Здравје

Топлински исип кај бебињата: колку е опасен и како да го спречите

Кожата на бебето е многу потенка и понежна од кожата на возрасните, па затоа е поподложна на разни проблеми. Топлотниот исип се јавува кај бебињата како резултат на долготрајно изложување на сонце, односно на топлина, поради што тие повеќе се потат. Топлината не е добра за деликатната кожа на бебето, па се јавува оваа реакција.

Иако често се меша со други видови исип, вака можете да го препознаете:

– се јавува на одредени места на кожата каде што бебето најмногу се поти (на вратот под косата ако косата е подолга, на грбот и во пределот на пелената каде што кожата потешко „дише“; на наборите на рацете, нозете, пазувите, понекогаш зад ушите).

– се работи за мали црвеникави мозолчиња или плускавци.

– создаваат неправилна форма на црвенило и можат да се шират.

Што да направите ако бебето добие исип?

Најважно е прво да го ставите бебето во ладна просторија, а потоа да го раскомотите. Избришете ја кожата со влажна пелена или избањајте го во млака вода за да го освежите, па оставете ја кожата да се исуши сама.

Како да се спречи топлински исип?

– Во текот на летните месеци, облечете го вашето бебе во удобна памучна облека која не е премногу тесна, особено ако живеете на места со висока влажност. Изберете гардероба од исклучиво природни материјали.

– На местата каде што бебето најмногу се поти, можете со четка за шминка да нанесете тенок слој пченкарен скроб, кој ќе го впие вишокот пот, но не се препорачува бебешка пудра. Исто така, избегнувајте пластични гаќички кои се носат над пелената бидејќи бебето повеќе се поти под нив.

– Кога го држите бебето в раце, не носете тврди ткаенини кои би можеле да ја иритираат кожата на бебето, вашата облека треба да е од природни материјали.

– За време на многу топли денови, не изнесувајте го вашето бебе надвор кога сонцето е најсилно, помеѓу 10 и 16 часот, чувајте го во затворени и ладни простории и редовно проверувајте дали му е премногу топло. Дојте го почесто од вообичаено за да избегнете дехидрација.

– Доколку не сте сто проценти сигурни дека вашето бебе има топлински исип, добро би било да посетите лекар.

Овој тип исип обично исчезнува сам по себе по 2-3 дена и нема никакви придружни симптоми, па доколку бебето добие температура и исипот трае малку подолго, треба да се јавите кај педијатарот.

Автор: Сандра Крстановиќ

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top