Природното чувство на срам им помага на децата да ги научат правилата за однесување во општеството, но тој ист срам може да прерасне во таканаречен токсичен срам ако децата се казнети или сме им се развикале. Секое дете понекогаш чувствува или има потреба да се изрази на начин кој нема да биде општествено прифатлив. Но, како да ги водиме децата кон прифатливо однесување така што нивните потреби ќе бидат задоволени, а притоа да не ги казниме и да не ги засрамиме.

Започнете со чувството на благ срам. Кажете „да“ наглас неколку пати. Како се чувствувате? Јас сум среќен, насмеан. А сега кажете „не“ неколку пати наглас. Како се чувствувате? Насмевката исчезнува. Се чувствувам лошо, повлечено, изолирано. Некои луѓе, особено оние што имале строги родители кои ги казнувале, може да чувствуваат и лутина. Тоа е благ срам. Тај е природен начин на кој ги контролираме своите пориви за да бидеме сигурни, да се вклопиме во општеството и да ги оствариме сопствените желби и потреби.

Децата може да бидат засрамени од родителите ако тие ги исмејуваат нивните чувства или постапки

Д-р Ден Сигел, познат психијатар за деца, ова го нарекува емоционална бариера на префронталниот кортекс, делот на мозокот задолжен за когнитивни функции кои влијаат врз однесувањето и карактерот. На пример, за да не ги разочараме своите родители или да избегнеме срам кога сите зјапаат во нас бидејќи сме прегласни. Секое дете мора да ја развие оваа емоционална бариера. Таа му помага да ги препознае правилата на заедницата во која живее и да може да се приспособи.

Но, како децата ја развиваат оваа емоционална бариера? Тоа се случува преку невронски врски во мозокот. Со повторување на искуството мозокот се приспособува и создава нови невронски врски. Затоа секојпат кога на детето му поставувате граници и тоа го правите со емпатија и разбирање, вашето дете ќе ги учи правилата на однесување во општеството врз основа на тој пример. Задачата на родителот е да го насочи своето дете кон прифатлив начин на однесување.

Децата може да бидат засрамени од родителите ако тие ги исмејуваат нивните чувства или постапки. Можеме да ги засрамиме и ако се чувствуваат како да не се доволно добри. Тоа се почести начини на кои многу родители се обидуваат да ги научат децата на ред, а всушност ги срамат. Дали тоа ќе ги уништи децата? Не, сè додека остане изолиран случај и додека детето и понатаму ја добива нашата неограничена љубов и прифаќање. Но, ако ваквите епизоди редовно се повторуваат во детството, тој срам што го чувствува детето ќе прерасне во токсичен срам. Тоа ќе го следи детето целиот живот. Ќе порасне во несигурна личност која ќе мисли дека не е вредна за ничие внимание и љубов. Децата инстинктивно се обидуваат да го потиснат тоа, но сепак го чувствуваат тој токсичен срам. Затоа во животот се обидуваат да го маскираат со зависност од екраните, дебелеење или претерана посветеност на работата.

Како да ги натераме децата да нè слушаат без да ги засрамуваме?
Спротивставете се на нагонот да ги засрамувате или обвинувате за мали работи што се безопасни. Обидете се да сочувствувате со детето и поставете јасни граници без осуда или критики.

Покажете со пример – децата ги гледаат родителите како модели на кои се угледуваат. Тие го набљудуваат нашето однесување и начинот на кој ги третираме. Врз основа на тоа носат одлуки што е правилно и општествено прифатливо. Сè додека нè почитуваат, ние ќе бидеме нивен пример.

Ако се чувствува критикувано и засрамено, повеќе ќе се спротивставува на вашите правила

Бидете секогаш отворени за расправа – тајните предизвикуваат срам кај децата бидејќи им даваат порака дека за некои работи не треба да се разговара. Секогаш бидете отворени за расправа со своето дете за која било тема. И секогаш дискутирајте со нив за сè, прашувајте сè што ве интересира. Се разбира, во согласност со нивната возраст и степен на развој.

Поставувајте граници со сочувство и разбирање – секојпат кога го правите тоа, детето развива емоционални бариери и така ги контролира своите нагони. Колку повеќе разбирање и сочувство ќе вклучите во вашиот однос, толку повеќе детето ќе сака да ве вклучи како негово водство и ќе му биде полесно да се приспособи на вашите правила. Спротивно на тоа, ако се чувствува критикувано и засрамено, повеќе ќе се спротивставува на вашите правила и ќе се срами од сопствените нагони.

Спротивставете се на потребата да го казните детето – доволно е да го водите и да го насочувате со разбирање и сочувство. Вие ќе поставите јасна граница за она што е дозволено, а што не е, но тоа ќе го направите со разбирање на потребите и желбите на вашето дете, наместо да ги изнесувате своите очекувања. Никогаш не треба на детето да му се покаже што е лошо однесување преку казнување.

Казната е ефикасна само до таа мера до која ќе го повреди детето. Кога е повредено од страна на родителите, најважните луѓе во неговиот живот, детето не може ништо да научи од казната. Може само да научи да се срами. Казната го поттикнува токсичниот срам и му испраќа порака на детето дека е толку лошо, што луѓето кои би требало најмногу да го чуваат имаат јасна намера да го повредат, без разлика дали физички преку удар или емоционално преку некаква забрана.

Длабоко во себе детето е свесно дека е совршено такво какво што е

Детето може поради казната силно да се труди да биде добро дете цел живот, но пронајдете некоја личност која е одгледувана на тој начин и разговарајте со неа за да видите колку проблеми има со депресија и анксиозност. Или, пак, детето може на казна да реагира и со бес. Во кој било случај, казната предизвикува срам.

Поврзаноста со детето е многу посилен мотиватор кој ви помага да поставите јасни и ефикасни граници за однесување, Детето кое се качува на комода радо ќе се спушти ако му го понудите тоа што го сака многу повеќе од самото качување, а тоа е поврзаност и близок однос со вас. Така ќе одгледате дете кое: ги контролира своите чувства и знае да го контролира своето однесување, сака да го прифати вашето водство, односно сака да ве послуша и има сопствена свест – знае што е добро, а што не, длабоко во себе е свесно дека е совршено такво какво што е.


Вие можете подобро!

Автор: Михаел Шанко

Извор



912

X