Немам одговори на сите прашања. Сепак, сакам да верувам дека можам да ја задоволам детската љубопитност со добри дела. А, денес, останав без одговор на прашањето на мојот 14-годишен внук. И тоа, голем, важен одговор. Грчевито се обидував да се сетам што мудро и најслично на вистината да му кажам, но двете очиња насочени право во моите очи ме обесхрабруваа.

Знаев дека нема да помине ништо приближно до вистината, бидејќи вистината е толку очигледна и останува само болното очекување да биде изговорена. Прелистувајќи некои стари фотографии, што често го правеше во последните неколку дена, наиде на онаа скриена некаде во сеќавањата. Заборавена фотографија, но не и случките и емоциите поврзани со неа. Тој и неговата мајка фотографирани во текот на вообичаениот пат од градинка до дома. Два весели, мили ликови. Сега толку емоции предизвикува тој секојдневен, тогаш по ништо посебен, момент. „Гледаш, сега кога ќе се сетам на тоа време, сфаќам дека повеќе од кога било сум сигурен дека ништо не може да нè раздели“. Така ги изговори тие зборови, што моето „Зошто го велиш тоа? Па ништо не може да ве раздели“, се чинеше толку бледо и некорисно, дури и лажно и иритирачко, што посакав да премолчев.

„Се сеќаваш како плачеше додека заминуваше? Кога ми ветуваше дека тоа е само на неколку месеци и дека брзо ќе помине?“ Кимнав со главата. „Дали си забележала дека одамна не заплакала, ниту кога заминува по краток престој тука ниту кога ќе се слушнеме преку интернет?“ „Тоа не значи дека не ѝ е тешко“. „А дали некој на кој некоја личност многу му недостига може да избере да живее илјадници километри подалеку?“ „Тоа што се иселила, не значи дека помалку те сака“. „Не значи ниту дека ме сака доволно“.

Останав затекната. Го набљудував како дете, а сега се наоѓам пред лице кое ми поставува прашања и дава одговори кои се сè – само не незрели, зад кои се кријат длабоко размислување и емоции.

Кога мојата сестра замина на работа во странство, во почетокот планирано за неколку месеци, мислев дека разговорот со внукот ќе биде еден од најтешките на кои ќе присуствувам. Ме тешеше тоа што постоеше рок и што не сум главен актер во смислувањето идеи со кои ќе се залажува збунетата мала глава во првите неколку дена. По враќањето, следуваше нејзино второ заминување, па трето, па четврто. И тамам кога почнавме да се привикнуваме и да функционираме, имајќи надеж дека баш тоа ќе биде последно пред нејзиното конечно враќање дома, ни соопшти дека се омажила „таму далеку“ и дека е бремена. Шокот што го почувствував не беше поради моја визија како таа би требало да го води својот живот, ниту поради неусогласеноста со текот на случувањата, ниту затоа што, иако сум ѝ сестра, сметам дека имам право на 30 години да ја учам што треба да прави.

Шокот беше резултат на моменталното спознавање на хаосот кој се случува во срцето и умот на еден мал човек, кој штотуку згазил преку прагот на тинејџерската доба, чиј поглед не успеваше да го прикрие сето она што устата го криеше. Му зборуваше дека го сака најмногу на светот, дека не може да живее без него, дека тој ќе доаѓа кај неа и таа кај него кога и да е тоа можно, дека веднаш штом ќе заврши средно училиште, ќе се пресели кај неа. Плачеше, а тој само немо ја гледаше. На нејзината молба да каже нешто, тој го постави прашањето: „Дали е тоа ветување?“

„Се разбира дека е“, како со олеснување да дочека. „Исто како и она дека ќе останеш само неколку месеци? Исто како и она што секојпат ми го даваше – дека е последен пат како заминуваш?“


Таа замолкна. „Скокна“ неговиот татко со некоја шега и идеја. Навидум ја опушти атмосферата. Но, тоа беше само привид. Мислите и емоциите вриеја во сите нас. Сепак, најлошо му беше нему. Се чувствуваше изневерен. Има татко кој му е посветен како ниту еден што сум сретнала, ме има мене и моето семејство, бабите, дедовците, но… Љубовта на далечина помеѓу мајката и детето во периодот на неговото созревање е премногу комплицирана врска и премногу бара за правилно да се постави.

„А, што мислиш“, продолжува да ме прашува, „дали и другото дете ќе може да го остави ако некогаш ѝ се види поинтересен животот на некое друго место?“ „Не те остава таа тебе, ти си ѝ во срцето“, реков, за да не дадам навестување со молчењето дека го оправдувам неговото прашање. Изгледа дека така тоа го доживеа и продолжи како ништо да не реков:

„Додека го бања, заспива, игра и си поминува време со него, дали ќе се сети дека истото го правеше и со мене? Дали малку повеќе ќе ѝ недостигам тогаш, дали ќе ѝ биде тешко, дали ќе посака во истиот момент да седне во авион и да дојде? Или тоа друго дете ќе го надомести сиот недостиг што го чувствува кон мене?“

„Твоето место во нејзиното срце никој не може да го замени“.

„Можеби, но во секојдневниот живот, може“, рече станувајќи и излезе.

Извор



912

X