Здравје

Тие безбедни, вие мирни…

Најважно е постепено да се подготвувате за промените што ќе настанат

Од моментот кога детето ќе прооди и ќе стане самостојно, кога ќе научи само да излегува од креветчето, да се качува на стол или на маса, би требало да ви се вклучат сите аларми бидејќи започнува нов тежок период. Вашето дете ќе сака да допре сè што ќе види, секаде да стигне, да истражува и да се докажува, па ќе мора да бидете многу внимателни. Не, не морате да го ограничувате, туку само да го набљудувате за да не се повреди.

Не се сите деца еднакво активни, љубопитни и палави. Обично девојчињата се помирни и не ја превртуваат куќата наопаку, барем не толку како машките деца, но и тука може да дојде до отстапување од правилото, па би требало да внимавате и на малечките немирки. Всушност, најважно е постепено да се подготвувате за промените што ќе настанат.

Сè додека не наполни две и пол години, детето нема да ги пика прстињата во штекерот и нема да ги фрла играчките низ прозорец за да ве налути вас, туку за да ја истражи околината, односите меѓу предметите, својствата на предметите што го опкружуваат. Меѓутоа, сознанието дека детето не го прави ова за инает понекогаш не ја олеснува ситуацијата, па многу родители реагираат премногу бурно. Немојте да бидете еден од нив, не викајте и не казнувајте бидејќи на тој начин ќе му ја убиете љубопитноста. Доволно е да преземете мерки што ќе ги заштитат од повреди и поголеми несреќи.

Доколку живеете во куќа со скали, проверете ги стабилноста и издржливоста на оградата и растојанието меѓу решетките, кое не смее да биде поголемо од 10 сантиметри, за детето да не може да ја вовлече главата меѓу нив. Цуцлата не би требало да му ја врзувате со врвка околу вратот, ниту да држите кабли и гајтани на дофат на детето. На сите штекери до кои детето може да стигне поставете заштитни капаци, а по готвењето тенџерињата ставајте ги на безбедни места.

Посветете особено внимание на бањата. Најдобро би било вратата од бањата секогаш да е затворена, а домашните хемиски препарати за чистење и лекарствата да бидат поставени на доволна висина или заклучени во орманче.

Пластичните кеси држете ги некаде длабоко во фиоките, полиците со книги, телевизорот и површините на кои можат да се качат прицврстете ги за да не можат да се превртат, а острите рабови обложете ги со специјални гумени заштитници.

Со оглед на тоа дека малите деца честопати можат да си ги приклештат прстињата со вратата, низ мало парче гума или мека влошка за чевли провлечете ластик и закачете го од двете страни на бравата или по должината на целиот раб на вратата.

Отворањето на фрижидерот и одмотувањето ролни тоалетна хартија и кујнски крпи спаѓаат во омилените детски занимации, но вие и тука можете да „реагирате“. Спречете го отворањето на фрижидерот така што со гумичка ќе споите две куки за обесување крпи кои сте ги залепиле на вратата од фрижидерот. Доколку ставите гумичка преку ролната тоалетна хартија, децата не ќе можат да ја одмотаат за да си играат со неа, или неконтролирано да ја фрлаат во шолјата. Кога ќе станат поодговорни, ќе ја отстраните гумичката.

 

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top