За себе вели дека е вистински среќен човек. Таа среќа, но пред сè животна мудрост како да се биде среќен и исполнет човек се обидува да им ја пренесе и на другите и навистина ужива во тоа. Освен што е автор на девет книги од полето на популарната психологија и духовност, колумнист, терапевт, предавач и ТВ-водител, Бруно Шимлеша (40) е и сопруг и татко на прекрасната десетгодишна Анабела, со која особено се гордее. За тоа зошто за него родителската улога е вистински благослов, колку има потреба да се вклучи во одгледувањето и воспитувањето на ќерката, а колку во таа улога се чувствува рамноправен со сопругата, што мисли, зошто мажите генерално се помалку ангажирани во одгледувањето на децата и дали со тато понекогаш работите се полесни, прочитајте во разговорот со овој татко објавен на веб-страницата „Родителји.хр“.

Дефинитивно сте нетипичен татко, сопруг, маж. Кога зборуваме за Вашиот однос со децата, дали сметате дека едноставно по природа сте такви да имате потреба многу да вложувате во тој однос или, пред сè, многу работевте на себе и дали тоа го можат и другите мажи? Дали по природа сме рамноправни во родителството?

– Мислам дека нема ништо неприродно во тоа таткото да сака да биде рамноправен родител. Секако дека постојат биолошки разлики меѓу мажите и жените, секако дека ние никогаш нема да можеме да доиме и слично, но во сè друго мислам дека можеме да бидеме рамноправни. Еднакво сме подготвени да сочувствуваме со своите деца, мудро да ги воспитуваме, да ги тешиме и бодриме… Не знаев каков ќе бидам како татко, но кога малечката дојде на свет, сфатив дека сакам да бидам максимално ангажиран татко. Сфатив дека тоа го сака и нејзиното срце!

Колку татковците се важни за здрав развој на детето и колку мажите генерално се свесни за тој факт?

– Мислам дека не сме доволно свесни. Во нашата култура и понатаму сметаме дека мајките се примарниот родител, а ако имаме среќа, тогаш „таткото малку помага“. Но, ние не сме тука да помогнеме во воспитувањето. Тука сме да одгледуваме. Рамо до рамо со жените.

Мислам дека е логично во генерациите на нашите прабаби да биле различни улогите бидејќи тогаш многу жени не работеле надвор од домот. Тогаш било логично да ја преземат речиси секоја грижа околу децата и одржувањето на домот. Но денес, кога повеќето жени имаат класична работа, нема баш никаква причина и понатаму дома да ги извршуваат повеќето обврски околу децата и домот. А тие обврски и работи не се платени, ниту ценети.

Фото: Архива

Дали сте имале можност да користите некакви права за породилно отсуство за татковци, односно дали сте поминале време со вашето бебе дома додека сопругата била редовно отсутна или работела? Дали секој маж треба да го искуси тоа?

– Веднаш по нејзиното раѓање зедов еден месец слободно и искрено, тогаш бевме толку смотани и збунети, што беше добро што двајцата бевме максимално вклучени. Остатокот од нејзината прва година продолжив да работам со вообичаено темпо, но брзо сфатив дека не можам да бидам татко каков што ѝ беше потребен и тогаш малку паузирав. Кога сопругата Маја доби можност 10 дена месечно да работи во Брисел и Старзбур, не ми беше никаков проблем да откажам и други работни ангажмани. Маја е супермајка и тие денови кога ја нема, нам ни е сосема добро и знаеме дека малата го добива она што ѝ е потребно. А Маја не се јавува секој час со прашања бидејќи знае дека сме добро.

Колку мажите навистина се заинтересирани за чување деца додека сопругата е на работа? Бидејќи општеството во кое живееме е полно со предрасуди и лесно осудува и етикетира. Не го губи ли мажот со тој чин чувството за сопствена вредност како чувар на семејството?

