Пренесуваме делови од легендарниот текст „Фатална дистракција“ објавен во Вашингтон пост во 2010 година

Обвинетиот на чие судење присуствувале од „Вашингтон пост“ бил голем човек, со над 130 килограми, но во тежината на својата тага и срам изгледал уште поголем. Се наведнал нанапред на цврстиот дрвен потпирач кој едвај го држел, тивко жалејќи се додека ногата нервозно му потскокнувала под масата. Во првиот ред меѓу посетителите седела неговата сопруга, била потресена. Просторијата била како гробница.

Медицинската сестра неутешна на сведочењето

Кога медицинската сестра опишувала како обвинетиот се однесувал откако полицијата го довела, заплакала. Бил речиси кататоничен, со цврсто затворени очи, лулајќи се напред-назад, заклучен во некоја приватна мака. Воопшто не можел да проговори, сè додека медицинската сестра не седнала покрај него и го фатила за раката. Тогаш почнал да се отвора, а она што го рекол е дека не сака никаков седатив, дека не заслужува пауза од болката, дека сака сето тоа да го почувствува, а потоа да умре. Обвинет е за убиство. Ниту еден важен факт не бил спорен. Мајлс Харисон (49) бил љубезна личност, грижлив работлив човек, совесен татко до тој ден минатото лето – окупиран со проблеми на работа, повици на телефон – кога заборавил да го остави синот Чејс во градинка. Малечкиот полека умирал, врзан за автоседиштето речиси 9 часа, на паркинг, во јулска горештина. Тоа била необјаснива и непростлива грешка, но дали тоа било злосторство? Тоа било прашањето за кое требало да одлучи судијата. Судењето траело 3 дена. Во судницата седеле и 2 жени, кои со часови патувале на судењето. За разлика од речиси сите други на клупите, тие не биле роднини или соработнички, ниту пак, блиски пријателки на обвинетиот.

Во САД вакви трагедии се случуваат 20 пати годишно

Кога судењето завршило, Лин Балфур и Мери Паркс отишле тивко, не вртејќи го вниманието на себе. Не сакале да бидат таму, но чувствувале должност како кон обвинетиот така и кон себе на многу покомплексен начин. Во најмала рака тоа било необично – тие делеле иста срцепарателна историја. Сите тројца случајно ги убиле своите деца на идентичен, неразбирлив, модерен начин. „Смрт од хипертермија“ е службениот назив. Кога тоа им се случува на мали деца, приказните се често исти… Вообичаено, родител полн со љубов и внимание, еден ден е зафатен или под стрес, вознемирен или збунет со промената на неговото секојдневие и едноставно – го заборава своето дете во автомобилот. Тоа во САД се случува 15 до 25 пати годишно. Пред 2 децении тоа било релативно ретко. Но, со почетокот на 90-тите години, експертите за сигурност на автомобилите рекле дека предните воздушни перничиња на совозачката страна може да ги убијат децата и препорачале детските седишта да се поместат во задниот дел од автомобилот, а потоа, поради уште поголема сигурност, да бидат свртена кон задниот дел. Малку кој предвидел трагични последици од намалувањето на видливоста на детето… Па, кој може да им замери? Каква личност заборава бебе?

Може да му се случи на секому, баш на секому

Се заклучува дека тоа го прават богатите. И сиромашните и средната класа. Тоа го прават родителите од сите групи. Мајките тоа го прават исто колку и татковците. Тоа им се случува на хронично отсутни и франатично организирани, факултетски образовани и маргинално писмени луѓе. Во последните 10 години тоа му се случило на еден забар. Поштенски службеник. Социјален работник. Медицинска сестра. Градежник. На советник за ментално здравје, факултетски професор и пица-мајстор. На педијатар. Научник.

Секоја приказна е шокантна и потресна на свој начин

Секој случај има свој сопствен трагичен потпис. Можеби не постои чин на човечки неуспех кој во основа повеќе ги преиспитува ставовите на нашето општество за злосторствата, казните, правдата и милоста. Според статистиките, во околу 40 отсто од случаите властите истражуваат докази и утврдуваат дека смртта на детето била ужасна несреќа – грешка во помнењето која донесува доживотна казна со обвинување, далеку поголема од онаа што судија или порота може да ја изречат – и не покреваат никакво обвинување. Во останатите 60 отсто од случаите властите одлучуваат дека невниманието било толку големо, а повредата толку тешка, што тоа мора да се нарече казниво дело и мора да се санкционира.

