Како што растат, децата учат за правилата на општеството преку составување игри со правила, учат да се радуваат на победата, но и да го прифатат поразот…
Ниедно дете не се родило со готови социјални вештини, напротив, ги учи и стекнува преку стадиумите на социјалната интеракција и стимулативната околина која му ја нуди семејството. Каква социјална интеракција ќе создава детето со околината, ќе зависи, пред сè, од возраста на детето, потоа од темпераментот, комуникацијата со родителите, степенот на развиен говор итн. Играта е доброволно ангажирање на детето во активности кои се самомотивирани и кои обично се поврзани со задоволство и уживање. Преку играта децата учат за околината и нивното место во светот. Неструктурираната игра во раното детство им помага на децата да ја запознаат нивната непосредна околина. Играта, исто така, овозможува да се развијат социјалните вештини. Како што растат, децата учат за правилата на општеството преку составување игри со правила, учат да се радуваат на победата, но и да го прифатат поразот. Тие, исто така, учат да ги контролираат нивните импулси и емоции, да преговараат и да ги решаваат конфликтите со врсниците.
РАЗВОЈНИ СТАДИУМИ НА СОЦИЈАЛНАТА ИНТЕРАКЦИЈА ВО ИГРАТА НА ДЕЦАТА:
„Незаинтересирана“ игра – Случајни или рефлексни движења на доенчето кои немаат јасна цел, но се првите обрасци на играта.
Самостојна игра – Период кога детето игра само со себе. Децата изгледаат како да не забележуваат други деца кои седат или играат покрај нив.
Игра на набљудување – Тоа е период кога децата се набљудуваат едни со други додека играат. Детето што набљудува може да поставува прашања во врска со играта, но нема иницијатива да се вклучи во неа.
Паралелна игра – Период кога децата играат рамо до рамо едни до други, но без многу интеракција иако внимаваат и се следат едни со други.
Асоцијативна игра – Период кога децата почнуваат да пројавуваат прашања во врска со играта, имаат слични цели во играта, но немаат јасно поставени правила и прописи.
Социјална игра – Период кога децата почнуваат да споделуваат идеи и играчки, заедно ги следат правилата, целите и границите, секое од децата ги споделува своите интереси.
ВАЖНО: На децата им е потребна слободна игра бидејќи тоа што рацете и телото нема да го преживеат, допрат и осознаат, мозокот нема да го запомни.
Христина Стефановска, психолог за деца и адолесценти
912