– Веднаш морам да реагирам – татковците не ги „чуваат децата“ бидејќи не се дадилки: Ние сме родители и ние ги одгледуваме децата. Точно е дека дел од општеството ќе нè осудува и можеби ќе смета дека не сме вистински мажи ако сме максимално ангажирани околу одгледувањето, но искрено, тоа воопшто не ме загрижува.

Поважно ми е што мисли моето дете отколку луѓето кои не сфаќаат дека татковците не мора да бидат секундарен, помалку важен родител. Мислам дека работодавците можат да помогнат во менувањето на оваа перцепција. Би го истакнал примерот на компанијата ИКЕА во Хрватска која на мажите им дава еден месец породилно отсуство за да можат да се поврзат со децата и тоа откако нивните партнерки ќе се вратат на работа.

Некои татковци, дали свесно или несвесно, се мачат со фактот дека самите немале добри татковци. Како да се биде добар татко дури и ако не си имал добар татко?

– Исто како што е да се биде добра мајка ако не си имал добра мајка или добар партнер ако не си имал пример за добро партнерство кај родителите – со постојано учење и напредување. Ако не сме имале пример за свесно, посветено татковство во својот живот, го наоѓаме на други места. Треба постојано да се обидуваме да ги подобриме вештините за навистина да станеме такви. Не велам дека е лесно, но сигурно е возможно.

Бидејќи како деца немаме можност за самостојно креирање на сопствениот живот и се чувствуваме онака како што другите нè третираат. Но затоа како возрасни можеме да избереме како нешто ќе ни влијае. Како возрасни, се чувствуваме онака како што се третираме себеси.

Дали Вашата ќерка ве променила како маж?

– Дефинитивно драстично го промени мојот живот. Таа е прекрасна, многу бара, тврдоглава, често незгодна, сочувствителна, паметна, дарежлива, чувствителна, отворена десетгодишна девојка и чест ми е што сум нејзин татко. Честопати ми е тешко, но ни тогаш не заборавам колку таа улога е вистински благослов.

Дали децата ги продлабочуваат брачните кризи? Како да се преживеат?

– Децата на површина ги носат оние проблеми што можеби сме ги ставале под тепихот. Имаме потенки нерви, помалку сон, помалку пари, помалку слобода… А ако имаме и различни принципи за воспитување, бракот може да дојде во сериозна криза. И тогаш е сосема во ред да се побара и стручна помош, но не кога кризата е на врвот, туку кога ќе сфатиме дека не можеме сами да ги решиме проблемите. Обично предоцна бараме помош. И како родители и како партнери.

Не би сакале да ги поедноставиме работите или да генерализираме, но дали со татковците навистина работите се полесни?

– Сè е еднакво тешко, освен можеби еден фактор. Жените и поради бременоста и поради доењето, но и затоа што во нашето општество улогата на мајката е повисока од улогата на таткото, имаат значително поголем заштитнички имплус. Тој е биолошки и социјално условен.

Тоа може да биде позитивно бидејќи ќе имаат инстинкт да ги заштитат децата од болка, но може да имаат и негативен ефект ако почнат да се однесуваат презаштитнички, а мислам дека тоа денес е прилично раширен проблем. Многу често мајките се презаштитнички настроени, а мене ми се чини дека децата не треба да ги штитиме од животот, туку да ги подготвиме за него. Тоа значи дека не треба да ги заштитуваме од разни предизвици, повреди, туку да им помогнеме зрело да се соочат со нив.

Треба да им помогнеме и да бидат што понезависни. Мајките, многу почесто од татковците, размислуваат за своите деца, прават задачи наместо нив, учат наместо нив, одговараат на разни пораки наместо нив, купуваат наместо нив…

Мажите најчесто немаат толку заштитнички импулс, па можеби полесно можеме да видиме дека некое искуство децата може да ги заболи, но дека долгорочно попаметно е да се научат да се справат со тоа, наместо целосно да ги лишиме од тоа искуство и нешто да направиме наместо нив.

Разговарала: Ивона Шартак



912

X