Доколку позитивните пораки од најрана возраст, недвосмислено и концизно, му се упатуваат на детето без оглед на каков начин, ќе придонесат за квалитетен психички развој, воспоставување базична сигурност, самодоверба и позитивна слика за себе

И машките и женските деца добиваат повеќе позитивни пораки од мајките отколку од татковците. Но, машките деца добиваат повеќе позитивни пораки од мајките. Женските деца добиваат повеќе позитивни пораки од татковците. Женските деца повеќе ги препознаваат и разбираат емоциите и женските деца повеќе ги контролираат своите емоции. Ова се дел од резултатите од истражување за пораките што им ги праќаме на нашите деца во процесот на воспитување, кое го направиле доц. д-р Фросина Денкова-Зафировска, лиценциран психолог и семеен советник, и проф. д-р Софија Георгиевска од Филозофски факултет во Скопје, која е и лиценциран психолог и семеен советник.

Какви пораки праќаат мајките, а какви татковците

Истражувањето е направено во средината од ноември и декември годинава во основни училишта во нашата земја, каде што по случаен избор, анонимно и доброволно, биле вклучени 2.317 ученици од 5. до 9. одделение. Од нив 1.345 биле од урбана, а 972 од рурална средина.
– Целта беше да се утврди дали и во која мера родителските пораки влијаат врз развојот на емоционалната интелигенција. Интересно, но и можеби очекувано е дека мајките праќаат повеќе позитивни пораки за разлика од татковците, што се должи и на родовите улоги кои постојат во процесот на воспитување. Тука е важно да се спомене и видот на пораките што родителите ги праќаат. Така, пораките што ги праќаат мајките во најголема мера се однесуваат на помош кон другите (алтруизам) и покажување нежност како знак за љубов, додека пак пораките што ги праќаат татковците во поголема мера се однесуваат на директна акција за тоа што очекуваат од децата и поставување граници, но и грижа за себе без споделување емоции што, од друга страна, децата на помала возраст не секогаш можат да го препознаат како грижа – објаснува Денкова-Зафировска.

Самодоверба, емоционална сигурност, посигурни односи…

Истражувањето покажало дека кога станува збор за разликите помеѓу децата што живеат во урбана и во рурална средина, евидентно е дека и децата во урбана и децата во рурална средина од мајките добиваат повеќе позитивни пораки отколку од татковците. Но децата во рурална средина добиваат повеќе позитивни пораки од мајките и од татковците за разлика од оние што живеат во урбана, а ова во голема мера се должи на сè уште традиционалниот начин на живот во руралните средини, постоењето на семејни ритуали, но и семејни вредности.

Децата, пак, што живеат во урбана средина повеќе ги контролираат своите емоции.

– Дополнително, интересно е дека колку се помали децата (петто одделение), толку повеќе позитивни пораки добиваат од двајцата родители, но и дека во поголема мера ја поседуваат емоционалната интелигенција. Ова истражување позитивно одговори на нашето главно прашање, односно може да се забележи дека децата што добиваат повеќе позитивни пораки од родителите се подобри во перципирање и разбирање на емоциите, изразување на емоциите и контрола на емоциите – објаснува проф. Георгиевска.

Доц. д-р Фросина Денкова-Зафировска и проф. д-р Софија Георгиевска

Ова, според неа, значи дека е поверојатно децата на оние родители што испраќале позитивни пораки да бидат емоционално сигурни, да имаат поголема самодоверба и кога ќе пораснат, да имаат подобри социјални врски со нивните врсници.

– Децата што примаат позитивни пораки од нивните родители формираат посигурни односи, затоа можат да ја испитуваат околината кога родителот се наоѓа во близина и се утешуваат кога по кратка одвоеност родителот повторно ќе се врати. Многу студии покажуваат дека овие деца се подруштвени и попопуларни во споредба со другите деца – додава Денкова-Зафировска.

