Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.
Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.
912