Преголемата употреба на антибиотици, особено кај децата, доколку за тоа нема наод, му прави поголема штета на организмот, поподложен е на други инфекции, го ослабува имунитет, се создава и резистентност на антибиотиците, а тие ја оштетуваат и цревната флора

Д-р Лилјана Којиќ, клинички педијатар, која до неодамна работеше и како матичен педијатар, вели дека нема потреба од паника за заболувањето со омикрон варијантата на коронавирусот кај децата, бидејќи тие и досега лесно го поминувале ковидот предизвикан од другите варијанти кои кај возрасните предизвикуваа потешки состојби. Но, сепак, треба да се биде претпазлив и состојбата будно да се следи.

Појавата на температура кај децата не треба да ги плаши родителите. Многу е важно како се однесува детето кога има знаци на болест, односно ако детето и покрај тоа што има температура е весело, трча, игра, во такви случаи не треба да се даваат лекови за симнување на температурата, бидејќи организмот сам се обидува да се избори со одредена инфекција, смета д-р Којиќ.

– Појавата на температура не треба да ги плаши родителите бидејќи таа се јавува кога организам со силен имунитет се обидува сам да се бори со инфекцијата. Доколку детето неколку дена има температура, која не е висока, треба да му се даваат течности, супи, здрава храна и да му се даде можност на организмот сам да се избори – вели д-р Којиќ.

Преголемата употреба на антибиотици му прави поголема штета на организмот

Лекарска помош треба да се побара ако и по три дена не се симнува температурата, ако покрај температурата детето е премалено, лесно се заморува, нема сила, ако има тешкотии при дишењето поради оток на дишните патишта.

– Во вакви случаи детето задолжително треба да се однесе на лекар. Ова важи за сите респираторни инфекции, а не само за ковид. Исто така, ако покрај температурата има болки во стомакот, или ако има упорно повраќање, треба да го види лекар за да не се случи да дехидрира. Ако покрај температурата се појави и исип на кожата, исто така треба да се однесе на лекар – вели д-р Којиќ.

Преголемата употреба на антибиотици, особено кај децата, доколку за тоа нема наод, според д-р Којиќ, му прави поголема штета на организмот, поподложен е на други инфекции, го ослабува имунитетот, а се создава и резистентност на антибиотиците, па тие ја оштетуваат и цревната флора и на организмот потоа му се потребни и месеци за да се врати во нормална функција.

– Антибиотик треба да се даде доколку на вирусната инфекција се накалемила и бактериска, или веќе инфекцијата е спуштена на белите дробови, но никако тоа не треба да се прави на своја рака без совет од лекар – вели д-р Којиќ.

Кај болно дете, независно дали е ковид или друга респираторна инфекција, најдобро лекување на болеста е со давање многу течности, овошје и зеленчук. Разновидна и здрава исхрана се препорачува и за здрави деца, со тоа што им се помага да го стимулираат имунитетот.

– За симулирање на имунитетот може да се даваат и витамини и други суплементи, но по препорака од лекар и согласно возраста. Нема апче кое волшебно ќе го зголеми имунитетот, или ќе го замени она што му е потребно на организмот на детето. Покрај здравата исхрана, препорачуваме и задолжителна физичка активност, и тоа на отворено, да се пуштаат децата почесто да трчаат и да играат надвор – вели д-р Којиќ.

Д-р Лилјана Којиќ

Клиничката слика кај децата со омикрон е послаба

– Клиничките слики при омикрон се генерално послаби и кај возрасните и кај децата. Најчесто минува како горнореспираторна инфекција, тоа значи дека се задржува во носот и грлото и доколку нема други инфекции, поминува за неколку дена. Сепак, тоа не значи дека треба да се опуштиме и да не се почитуваат мерките за заштита, бидејќи овие неколку недели е зголемен и вкупниот број на заболени – вели д-р Којиќ.

Таа објаснува дека во овој период е нормално да има и други сезонски инфекции и дека кај малите деца тешко може да се разликува дали е ковид или инфекција од други вирус без соодветен тест.

– Доколку и по три дена не поминува температурата, задолжително да се однесе детето на лекар и да се тестира за да се исклучи дали е ковид или не. Но, доколку покаже дека е ковид, родителите да бидат смирени и да не паничат бидејќи кај децата тој и досега минуваше со полесна клиничка слика, брзо и добро закрепнуваа, а омикронот кај повеќето минува уште полесно. За бебињата до тримесечна возраст, при појава на температура да не се чека и веднаш да се однесат на лекар бидејќи кај нив ниедна температура не е наивна и мора да ги види лекар – вели д-р Којиќ.



912

X