„Ти немаш патики марка“, „Твојот телефон е без врска“, „Постојано го носиш истиот дуксер, сиромашен си“, „Твоите родители немаат пари, па ти купуваат само евтини работи“…

Навреди, грди зборови, осуди, исмевање… Изгледа дека вербалното насилство помеѓу децата е прилично распространето. Под поимот психичко насилство се подразбира озборување, омаловажување, навредување, етикетирање, пцуење, исмејување, уценување, закана, исклучување, манипулирање, забрана за комуницирање, заплашување, изнудување пари или предмети, наведување на користење наркотични средства и психоактивни супстанции, вклучување во деструктивни групи и организации, истакнува правничката Бојана Богојевиќ, стручен соработник на порталот „Јумама“.

Овој вид насилство помеѓу децата е најчест, а многу често не се сфаќа сериозно, ниту се набљудува како насилство воопшто. Децата сега, со посредство на интернетот, многу повеќе се интересираат за брендови на облека, чевли, за скапи телефони, компјутери. Тоа стана тренд и другите деца се вредни само ако го поседуваат тоа нешто што сега е во мода.

Оние што немаат „доволно скапи работи“ се исмејувани и малтретирани. Мета на исмејување и грди зборови стануваат и родителите на децата. „Твоите мајка и татко се сиромашни, немаат пари да ти купат подобар телефон“ – е реченица која ја слушаме барем еднаш во секое училиште. Ваквото однесување и исмејување е почесто во градовите, каде што има повеќе семејства кои на своите деца може да си дозволат да им купат скапа гардероба и технологија.

Насилството не е врзано само за „грубите, немирни и гласни момчиња“, како што обично се подразбираше. Врсничкото насилство, а особено ова психичкото, многу често го гледаме и од страна на девојчиња и од страна на момчиња. Секој може да врши насилство, но исто така и да стане жртва. Сега, кога децата не се во училишниот двор, овој вид насилство е преместено на социјалните мрежи. Насилниците сега имаат уште поедноставен начин да ги вознемируваат и малтретираат другарите, а никој да не го види тоа.

Родители, вашата улога во решавањето на овој проблем е голема!

Разговарајте со своите деца, објаснете им дека „скапо“ не значи и добро. Зборувајте за тоа дека луѓето не се вреднуваат според парите, туку според други, многу поважни работи. Објаснете им, исто така, како всушност се чувствуваат децата кои задеваат и исмејуваат. Разбудете ја емпатијата во нивните срца. Разговорот е клуч на сè, а начинот на кој децата ќе гледаат на парите и материјалните работи, во голема мера зависи од вас.

Доколку забележите дека вашето дете исмејува, задева, малтретира, психичко злоупотребува некое друго дете, ве молиме, реагирајте!

Извор



912

X