Дефиницијата за родова еднаквост вели дека родовата еднаквост е „концепт што значи дека сите човечки суштества имаат слобода да развиваат лични капацитети и да прават избор без ограничувањата наметнати од строгите родови улоги; дека различното однесување, желби и потреби на жените и мажите еднакво се земаат предвид, се вреднуваат и поддржуваат“.

Кога ќе ја погледнете самата дефиниција, таа не кажува многу бидејќи остава многу простор за лични толкувања на тоа што значи „еднакво вреднување и поддршка“.

Во нашето општество положбата на жената во голема мера сè уште е далеку од „еднаква“. Нема сомнеж дека е многу поповолно од пред 50, 30, па и 20 години, но многу е важно да разбереме што значи да се биде еднаков. Не преку некакви дефиниции, туку преку конкретни примери од секојдневието на една жена.

Сум слушнала многу пати во мојата околина, но и од сосема непознати жени на социјалните мрежи колку се среќни затоа што на нивните сопрузи не им е тешко ниту да чистат со правосмукалка, ниту да мијат садови, ниту да се грижат за бебето.

– Тој сака да помогне. Навистина не можам да се пожалам – велат тие.

Како сопруга и мајка на две деца, можам да кажам дека јас и мојот сопруг не сме баш еднакви. И да, јас сум во голема мера одговорна за тоа. Јас и мојата потреба да контролирам сѐ. Мојот сопруг има свој дел од домашните работи што ги прави, а јас никогаш не ги правам. И тоа не го нарекувам помош. Јас, пак, имам свој удел. Тој не готви, јас не метам со правосмукалка. Не знае да ја вклучи машината за перење, јас не знам да шијам копче. Научил да шие во војска. Но, погодете што? Како родители не сме еднакви. Иако ги заспива децата, им приготвува појадок, им ги мие забите, им чита приказни и игра со нив. А кога ги гледам семејствата во мојата средина, млади и еманципирани парови, можам да кажам дека не познавам еднакви.

Еве го тестот, па проверете:

Дали вашиот маж памети на кој роденден сте поканети и дали размислува што ќе купите?

Дали на вашиот маж му е важно кога има претстава во градинка и што е потребно за костумот?

Дали вашиот маж се грижи да собере пари за играчки за градинка, за подарок за воспитувачката и слично?

Дали вашиот маж се грижи за новогодишните подароци, кремовите за сончање, редовните посети на забар, дали е време да се смени постелнината на креветот?

Дали се грижи дали децата имаат доволно чорапи, дали им треба нов ранец за оваа учебна година, дали имаат чисти алишта за на училиште, свечена кошула за свадбата на која треба да одите следниот месец?

Дали правите список за купување или тој самиот може да го направи тоа? Дали знае каков детергент за перење да купи ако не му кажете?

Дали кога детето е болно, земате боледување еднакво, некогаш мама некогаш тато?

Ако одговорот на повеќето прашања е да, честитки, тогаш вие сте еден од ретките рамноправни родителски парови!

Некој ќе каже сега, можеби, дека се грижи за нови гуми на автомобилот, регистрација и сервис. И да, ја менува светилката кога е потребно. Но, нема да се преправаме дека грижата за автомобил и менувањето светилка еднаш годишно е исто како и грижата за децата, така?

Во многу случаи нема еднаквост затоа што мажот не е подготвен еднакво да придонесе. Сепак, има и голем број од оние што можеби ќе извршуваат вакви задачи ако тоа од нив се побара, но тие мудро се повлекле бидејќи жените решиле да го преземат кормилото на домашната нега.

Јас лично сфатив дека не можам да оставам многу работи затоа што се плашам дека нема да бидат направени добро, според моите критериуми. Мој избор е да ја прифатам нееднаквоста, но ако бараш совет – избери поинаку.

Извор



912

X