Новороденчето го оперирал тим на чело со д-р Жан Митрев

Михаил е роден на 19 ноември во Клиничката болница во Штип. Веднаш по раѓањето се препознаени симптоми на вродена срцева маана и 8 часа по раѓањето бебето е префрлено на Клиника за детски болести, каде што му е дадена соодветна грижа. Поради респираторен дистрес, тоа е интубирано и поставено на механичка вентилација. По реализираниот ехокардиографски преглед и прецизирање на мааната која наведувала на транспозиција на големи крвни садови, поставено на простогландинска терапија, како и супортивна срцева терапија и детето било префрлено во клиничката болница „Жан Митрев“ за оперативен третман.

– Во нашата болница новороденчето пристигна во тешка општа состојба, со генерализирана цијаноза (модрило по целото тело), со кислородна сатурација од 40%, со забрзано и отежнато дишење, со ниска тензија, со знаци за срцево и бубрежно попуштање, состојба која побаруваше итна кардиохируршка корекција. И во нашата болница се потврди вродена срцева маана транспозиција на големи крвни садови. Моментот на доаѓањето на пациентот беше многу возбудлив затоа што веќе се оперираше 4-месечно доенче со сложена срцева маана, така што периодот додека заврши таа операција беше искористен за итно стабилизирање на состојбата на Михаил, предоперативна подготовка по протокол со анализирање на потребната лабораторија, рендгенографска анализа, трансфузиолошка анализа. Воедно, кај новороденото се детектира и специфична крвна група, О негатив, за што мораше веднаш да се обезбеди крв и крвни деривати – објасни д-р Јорданка Маџовска, педијатар во „Жан Митрев“.

Новороденчето го оперирал тим на чело со д-р Жан Митрев, а операцијата траела 4 часа. Била направена артериска свич (switch) операција, што значи прешивање на големите крвни садови на соодветното излезиште. Тоа значи дека аортата се прешива на излезиштето на левата комора, а белодробното стебло на излезиштето на десната комора, а се прави и прешивање на коронарните крвни садови од новата аорта, со што се добива целосна корекција на вродената срцева маана.

Постоперативниот период поминал без компликации, а ехокардиографскиот преглед покажува уредна срцева функција.

– Тринаесеттиот постоперативен ден новороденчето беше споено со мајката и веќе од следниот ден се започна со активно доење. Транспозиција на големи крвни садови е вродена срцева маана која влегува во групата на цијаногени маани со двонасочен шант и претставува аномалија каде што аортата наместо од лева комора, излегува од десна комора, а белодробната артерија наместо да излегува од десна комора, излегува од лева комора. Така низ организмот главно циркулира крв која не е оксигенирана, а со тоа организмот не е снабден со доволни количини кислород – објаснуваат од клиничката болница.

Оваа аномалија е животозагрозувачка доколку веднаш не се преземе соодветен третман.
– Таа е дуктус зависна маана, поточно потребно е да се одржува артерискиот дуктус (спојот помеѓу аортата и белодробната артерија) отворен. Третманот се состои од две можности. Правата е палијативна со балон атриосептотомија по Рашкинд, со отворање поголем отвор помеѓу двете преткомори со цел мешање на поголем дел од крвта и со тоа повеќе оксигенирана крв, со тоа што по неколку недели треба да се пристапи кон целосна корекција на вродената срцева маана и втората опција е кардиохируршки третман со комплетна корекција на срцевата аномалија – информира д-р Жан Митрев.

Ова е втор случај на ваква вродена срцева аномалија што се третира во „Жан Митрев“. Претходната беше направена во август.
– Доенчето Риниса редовно се следи во нашата институција и сега е со одличен ехокардиографски наод на срцето, со одличен напредок во телесната тежина – велат од болницата.

(Комерцијална објава)



912

X