За нашата култура е својствено ословувањето на женските деца со „сине“. Ако погледнеме низ историјата и минатите општествени системи, уочливо е дека женските деца не се вреднувани еднакво со машките. Машкото било попосакувано бидејќи физички е посилно, за тогашниот поим за работа и создавање било „поупотребливо“, за одбрана поспособно, а како врв на сè, мажот не си заминувал од куќата како женските кога ќе се омажеле, пишува Филип Стојковиќ, психолошки советник, психотерапевт во Србија. Да се има син не значело само еден вид егзистенцијална сигурност, туку и општествен статус пар екселанс.

Силната потреба на родителите да имаат машки деца, во нашите краеви, веројатно најсилно и најсликовито се гледа во појавата „вирџина“. Таа општествена појава била најприсутна онаму каде што животот бил најсуров (Црна Гора и Херцеговина), па идејата била дека  во таквите краеви мажот може да се снајде подобро, односно полесно да преживее. „Вирџини“ биле девојчиња кои родителите ги воспитувале како да се мажи, оние што ќе останат покрај родителите кога ќе остарат и ќе станат немоќни, кои ќе ги наследат презимето и имотот и ќе ја продолжат семејната традиција – со тоа целосно го негирале природниот идентитет.

За среќа, тие времиња се зад нас, но сè уште се присутни некои елементи, како во современиот јазик така и во секојдневниот живот. Оттаму, женските деца и понатаму се нарекуваат „сине“, а со тоа се укажува посебна нежност, љубов, но заедно со тоа се упатува и имплицитна порака. Токму таа порака е она на што треба да се обрне внимание.

Идентитетот на едно девојче се изградува на различни начини. Тој се гради еднакво во односот со мајката и таткото, иако на различни начини. Долга коса, шноли, кукли, здолништа се вообичаени придружни елементи во растењето на секоја жена. Со негувањето на тие елементи се испраќа порака која го гради идентитетот, го стимулира развојот кој е соодветен на полот. На тој начин се валидизира и позитивно се вреднува полот, што е од извонредно значење, бидејќи детето за себе, па и за својот пол учи преку пораките (вербални и невербални, експлицитни и имплицитни) што ги добива. Затоа е прашањето – како може да се разбере нарекувањето на женските деца со израз кој по природа на нештата е резервиран за момчињата?

Наједноставно кажано, на тој начин на девојчињата им се праќа порака дека нивниот пол не е баш толку прифатлив, дека машкиот пол е попосакуван, па со самото тоа и простата јазична конструкција „син“ станува израз на вреднување, кој носи многу повеќе значење отколку што е простото означување на полот. Со оглед на тоа дека децата ги гледаат своите родители како богови, без чија љубов, внимание и грижа не можат да преживеат, ќе направат сè за да го добијат тоа. Можат да веруваат едноставно дека другиот пол е подобар, па затоа во однесувањето може да почнат да ги копираат момчињата, дали физички или ментално и емоционално.

Иако сосема вообичаена појава, „машката“ атрибуција која на многу жени им се врежува во убавите спомени не мора да има и свои негативни последици, но сигурно отвора простор девојчињата да не се чувствуваат сосема пријатно во својата кожа, со својот идентитет, па со самото тоа и во однос на мажите. Замислете само како би изгледало, што би мислело, како би се чувствувало и што за себе и за другите би заклучило едно момче на кое редовно би му се обраќале со „ќерко“.



912

X