Јелена Ѓиновска, дефектолог

Јелена Ѓиновска, дефектолог

jelena.gjinoska@hotmail.com

Повеќе од авторот

Вие најдобро знаете на што бурно реагира вашето дете, па затоа ако одредена ситуација му предизвикува немир, елиминирајте ја пред да се случи, на пример, одење во маркет, прегласна музика и толпа луѓе

Аутизмот е нарушување на невролошкиот развој кое се одликува со намалена способност за социјализација и комуникација и со ограничено и повторливо однесување. Симптоми се недостиг на емпатија, избегнување контакт со очите, тешкотии при одржување на вниманието, избегнување допири и прегратки, неможност за искажување свои емоции и фацијални експресии.

Кај лицата со аутизам многу често се јавува автоагресија (удирање на главата од ѕид, гризење на раката, гребење и сл.), агресија (удирање, гризење, штипење други луѓе и сл.) и фрустрирачки напади (врескање, испуштање чудни звуци, фрлање различни работи на под и сл). Но ова не се симптоми од самиот аутизам, туку незнаење и неможност да ги искажат своите потреби и желби, или се последица на биолошки тешкотии (на пр., детето со аутизам е жедно и не знае на кој начин да побара вода, со зборови или гестови, или е пречувствително на звук и во бучна средина може да реагира агресивно).

Техники за смирување на децата со аутизам:

1. Променете го нивото на стимулација. Децата со аутизам може да имаат сензорна компонента, зголемувањето или намалувањето на стимулацијата може да биде корисен начин за контрола на експлозивната состојба. Не секое дете реагира на ист начин. Искористете ги повторувачките движења или звуци што ги прави кога е среќно (на пр., плескање со рацете и слично).

2. Променете го разговорот. Еден од клучните елементи на дијагнозата за аутизам е повторувачкото однесување или фиксација на одредени типови предмети или поими. Кога детето ви е фрустрирано и гневно, започнете тема за работи што му будат интерес, сè додека не заборави на дадениот проблем. Трпеливоста е од суштинско значење.

3. Променете го расположението преку вежбање. Веројатно нема да го натерате вашето дете да трча кога е навистина гневно. Но обидете се со помали вежби, како мала прошетка со вас и со неговата омилена играчка, дури и ако тоа значи шетање низ целата куќа четири или пет пати.

4. Променете ја сцената. Одреден гнев е производ на здодевност, а еден од најдобрите лекови за досадата е промената на сценографијата. Сменете соба, излезете надвор или на балкон. Седнете на трева и почнете да броите детелинки. Соберете ливчиња и цветови, или играчки доколку сте дома.

5. Поинаков пристап. Доколку ништо од ова не функционира, дајте му време да закрепне од сензорното преоптоварување. Подоцна смирено прашајте го дали е добро. Направете простор и обидете се да создадете тивок и безбеден простор –  исклучете ги музиката и јаките светла.

6. Сензорни размислувања. Вие најдобро знаете на што бурно реагира вашето дете, па затоа ако одредена ситуација му предизвикува немир, елиминирајте ја пред да се случи, на пример, одење во маркет, прегласна музика и многу луѓе. Во оваа ситуација би било корисно да слуша смирувачка музика на слушалки за да се блокираат гласните звуци.

7. Промена на рутината. Предвидливата рутина е многу важна за лицата со аутизам и нејзината промена може да биде многу вознемирувачка. На пример, промената на патот кој води до училиште може да им предизвика вознемиреност, па во тие ситуации најдобро е да им се објасни промената и зошто се прави, со додавање дополнителна поддршка, на пример, омилената играчка или песна додека објаснувате. Проследено со активност за која знаете дека го смирува детето, како што се длабоки вдишувања или стискање на стрес-топка.

8. Помогнете брзо да ги идентификува чувствата без употреба на зборови. Постојат многу графикони или системи на слики што децата можат да ги користат за да покажат на сликата како се чувствуваат. Апликациите за таблети или телефони се достапни за да се идентификуваат тековните чувства и исто така се практикуваат за подобро да се идентификуваат социјалните знаци и изразите на лицето на другите. Со ова може да ги намалите фрустрациите кога не можат да ги искажат своите чувства.

9. Наизменични задачи, доколку детето е гневно поради одредена потешка работа, прво започнете со некоја полесна и што ја сака, потоа наметнете ја потешката задача.

10. Водете дневник. Запишете ги сите детали за агресивните или гневните испади на вашето дете. Напишете што го предизвика испадот, колку долго траеше, што предизвика да заврши и оцена – 10 е најлошата и 1 воопшто не беше толку лоша.

Прашања што може да си ги поставите?

• Што сака да ми каже моето дете со ова однесување? Дали пробува да избегне нешто или да искаже незадоволство?
• Дали ова однесување се појави наеднаш? Која промена го предизвика?
• Што сака да ми соопшти нешто? И што можам да научам од ова?
• Дали ова се случува само на одредени места, со одредени луѓе или во одредени ситуации кога е гладно или уморно?
• Дали постои нешто што можам да додадам во опкружувањето, а нешто да одземам?
• Што се случува откако ќе се појави агресијата, што ја намалува, а што ја зголемува?

– Немој да мислите дека има друго, подобро дете што се крие зад аутизмот. Ова е вашето дете. Сакајте го детето што е пред вас. Охрабрете ги неговите предности, славете ги неговите успеси и подобрете ги неговите слабости. Можеби ќе треба да работите посилно за ова, но тоа е целта – Клер Сковел Лажебник.



912

X