Бидејќи се зголемува свеста за потребата од родителско отсуство, еве уште една причина зошто татковците треба да поминуваат повеќе време со своите деца: може да има позитивни придобивки за нивното сопствено ментално здравје.

Татковците што се повеќе вклучени во родителството кога децата се новороденчиња имаат помал ризик да имаат симптоми на депресија во текот на таа тешка прва година од родителството, се вели во новото истражување објавено во списанието „Граници во психијатријата“.

– Ова е многу важно затоа што посочува дека ако татковците се вклучени рано и често се со своите бебиња, нивното ментално здравје и здравјето на целата семејна единица може да помине подобро – објаснува д-р Олајиде Н. Бамишигбин, автор на истражувањето и доцент по психологија на Државниот универзитет во Калифорнија.

Истражувањето испитувало 881 татко со ниски примања од различни раси и етникуми кои живееле во различни делови на САД. По еден месец од раѓањето на нивните деца овие татковци беа интервјуирани дома според три индикатори за родителство: времето поминато со нивното дете, родителската самоефикасност (односно довербата во грижата за нивните деца) и можноста да обезбедат материјална поддршка (облека за бебиња, лекови, производи за нега на деца, како што се пелени и храна). Откако ги разгледале симптомите на депресија на, 1, 6 и 12 месеци по раѓањето со Единбург скалата за постпородилна депресија, истражувачите откриле дека сите три индикатори довеле до пониски стапки на симптоми на депресија следната година.

Неколку причини за ова? Д-р Бамишигбин вели дека татковците што се повеќе вклучени за време на детството може да се чувствуваат покомпетентни како родители и да бидат позадоволни од нивната улога како родители со текот на времето, и тоа може да придонесе за пониски депресивни симптоми.

– Предолго ги анализиравме мајките и нивните симптоми во време кога им е најпотребна поддршка по раѓањето на бебето. Јасно е дека мајката има корист од оваа семејна поддршка и период на поврзување со бебето, но исто така има и таткото – вели д-р Ана К. Костакис, психијатар и директор на амбулантна психијатрија за возрасни во болницата „Нортвел Закер Хилсајд“.

Вистина е: Вклучувањето на таткото во почетокот на животот на детето може да биде од корист за семејната единица на многу начини. Претходните истражувања покажаа дека може да ги намали симптомите на депресија кај мајките, да доведе до пониски стапки на смртност кај новороденчињата, до побезбедна приврзаност татко-дете и повисок IQ на детето. Затоа е важно да се фокусирате на менталното здравје на татковците, особено затоа што 8-10 отсто доживуваат депресија на почетокот од татковството, што може негативно да влијае врз семејството.

– Татковците честопати силно влијаат врз семејниот живот и функционирањето, а симптомите на депресија на таткото се поврзани со несакани резултати на менталното здравје кај децата и мајките, како што се депресија и психијатриски нарушувања – се забележува во истражувањето.

Новото истражување е доказ плус што ја покажува потребата од политика за татковско отсуство на сите работни места.

– Ова е причината зошто ние предлагаме политика за платено татковско отсуство што може да им овозможи на татковците да бидат повеќе вклучени во одгледувањето на своите деца и да стекнат доверба како родители уште во почетокот на нивниот живот, без да се грижат за нивната економска безбедност, и да бидат дел од обликувањето поздрави и просперитетни идни генерации – вели д-р Бамишигбин.

– За возврат, ова може да ја подобри благосостојбата на целото семејство – додава тој.

Извор



912

X