Сите понекогаш кажуваме фраза која ги вклучува зборовите „како девојче“ или „како момче“. Но, тоа е првото нешто што мора да го заборавиме кога станува збор за воспитувањето. Воспитуваме луѓе, добри луѓе, а не девојчиња и момчиња. Особено ако сакаме конечно да им ставиме крај на предрасудите.

„Ајде, постапи како девојче!
„Види колку си валкан! Дали си девојка или момче?!“
„Како разговарате еден со друг?! Па, ти си девојка!“

Ајде да бидеме сосема искрени со себе на почетокот и да признаеме дека слична реченица често знаеме да изговориме, можеби малку поблага. А ако имате момче, сигурно барем еднаш сте помислиле „Ајде, не плачи како девојче, момчиња не плачат!“ И тогаш, исто така сосема искрено, размислете што всушност му кажувате на детето и што го учите.

Девојчињата, уште од нивното раѓање, ги учиме да бидат пристојни, скромни, грижливи, да не дивеат, да бидат фини. Не само што ги учиме на ова, макар и потсвесно, туку тоа е нешто што општеството го очекува од нив. Девојките се ранливи, кревки, ќе бидат мајки, учителки, сакаме да ги заштитиме од сѐ. Внимателно и тајно ги насочуваме кон активности во кои ќе бидат успешни, што нема да биде извор на фрустрација. Девојките секогаш мора да бидат убаво облечени, да се грижат за чистотата, додека момчињата можат секаде да одат во спортски панталони, да се тркалаат по земјата и да бидат силни и смели. Девојките имаат комплети за правење барбики и белегзии, а момчињата имаат комплети за градење мотори.

Девојките се критикувани кога се претерано бучни и кога се премногу немирни, а момчињата се токму тоа – вистински момчиња. Ако размислите за ова, ќе сфатите дека овие „инструкции“, односно ваквото воспитување е всушност сексистичко. Момчињата можат да бидат гласни, а подоцна да пцујат како мажите. Девојките мора да бидат тивки, а подоцна, како сопруги, да ги слушаат своите сопрузи. Девојките мора да бидат дами, а момчињата можат да бидат – момчиња. Па, доста е!

Општата пристојност не е доведена во прашање, но мора да бидат учтиви и девојките и момчињата, жените и мажите. И девојчињата и момчињата не треба да се караат без причина, но мора да знаат да застанат во одбрана – и двете страни. Треба да се охрабруваат да бидат храбри и смели, да се стремат кон повисоко и подобро – и двајцата. Ако девојките се само и исклучиво тивки и учтиви, тоа нема да ги однесе никаде. И, да, девојките не мора да бидат совршени!

Решма Сауџани, активистка за правата на жените и основач на „Girls Who Code“, напишала книга која ја нарекла „Храбра, а не совршена“. Во таа книга, таа опишала дека стремежот кон совршенство е речиси програмиран кај девојчињата, низ години и години обука за совршенство. Токму поради ова совршенство кон кое се стремат, девојките нема да се осмелуваат да застанат во одбрана, за да не се судрат со некого, а особено ќе страдаат кога ќе згрешат. Еве што советува Сауџани во својата книга!

Вклучете го зборот „сѐ уште“ во изјавите на вашата ќерка

Научете го вашето девојче да го вклучи зборот „сѐ уште“ во негативните изјави за себе. На пример, ако таа рече: „Не сум добра во математика“, научете ја да вели: „Сè уште не сум добра во математика.“ Оваа мала промена може да има огромно влијание, особено во моментите и ситуациите кога работите не се во ред. Ќе научат дека тоа е само привремено.

Бидете модел за храброст

Децата учат од она што го гледаат, но и од она што не го гледаат. Направете нешто што ве плаши, за вашето девојче да види дека е во ред да ризикува.

Заборавете на „девојката во неволја“!

Кога сами решаваме некој проблем, тоа ни дава посебна сила и моќ. Научете го вашето мало девојче да изгради нешто само, да поправи нешто – се разбира, според возраста – за да разбере дека може да прави некои работи само. Некогаш ќе ѝ биде тешко на почетокот, но така ќе научи да биде истрајна. Така секогаш ги учиме момчињата, но не и девојчињата. Не култивирајте со неа менталитет „девојка во неволја“ која чека маж да ја спаси.

Поттикнете ја да биде храбра и да ги охрабри другите да го прават истото

Нека ги пофали своите пријатели кога нешто добро ќе направат, но нека го изрази своето искрено мислење кога некој ќе ја праша што мисли за нешто, и тоа на љубезен начин, наместо да каже дури и безопасна лага за да заштити нечии чувства. Кога таа самата ќе направи грешка, нека ја сподели таа грешка со другите за да почувствува дека е сосема во ред да се биде ранлив и несовршен.

Научете ја да се обидува повторно

Понекогаш нема да успее во нешто и тоа е нормално, таа треба да го знае тоа. Сепак, ваквите неуспеси нѐ учат што треба да правиме следниот пат. Потоа, ние сме помудри, поранливи и се чувствуваме реално. Ако вашето девојче не успее во нешто, а ризикувало, тоа е храбро. Прославете што се обидела.

Поддржете ја нејзината потреба да биде гласна

Научете ја дека секогаш мора да се залага за она што мисли дека е правилно. Ако некој каже нешто што не е во ред, поттикнете ја да му каже што мисли за тоа. Ако некој се обиде да ја исплаши, кажете ѝ да остане силна и одлучна. Таа, исто така, треба да знае кога да ги прослави своите достигнувања и да не молчи за нив.

Охрабрете ја да прави нешто во што не е одлична

Така учиме да го толерираме она што не е совршено. Ако видите дека сака да се качи на дрво, а мисли дека тоа не е добро за неа, не кажувајте ѝ дека „не е важно затоа што и онака тоа го прават момчињата“. Охрабрете ја да се обиде да се искачи и бидете тука за неа ако не успее или ако падне (се разбира, во безбедни и соодветни граници за возраста). Не учете го вашето мало девојче да биде совршено и „вистинско девојче“! Учете го да биде храбро.

Автор: Наташа Крстичевиќ

Извор



912

X