Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Мајка сум на 11-месечно бебе кое е доста напредно, самостојно и морам да кажам паметно или лукаво. Досега во овие 11 месеци не сум имала никаков проблем со него, но последнава недела не можам да воспоставам контрола – постојано се лути, сака сè што не е за него, не го интересираат неговите играчки, а доколку не му дозволам да фати нешто што не е за него, веднаш легнува на под и вреска, но вреска толку многу што некој да поминува во тој момент и да слуша, ќе помисли којзнае што му прават, го отепаа. Го пробав секој метод – со убаво, со милно зборување, со галење, гушкање, но не вреди. Почнав да губам самоконтрола и да му се развикувам, но и тоа не помага.

На сето тоа јагодка на шлагот ми е менувањето пелени. Тоа ми претставува буквално најголем стрес и нервоза. Во никој случај не дозволува и тоа е една невидена борба и мака со многу врескање, пискање од негова страна, а понекогаш и од моја, бидејќи не знам веќе начин на кој би го совладала. Не знам што да правам, кои методи да ги користам. Разбирам дека можеби сега е и тој период на нервоза бидејќи му излегуваат запчињата, но навистина сум во заблуда и не го знам вистинскиот пристап кон 11-месечно бебе бидејќи и не е толку доволно голем за да разбере.

Прашува: мајка

ОДГОВОР: Драга мајка, многу ми е драго што вашето дете е доста напредно, самостојно, паметно и итро и дека досега не сте имале никаков проблем со него. Вие и сега немате проблем со вашето дете, имате дете кое добро се развива и почнува да го запознава светот, а тоа е единствена задача што детето ја има сега. Во моментите што ги опишувате и од реакциите на вашето дете нормално е да сте вознемирени, дури и уплашени, бидејќи одеднаш не знаете што се случува и како да реагирате.

Отсега натаму ќе ви бидат потребни поголема трпеливост и повеќе енергија. Сè што е околу него му е интересно и многу често, како што рековте, неговото внимание ќе биде свртено кон нешто друго, а не кон неговите играчки, и неговиот интерес и внимание за многу работи ќе бидат краткотрајни. Ваша задача е да го водите и да му помогнете на детето, да му покажете што може да направи бидејќи тоа нема ниту капацитет ниту идеја за да ги задоволи своите потреби на прифатлив начин.

Во возраста во која е вашето дете почнува потребата за индивидуалност, а во исто време детето се соочува со своите ограничувања. Во многу случаи детето исто така може да биде и уморно, гладно, да му е досадно или пак да има прекумерна стимулација, а рековте дека му растат запчиња, па тоа уште повеќе може да го мачи и вознемирува.

Како што е потребата од создавање и добивање нови искуства, вашето дете има потреба и да развие комуникација со вас. Поради тоа плаче, вреска или се удира од земја, додека другата потреба е потребата за моќ, во случаи на чувство на немоќност за да го добие она што го сака, фрустрацијата прави реакцијата да биде многу бурна и интензивна.

Билјана Манасова-Јовановиќ, дефектолог и психотерапевт

Ова се детски тантруми, или доста јаки емотивно интензивни моменти. Секако дека начинот на кој вашето дете реагира и ги задоволува своите потреби не ви се допаѓа, па затоа пробајте она што го прави да го вербализирате, на пример: „Ти се налути, сакаш да го земеш шишето…“ (предмети кон кои оди).

Понудете секогаш алтернатива, земете го предметот и брзо пренасочувајте го во ситуации кога би можел да се повреди или кога некои предмети не се за него. Исто така, барајте од него: „Покажи ми што сакаш“, „Ова сега ќе го оставиме тука, а ќе го земеме ова“…

Престанете да се борите, во таа борба нема добивка, има само викање и уште повеќе фрустрација за двајцата. Бидете столб на вашето дете, пробајте повеќе да се смеете, кога вие ќе се смеете, и детето ќе се смее, на пример: кога не сака да менува пелена, бидете креативни, па ставете ја пелената на мечето или на нешто што си игра, или во рацете нека има нешто што му е интересно (на пример, штипки). Кога ќе се смири, кажете му: „Се смири, браво!“ Така детето ќе слушне дека се смирило, така ќе учи дека тоа е добро. Или пред да менувате пелена кажете: „Знам дека не сакаш да ја менуваме пелената овие денови и дека си вознемирен и лут, но мора да го сториме тоа“.

Во ситуации кога ви доаѓа и вие да врескате, а детето ве гледа, пробајте да шепотите и зборувајте со смирен, тивок и нежен глас, кога ќе почне да се смирува, кажете: „Жал ми е што се налути, ајде да одиме на прошетка“. Додека ова може да даде резултат во некои ситуации (тивкото зборување) понекогаш е добро и да не реагирате/игнорирате бидејќи тоа знае дека она што го работи бара ваша реакција, за ова вие сами ќе треба да одмерите кога и во кој случај да го употребите.

Кога реакцијата е многу бурна и јака и кога е многу вознемирено, детето нема да може да ве види или да ве чуе, затоа прегрнете го, на тој начин ќе ве почувствува и ќе се почувствува сигурно, а истовремено ќе може да ги стопи енергијата и фрустрацијата. Бидете доследни, доколку сметате дека некои работи или предмети не се за него, тогаш не попуштајте, истрпете ја реакцијата и дајте му на детето некоја друга алтернатива или пренасочете го.

Вербализирајте повеќе во смисла „Ти се среќен“, „Се радуваш“, „Се налути“. На тој начин детето учи за употребата на овие зборови поврзани со она како се чувствува.

Како ќе расте вашето дете, многу работи со кои ќе се соочувате нема да бидат онака како што би сакале или очекувате. Ќе бидете изненадени, уплашени, затоа, ако вие сте вознемирени, нетрпеливи или фрустрирани, детето ќе се чувствува исто. Потрудете се да управувате со сопственото однесување (како вие реагирате) и имајте повеќе разбирање низ што поминува вашето дете.

Бидете смирени, самоуверени и јасни, потрудете се на детето да не му давате помешани пораки, како: не може, не знам, можеби… Дајте му чувство дека е во ред дури и во вакви ситуации и дека го сакате.
Радувајте се на развојот на вашето дете, тоа сака повеќе, а не може, во овој тежок пат за него, но со ваша поддршка и помош ќе научи да созрева и ќе учи многу работи, да толерира фрустрација, да се приспособува, да одложува задоволства…

Овозможувањето на вашето дете да ги изрази своите чувства ќе му помогне подобро да ги разбере своите емоции, а како ќе расте, и да научи како да ги регулира на прифатлив начин.

Одговара: Билјана Манасова-Јовановиќ, дефектолог и психотерапевт; Психотерапија и советување 
е-пошта: sovetuvanje@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.



912

X