Безброј прашања

„Не, тоа не е најдобар збор. Кога велиме несреќа, тогаш тоа звучи како нешто што не може да се спречи. А инцидент звучи тривијално. А ова не е тривијална работа“, вели Марк Варсхауер, меѓународно признаен експерт за учење јазици и технологија, професор на Калифорнискиот универзитет во Ирвин. Тој е „Фулбрајт“ стипендист, специјализиран за употреба на преносни компјутери за описменување деца. Во летото 2003 година се вратил во својата канцеларија со ручек и забележал многу луѓе околу автомобилот на паркингот. Полицијата го искршила прозорецот. Кога се приближил, сфатил дека тоа е неговиот автомобил. Тогаш сфатил дека тоа утро заборавил да го однесе својот 10-месечен син Мајки во градинка. Мајки бил мртов. Варсхауер не бил обвинет за злосторство, но месеци потоа размислувал за самоубиство. Постапно, таа мисла се намалила, но не и тагата и вината. „Ни недостига израз за ова“, вели тој и додава дека треба да разбереме зошто тоа им се случува на луѓето.

Помнењето е машина која не е совршена

Дејвид Дајмонд, професор по молекуларна психологија од Универзитетот во Јужна Флорида, се обидел да објасни зошто тоа им се случува на луѓето. „Помнењето е машина и не е беспрекорна. Нашиот свесен ум им дава важност на работите, но на клеточно ниво, нашето помнење не го прави тоа. Ако сте способни да го заборавите својот мобилен, потенцијално сте способни да го заборавите и своето дете“, вели Дајмонд. Открил дека под некои околности најсофистицираниот дел од нашиот центар за обработка на мисли може да биде заложник на конкурентскиот мемориски состав, примитивниот дел од мозокот кој има дизајн стар како диносаурус – невнимателен, неаналитички, глупав. Дајмонд е експерт за помнење со лошо сеќавање. Неодамна, во текот на возењето до шопинг-центар, сфатил дека неговата внука спие на задното седиште од автомобилот. Се сетил само затоа што неговата сопруга, која се возела покрај него, споменала бебе. Знаел дека можел да биде и сам со детето. Човечкиот мозок изгледа величествено, но всушност се работи за уред во кој новите и пософистицираните структури седат над прототипот на мозокот кој сè уште го користат пониските видови, вели Дајмонд. На врвот од уредот се наоѓаат најпаметните и најраздвижените делови, префронтален кортекс кој размислува и анализира како и хипокампусот, кој создава и ги задржува нашите непосредни сеќавања. На дното се наоѓаат базалните ганглии, речиси идентични на мозок од гуштер, кои ги контролираат доброволните, но едвај свесни акции. Дајмонд вели дека во ситуации во кои се потребни познати, рутински моторички вештини, човекот ги претвора базалните ганглии во некој вид помошен автопилот. Кога префронталниот кортекс и хипокампусот го планираат нашиот пат до работа, ефикасни се во управување со автомобилот. Затоа понекогаш возите од точка А до точка Б без јасно сеќавање на патот по кој сте поминале, вртењето кое сте го направиле или пејзажот кој сте го виделе.

Дали бил грижлив родител, не е важно!

Во експериментално истражување, изложувајќи стаорци на присутност на мачки, а потоа бележејќи електрохемиски промени во мозокот на глодачите, Дајмонд открил дека стресот, без разлика дали изненадувачки или хроничен, може да ги ослаби мозочните центри со повисоко функционирање, правејќи ги чувствителни на малтретирање на базалните ганглии. Видел дека истата работа се случува и во случаите што ги следел, вклучувајќи смрт на децата во автомобили. Колку некој бил грижлив родител пред таа случка, сосема е неважно. „Се работи за стрес, емоции, недостиг на сон или некоја промена во рутина. Или комбинација од сето тоа. Во таа ситуација базалните ганглии се обидуваат да го направат она за кое служат, а свесниот ум е премногу ослабен за да им се спротивстави. Она што се случува е дека мемориските кругови во ранливиот хипокампус буквално се бришат и повторно се испишуваат, како кај компјутерска програма. Ако меморискиот склоп не се покрене повторно, на пример, ако детето не заплаче или жената не спомене дека детето е одзади, тоа може целосно да исчезне“, заклучува Дајмонд за „Вашингтон пост“.

Автор: Џин Веингартен

Извор



912

X