Ако ситуацијата не дозволува учениците да се вратат во училниците до крајот на учебната година, завршните сумативни оценки ќе бидат засновани на резултатите што ги постигнале учениците во текот на целата година, преку редовната настава, како и преку активното учество во наставата преку интернет

Бирото за развој на образованието (БРО) завчера објави упатство за начинот на оценување на учениците, во периодот додека тие учат од дома и имаат настава на далечина. „Деца.мк“ побара одговори и објаснување од надлежните во врска со упатството, во кое е потенцирано дека и во изменети услови за работа тестирања ќе има, а децата ќе се оценуваат преку контролни тестови што ќе им бидат испраќани на „Месинџер“, „Вибер“ или на електронска адреса.

Наставниците засега се воздржани и не сакаат да ги коментираат правилата со објаснување дека им треба време да го проучат упатството.

– Настава без следење и вреднување на учениците не може да има, односно тоа не би било настава. Следењето и вреднувањето на учениците е составна компонента на наставата и се одвива паралелно. Наставникот мора да ги испланира методите и техниките за следење. Мора да добие некаква повратна информација од учениците дали се постигнуваат целите на наставата и резултатите од учење – појаснуваат од Бирото.

„Немаа обуки, ама беа обврзани да користат ИКТ“

Оттаму потенцираат дека наставниците треба да ги бележат резултатите според насоките на формативното оценување, обезбедуваат поединечни информации за учениците за постигнатите резултати. Тие треба да ги согледуваат и тешкотиите што ги имаат учениците во усвојувањето на содржините и врз основа на тие согледувања треба да им даваат и дополнителни насоки и совети.

– Во периодот на реализација на онлајн-наставата планирањето на наставата треба да се приспособи, што подразбира да се модифицира со користење пристап, методи и техники соодветни за овој вид настава. Точно е дека наставниците немале конкретни обуки за онлајн-настава, но тие досега беа обврзани со закон при реализација на програмите да користат ИКТ во наставата – додаваат од Бирото.

Оттаму велат дека според нивните сознанија, во овие две работни седмици повеќето од наставниците одлично се снаоѓаат во ваквиот вид настава.

– Во Упатството се посочени и многубројните техники и методи на формативното оценување погодни за ваков вид онлајн-настава. Исто така, за методот на тестирање дадени се повеќе различни алатки кои можат да ги користат наставниците по нивен избор. Ова не сметаме дека дополнително ќе ги оптовари наставниците бидејќи учениците се веќе оценети за првото тримесечје, првото полугодие и третото тримесечје, кои наставникот ќе ги користи за да ја формира оценката на крајот од годината. Бирото за развој на образованието и понатаму ќе им дава на училиштата, а особено на наставниците, непосредна советодавно-стручна поддршка за спроведување на наставата во вакви услови – велат од БРО.

Во документот пишува дека следењето и проверувањето на напредокот и постигнувањето на успехот на учениците се врши со интерно проверување. Тоа значи дека наставниците ќе им праќаат во електронска верзија тестови и наставни ливчиња на децата за да им го проверат знаењето.

Наставникот одлучува за начинот на оценување

„Постојат многубројни техники и методи погодни за формативно оценување на напредокот на учениците со користење електронски платформи и мрежи. Ова вклучува задачи како што се: есејски прашања (употреба на е-пошта), изработка на проекти (преку работа во група), скајп или вибер-дискусии (или дискусии преку други мрежи и платформи), мултимедијални презентации, изготвување постери (преку работа во група), проекти/истражувачки задачи (преку работа во група), тестови на знаења (може да се проследат преку социјалните мрежи, е- пошта или преку платформа), контролни вежби на учениците“, стои во упатството.

За да тестираат, наставниците можат да користат прашалник и квиз-алатка за да создадат тестови за тестирање со задачи и прашања со повеќечлен избор, отворени прашања, прашања со надополнување и кратки одговори. Ова можат да го прават со користење на: Google Forms, OneNote, LinoIt, Padlet, Zoom, Kahoot, Mentimeter, Socrative, Microsoft Teams, SurveyМonkey, Quizlet, Edmondo, ClassDojo, Мој глас и други, односно преку алатки што им се достапни и им се познати и можат да ги користат и тие и учениците.

Ако ситуацијата не дозволува учениците да се вратат во училниците до крајот на тековната наставна година, завршните сумативни оценки ќе бидат засновани на резултатите што ги постигнале учениците во текот на целата година, преку редовната настава, како и преку активното учество на онлајн-платформите и мрежите.

„Ќе се имаат предвид трудовите на учениците, белешки водени од наставници кои можат да се добијат преку разни видови размена на трудови (домашна работа, вежби и проверки, есеи, проекти, презентации, цртежи, слики и др.) што учениците, како што е наведено погоре, можат да им ги обезбедат на наставниците преку е-пошта или во рамките на избраната мрежна платформа. Учениците ќе бидат оценети бројчено или описно“, стои во упатството.



912

X