Професорот Томислав Таневски, доктор по музикологија, член на Здружението за музикотерапија „Џунџуле“, вели дека музичкото опкружување е секојдневно присутно кај децата, а тоа многу подобро може да го искористат наставниците

Музиката ја подобрува меморијата. Учениците може да имаат многу подобри резултати по математика, природни науки и по предмети каде што е важно памтењето ако ја разбираат музиката. Неодамнешните истражувања го потврдуваат ставот дека кај учениците што се занимаваат со уметност, особено со музика, поради ангажманот на когнитивните процеси, тие се развиваат на едно повисоко ниво.
Професорот Томислав Таневски, доктор по музикологија, член на Здружението за музикотерапија „Џунџуле“, вели дека музичкото опкружување е секојдневно присутно кај децата, а тоа многу подобро може да го искористат наставниците.


Наставниците главно се под притисок да ги спроведат и остварат стандардите на курикулумот, фокусирајќи се на мајчин јазик и математика, а музиката често е ставена во заднина. Но, со мало креативно планирање таа всушност може да служи како метод за учење и совладување одредени задачи од наставните програми – вели Таневски.

Со музика нема здодевни часови

Како музичките активности влијаат врз размислувањето и изучувањето на математиката? Според Таневски, студиите покажуваат позитивен сооднос меѓу музичките активности и резултатите на стандардните математички тестирања.

Но, педагогијата и методиката на музичка настава, влијаејќи врз музичкиот развој, влијаат и врз квалитетот на детскиот развој.
– Вклучувањето музика во процесот на учење е добар пристап на наставникот за да добие зголемен интерес од учениците да го научат она што инаку им е здодевно – вели тој.

Музикотерапевтски активности за подобар развој

Доколку музиката се користи низ музикотерапевтски активности, може да се постигнат добри резултати во многу области.
Таа помага да ја подобриме нашата меморија. Од друга страна, пак, учениците ќе имаат пријатна атмосфера во својата училница.
– Има ученици што се затворени во себе, на кои потешко им оди изразувањето пред другите и музиката и тука може многу да помогне – вели професорот.
Музиката честопати знае да ја стимулира личноста да работи во тим, го развива говорот и е од голема помош да се разбере значењето на пишаниот текст.

Асоцијацијата на психолози во САД сугерира дека часовите по музика, дури и едноставното слушање музика, го подобруваат просторното резонирање. Студијата на Рошер и Шо ја потврдува врската меѓу музиката и просторната интелигенција:
– Добро развиената просторна интелигенција е способност за формирање ментални слики за физичките објекти и препознавање варијации на објекти. Тие се круцијални за повисоки мозочни функции како музика, комплексна математика и шах – пишуваат тие во својата студија.



912

X