Моќта на родителските пораки – основа за себедефинирање

Квалитетот на семејните односи е прв по значајност фактор за правилен социо-емотивен развој на децата, веднаш по добрата генска основа. Своите први искуства за светот децата ги стекнуваат во семејството, кое треба да им даде заштита, сигурност и топлина, додека односите во семејството, како и односот на родителите кон детето, претставуваат основа за сите идни односи и релации што детето ќе ги создава во текот на животот.
– Отсекогаш она што родителите им го зборувале на децата за тоа што е добро, а што лошо, убаво или грдо, правилно или неправилно, подоцна во животот станувало важно правило по кое се придржувале и му се давало многу големо значење. Интересно е што некаде во текот на адолесценцијата се случува таканаречена девалвација на родителската улога и адолесцентите ги игнорираат, отфрлаат или им се спротивставуваат на родителските пораки, за подоцна, по надминувањето на адолесцентската криза, со влегувањето во светот на возрасните, одеднаш да почнат да ги препознаваат родителските зборови и фрази во своите реакции – вели Денкова-Зафировска.

Родителските пораки се толку моќни, се надоврзува Георгиевска, што успеваат да се пренесат од генерација на генерација низ семејното стебло, и тоа многу често мошне несвесно. Во зависност од тоа какви пораки испраќаат родителите, децата носат таканаречени рани одлуки кои се основа за формирањето на животните позиции.

Недоследни, прекритични, презаштитници… Кои родители влијаат врз негативни одлуки

– Животните позиции кај личностите го покажуваат базичниот однос кон себе, светот и другите луѓе. Па така, разликуваме 4 животни позиции (Јас ОК – Ти ОК, Јас Не ОК – Ти ОК, Јас Не Ок- Ти Не ОК и Јас ОК – Ти Не ОК). Целиот овој склоп на рани пораки, одлуки и животни скрипти се основа врз која децата ја создаваат дефиницијата за себе, другите и светот во целина. Истражувањата покажуваат дека крајот на третата година од животот детето ги донесува најважните одлуки и тие имаат најдалекосежно влијание врз личноста, нејзиниот став кон себе и кон другите. Вкупно, пак, најголем број одлуки се носат до седмата година од животот, а некои од нив, во зависност од актуелните случувања и нивното доживување, се утврдуваат или коригираат во периодот на адолесценцијата – објаснува професорката.

Какви одлуки ќе донесе детето, тешко е да се предвиди, но веројатно е полесно да се утврди кои родители ќе влијаат врз носењето негативно ориентирани одлуки.
– Тоа се всушност оние родители што го отежнуваат или оневозможуваат развојот на автономијата на детето, создавањето позитивна слика за себе, базичната сигурност, како и успешната емоционална, семејна и социјална адаптација. Тука најчесто спаѓаат родителите што се премногу критични, оние што се премногу заштитнички поставени кон детето, недоследните родители, конфликтните родители, невклучените родители, како и оние што имаат премногу барања од децата – вели Георгиевска.

Колку порано, толку подобро

Доколку позитивните пораки од најрана возраст, недвосмислено и концизно, му се упатуваат на детето без оглед на каков начин, ќе придонесат за квалитетен психички развој, воспоставување базична сигурност, самодоверба и позитивна слика за себе.
– Тоа е одговор на прашањето кога да почнеме со развој на емоционалните вештини и што е она на што треба да посветиме внимание во процесот на воспитување на нашите деца. Добрата вест е дека навистина можеме да сториме нешто и дека имаме можност да им помогнеме да пораснат во емотивно компетентни луѓе. Навидум најлесниот начин е, секако, ние самите да бидеме онаков модел на личност во какви што сакаме да пораснат нашите деца – вели Денкова-Зафировска.
Децата го прават она што го гледаат и слушаат од нас. Па токму поради тоа, важно е да бидеме свесни за пораките што им ги праќаме на нашите деца во процесот на воспитување.

– Емоционалната интелигенција, како еден од поновите конструкти во психологијата, е многу важна при воспитувањето на децата, но за жал поради трката со време, честопати е и многу запоставена. Нашиот образовен систем и начините на воспитување посветуваат многу внимание на процесот на стекнување знаење и учење нови вештини, но некако впечатокот е дека емоциите остануваат настрана. Ајде да го промениме тоа – додава Денкова-Зафировска.



912

X