Татковците што имаат малечки ќерки се однесуваат поинаку со нив отколку татковците што имаат синови на возраст од градинка, заклучува една нова студија. Истражувачите велат дека татковците што имаат ќерки зборуваат поинаку и посветуваат различно внимание на потребите на нивните ќерки, во споредба со татковците што имаат синови. Освен тоа, нивниот мозок има поинаква реакција кога ќе им се покаже фотографија од дете, покажуваат студиите објавени во списанието „Behavioral Neuroscience“.

Резултатите покажуваат дека родовите разлики кои влијаат врз однесувањето на татковците се појавуваат кога децата се мали – истакнува водечката истражувачка Џенифер Маскаро. Татковците вклучени во студијата имале деца на возраст од 1 до 3 години. Претходните истражувања покажале дека кога родителите пополнуваат прашалници, ретко велат дека поинаку се однесуваат кон синовите отколку кон ќерките. Психолошките студии што ги разгледуваат односите родител-дете во лабораториски услови можеби не се најдобриот показател за типичната врска. За да ја разгледаат вистинската врска помеѓу татковците и децата, истражувачите набљудувале 52 мажи на возраст од 21 до 55 години кои живеат во Атланта и имаат едногодишно или двегодишно дете. 30-мина се татковци на ќерки, а другите имаат синови.

Секој татко добил уред за снимање што го носел на појасот еден работен ден и еден викенд. Уредот бил програмиран да снима звучни записи од 50 секунди на секои 9 минути, но ниту таткото ниту детето не знаеле кога снима. Шефот на истражувањето рекол дека тие се однесувале неверојатно природно, токму затоа што не знаеле кога ги снимаат, а кога не. Студијата покажала дека татковците на ќерки почесто пеат, користеле повеќе изрази поврзани со тага кога зборувале, употребувајќи зборови како „плачење“, „тажно“, „солзи“ и „осамени“, како и повеќе зборови поврзани со опис на телото, како „стомаци“ и „мали стапала“, во споредба со татковците што имале синови.

Тие користеле и повеќе аналитички зборови, како што се „повеќе“ и „подобро“, што може да го олесни развојот на говорот. Од друга страна, татковците на синови користеле повеќе зборови ориентирани кон успех, како „победа“ и „гордост“ и повеќе си играле со нив на погруб начин. Кога станува збор за одговорот и обрнувањето внимание на потребите на нивните деца, татковците што имаат ќерки имале поголема веројатност да ги слушаат и да им помогнат. Кога им биле покажани фотографии од нивните деца со различни изрази на лицето, скенирањето на мозокот покажало дека татковците имаат најсилен нервен одговор, во дел од мозокот важен за емоционалната регулација, на среќните лица на нивните ќерки.

Спротивно на тоа, татковците на синовите најсилно реагирале на неутралниот израз на лицето на синовите, што ги изненадило истражувачите.

-Татковците можеби обрнуваат повеќе внимание на неутралните изрази на лицето на нивните синови бидејќи тие се помалку јасни за тоа како се чувствува детето и треба подобро да „читаат меѓу редови“ за да ги разберат неговите чувства“, изјавила Маскаро.

Едно можно објаснување за тоа зошто татковците имаат различни емоционални одговори на нивните мали деца – е дека тоа е биолошки засновано, што значи дека на мажите можеби им е всадено да реагираат различно на синовите и ќерките, додава Маскаро. Друга можност е дека постојат општествени, културни и родови норми за тоа како татковците треба да се однесуваат со девојчињата и како да се однесуваат кон момчињата. Студијата ги гледала татковците само од еден агол. Може да постојат мали разлики во начинот на кој се однесуваат малите момчиња и девојчиња, па затоа татковците потоа поттикнуваат такво однесување.

Фактот дека овие разлики во однесувањето на татковците кон нивните синови и ќерки се појавуваат толку рано е важен за да им помогне на истражувачите да разберат како се развиваат родовите улоги во текот на животот.

Автор: Ема Јуриќ

Извор



912

X