Ведра, пријатна и срдечно насмеана се првите работи што ќе ги забележите кај Дамеска (Доковска), психолог, семеен и системски психотерапевт. Ја прашавме какви се родителите денес, со какви предизвици се соочуваат, за што бараат помош. Но, поразговаравме и за тоа дали е психолог и дома и на улица, колку оваа професија е предност, што е она што може да ја извади од кожа, а што може да ја вивне во облаци…

За што најчесто бараат помош од Вас родителите?

– Родителите доаѓаат со најразлични проблеми. Секако, најголем дел од нив кажуваат дека би сакале децата да им се попослушни. Инаку, во зависност од фазата на развој во која се наоѓаат децата, тоа можат да бидат тешкотии врзани со учење и одење на училиште, на пример, кога станува збор за деца кои се во основното образование или, пак, ориентација и избор на средно училиште и факултет. Родителите имаат потреба од помош и советување околу тоа како да постапат за децата побезболно да се соочат со различни ситуации, на пример, развод, преселба, болест или загуба на блиска личност во семејството, состојби на страв, зависности итн. Секоја планина – своја тежина.

Дали знаат да се соочат со предизвиците и проблемите што се очекувани во различните фази од детскиот развој?

– Родителите денес имаат на располагање многу информации кои ги добиваат со читање соодветна литература, посетуваат различни онлајн-форуми и се советуваат едни со други преку социјалните мрежи. Ова е добро сè додека им служи токму така – информативно, а не како „препишан рецепт“ за нивното дете, кое секако е различно од нечие друго дете и искуство.
Секако дека е потребно теоретско познавање на овие развојни фази бидејќи тие ги моделираат нашите очекувања од детето, но најзначајно е да бидеме присутни и да го запознаеме нашето дете за да ги препознаеме неговите вистински потреби и способности. Сите ние како родители понекогаш сме во недоумица дали ја правиме вистинската работа со нашите деца. Родителството е навистина високо изискувачка и одговорна работа и понекогаш навистина се добредојдени помош и совети од стручно лице. Поради тоа, родителите посетуваат голем број работилници и предавања, а во последно време се приклучуваат и кон групи што се наменети да ги поддржат во овој процес, да ги зајакнат нивните родителски капацитети и да ги подобрат нивните родителски вештини, што ќе резултира со еден посилен, постабилен и похармоничен однос со детето.

Какви се денес родителите?

– Информирани, но збунети, самоуверени, но загрижени, „поврзани“, но осамени, амбициозни, но уморни. Родителите имаат потреба од повеќе поддршка, разбирање и споделување и разменување на искуството. Како родители, соочени сме со многу предизвици што ги носи 21 век, како на пример развојот на технологијата, брзото темпо на живот, промена на стилот на досегашното живеење, проширените семејни заедници се заменуваат со нови и поразлични облици на семејно функционирање.

Дали одењето на психолог сè уште е табу?

– Она што можам да го споделам од личното искуство е дека во последниве неколку години многу нешта се променети и сè почесто доаѓаат клиенти, како за индивидуална така и за брачна (партнерска) и семејна психотерапија или советување.

Во облаци може да ме вивнат насмевката и доброто расположение на луѓето околу мене, на семејството, пријателите и клиентите. Ме радуваат дожд во јуни и сонце во декември. Бакнежот од моето дете и прегратката од мојот сопруг…

Зошто токму психологија?

– Во основа, треба да си човекољубец за да ја работиш оваа и сличните на неа професии. Кога требаше да направам избор за факултет, од сите други за мене тоа беше најпривлечната опција. Како и секој млад човек, сакав подобро да се запознам себеси, а и другите луѓе. Факултетот е одлична основа за тоа, иако најголем дел од знаењето го стекнав отпосле, преку искуството во работа со луѓето и многубројни едукации. За мене, психологијата сè уште е најпривлечната опција. Моите пријатели што ме познаваат од детството велат дека отсекогаш знаеле дека тоа ќе биде мојата професија и пред изборот на факултет.

Какви сте надвор од психолошкиот кабинет?

– Јас сум човек како и секој друг, со свои доблести и маани, со свои желби и надежи, со свои потреби и грижи. Внука, ќерка, сестра, сопруга и мајка.

Дали сте психолог и дома и на улица?

– Имаме термин за тоа – професионална деформација. Работата одзема голем дел од нашето време во текот на денот и сакале-нејќеле тоа го обликува нашето размислување, перципирање и начин на гледање на нештата. Не можеме целосно да се апстрахираме од тоа и да станеме слепи и глуви за сè што ќе сретнеме надвор од психолошката ординација или кабинет. Сепак, она малку слободно време што го имаме сите јас лично пробувам да го искористам со правење некои други нешта и, секако, поминување на квалитетно време со најблиските.

Колку познавањето на психологијата е предност, а и дали има ситуации кога може да се смета за хендикеп?

– Познавањето на која било работа, вештина и наука сметам дека е апсолутна предност, а не хендикеп. На своја сметка со колегите често знаеме да се пошегуваме и да кажеме дека може ќе беше подобро за нас да одберевме некоја сосема поинаква професија, на пример, модни дизајнери или одгледувачи на цвеќиња, но во суштина мислам дека никој од нас не случајно го направил својот избор и дури и да би имале можност да одбираме одново, веројатно повторно ќе бевме на истото место. Во контекст на прашањето, можеби наместо предност, би претпочитала да речам чест и привилегија подобро да запознаеме нечиј интимен свет, а наместо хендикеп, одговорност, свесност и посветеност, кои не секогаш се едноставни.

Што е тоа што може да Ве извади од кожа, а што е тоа што може да Ве вивне во облаци од среќа и задоволство?

– Од кожа ме вадат неправда, погрешни претпоставки, непрекинато и непотребно свирење во густ сообраќај, загаден воздух, расфрлано ѓубре на несоодветно место. Во облаци може да ме вивнат насмевката и доброто расположение на луѓето околу мене, на семејството, пријателите и клиентите. Во облаци може да ме вивне нова и добра книга, поточно саеми на книга. Добро подготвена храна од вештите раце на жените во моето семејство, добра забава и дружење со најблиските пријатели, најчесто на некој добар концерт или во интимна домашна атмосфера. Вкусно и топло кафе, престој во природа, моето највесело куче кое нè дочекува, нè поздравува со секакви акробации. Дожд во јуни и сонце во декември. Бакнежот од моето дете и прегратката од мојот сопруг.



912

X