Многу родители често се обидуваат да воспитуваат послушни деца со строги правила и ограничувања. Сепак, некои не размислуваат дека тоа може да резултира со негативни последици во иднина. Лија Авелино, мајка и терапевт, вели: „Многумина од нас пораснаа во домаќинства каде што сме морале да бидеме послушни за да бидеме прифатени од нашите родители. Но, она што го покажува истражувањето е дека е поверојатно децата да го издржат притисокот од врсниците ако се навикнати да го изразуваат своето мислење и да не се согласуваат со родителите“.

Таа споделила дека поради оваа причина, не сака да одгледува послушни деца, туку соработливи, кои знаат да се изразат автентично. Навела неколку стратегии кои ѝ помагаат во тоа.

Сфатете го „не“ како сериозен одговор

Децата учат преку искуство, а не преку она што ние им го кажуваме. На пример, детето може да научи дека не смее да игра во близина на радијатор ако го допре и се изгори. Авелино наведува дека не им кажува на своите деца да внимаваат, туку им поставува низа прашања за да можат самите да го одреди тоа.

-На пример, ако детето си игра надвор, можам да кажам: „Дали твоите стапала се цврсто поставени на основата на дрвото на кое се качуваш? Дали твоите раце можат да допрат до цврста гранка во случај да се лизнеш?“ Поставувајте им прашања како ова, наместо само да кажете „слези, не е безбедно“, објаснува таа.

Детското „не“ е важна граница што родителите треба да ја почитуваат. Начинот на кој реагираме ги подготвува децата да станат возрасни луѓе кои ќе ги почитуваат своите граници и границите на другите.

Бидете на нивна страна

Авелино тврди дека ако децата чувствуваат оти не сме на нивна страна, веројатно ќе се навредат. Правилата се важни, но ако децата не сакаат нешто, треба да ги слушаме и да покажеме почит кон нивните чувства.

„Многу пати мислиме дека треба да ги убедуваме нашите деца зошто тоа што ние го мислиме е најдоброто за нив. Наместо тоа, препорачувам да го слушаме нивното мислење пред да ги принудиме да го слушаат нашето“, објаснила таа.

Покрај тоа, напоменува дека децата ќе ги следат правилата доколку чувствуваат почит од страна на родителите.

Погрижете се вашите барања да се разумни и соодветни за развојот на децата

Возрасните понекогаш забораваат дека децата не размислуваат како нив. Терапевтот тврди: „Да се ​​бара од детето да седи на вечера не е разумно. Не е соодветно да се бара од тинејџер да го избегнува секој ризик. Барањето и преземањето ризици е клучен дел од оваа развојна фаза“.

Во тешки времиња, важно е да се запамети дека она што го сметаме за „непослушно“, често е нормален дел од растењето на детето, објаснува Авелино.

Креирајте меѓусебни договори

Кога ги воспитуваме децата, ги учиме да бидат дел од заедницата. Само затоа што ги следат правилата, не значи дека ќе можат да донесат мудри одлуки. Покрај тоа, тие можат да се чувствуваат угнетени.

Авелино предлага да размислиме за создавање заеднички договори, или компромиси, во кои сите во домаќинството ќе понудат идеи за начините како да се покажат и да бидат добри членови на заедницата.

-Запрашајте се: „Како покажуваме почит?“, „Како покажуваме љубов?“, „Како да направиме простор за одмор, забава или безбедност во ова семејство?“ Децата повеќе го ценат овој вид заедничка активност отколку авторитарно поставување правила од ваша страна – објаснува таа.

Трансформирајте ја послушноста во соработка

Авелино тврди дека пркосот понекогаш може да биде добар. „Запрашајте се дали сакате да воспитате следач на правила или сакате да воспитате некој што има свое гледиште и е заинтересиран да дознае за гледиштата на другите луѓе“, вели таа. Семејната работа ја споредува со групен проект – секој човек мора да се чувствува како да е важен и да има важна улога во создавањето позитивни резултати.

„Доколку децата се чувствуваат ценети и почитувани, тие повеќе ќе ги ценат и почитуваат мислењата, верувањата и чувствата на другите“, заклучила Лија Авелино.

Извор



912

X