Минимализмот не значи само да се ослободиш од многу работи и практично да живееш без ништо. На ниво на семејство, тоа е разговор за она што навистина е битно и неопходно

Кога моите пријатели Џошуа Филдс Милбурн и Рајан Никодемус напишаа книга за минимализмот на живеењето − „Сè што преостанува“, една од најчестите реакции од луѓето од околината беше: „Јас никогаш не би можел да бидам минималист бидејќи имам деца“. А тие на тоа одговараа: „Нашиот пријател Лео е минималист… а има шест деца“.
И јас мислев така пред да почнам да го поедноставувам својот живот и да експериментирам со минимализмот. Подоцна, кога добро навлеговме во минимализам, сфатив дека цело време сум ги користел своите деца и сопругата како погрешен изговор што не правиме никакви промени во начинот на живот. Се разбира, сега знам дека беше грешка. Еве што научив:

1. Промените почнуваат од тебе

Не можете сосила да ги натерате членовите на вашето семејство да се менуваат ако не го сакаат тоа. Она што можете да го направите е да се промените себеси, па начинот на кој ќе живеете да стане поттик и жив пример за кој ќе се заинтересираат и вашите домашни, за и тие да се вклучат во промените.
Исто така, цело време разговарав со нив за тоа што сакам да направам, каква е придобивката од тоа и дали доволно добро сум ја промислил својата одлука. Гледајќи ме како се менувам, тие и самите можеа да се обидат да воведат промени или да помислат: тато полуде. Но, без оглед каква е нивната реакција, пораката што ја праќам е важна – човекот секогаш има разни можности. Да речеме, јас решив да го расчистам својот плакар или да ги скенирам сите свои документи и да ги чувам во дигитална форма или да ги расчистам гаражата и оставата, но тоа не го очекувам и од нив. Не, додека не посакаат самите да го направат или додека не ја увидат практичноста на таквата одлука.

2. Минимализмот е комуникација

Минимализмот не значи само да се ослободиш од голем број нешта и практично да живееш без ништо. На ниво на семејство, тоа е разговор за она што навистина е битно и неопходно. Зошто ни е потребно да поседуваме предмети и да правиме некои работи? Во повеќето случаи ова никогаш не е тема, бидејќи едноставно таков е начинот на живеење. Сè ни треба, сега и веднаш. Се разбира дека резултатот од ваквата дискусија ќе биде различен за секое семејство. Нема правилен начин, некои и понатаму ќе го прават она што го правеле и ќе го имаат она што го имале бидејќи тоа ги прави среќни, а некои ќе ги променат свеста и начинот на мислење. Најважната работа е да се почне разговор и секогаш да се укажува на можноста за промени.

3. Уживајте во едноставните работи

Со сопругата и децата почнавме да практикуваме помалку скапи работи. Наместо оние што чинат купишта пари, се насочивме кон заедничко играње надвор, друштвени игри и семејно готвење. Не велам дека овие нешта ги правиме секојдневно (немаме секогаш време и енергија), но со тоа на децата им покажавме дека едноставните задоволства се неверојатни и дека не мора да трошат купишта пари за да уживаат во животот.

4. На неуспесите гледајте како на стекнување нови искуства

Ако почнете да го расчистувате својот живот заедно, како семејство, ќе бидете многу среќни со новитетите и промените, но и неуспесите се загарантирани. Вашата ќерка можеби одеднаш ќе посака куп кукли што ги видела на рекламa. Вие одеднаш ќе се најдете во непријатна ситуација бидејќи ќе треба да се ослободите од мноштво подароци што сте ги добиле од своите најблиски. Сето тоа може да биде фрустрирачко. Наместо да очајувате, покажете им како да се борат со ваков вид предизвици. А предизвици ќе има многу, особено кога вашите родители, баби и дедовци ќе сфатат што сè сте решиле да фрлите и ќе бидат шокирани од таквата одлука.

5. Променете ја традицијата во вистинска насока

Постојат многу едноставни работи што ги правиме на одреден начин бидејќи така сме научени, затоа што отсекогаш така сме правеле. Но кон што води тоа? Да кажеме – масовното купување подароци за Божиќ. Знаеме дека е тешко луѓето да се одвикнат од нешто толку убаво и свечено, но прашајте се дали е корисно? Ние решивме наместо играчки и слични бесмислици, на децата да им подариме патување или одење во аквапарк. Така, наместо играчки, децата како подарок добија непроценливи искуства.

6. Разговарајте и со членовите на семејството

Кога ќе почнете да ги спроведувате промените на дело, роднините ќе поставуваат многу прашања. Нема да им биде јасно зошто така сте одлучиле бидејќи тоа отстапува од нормите и обрасците на однесување. Тоа е вистинска можност да ги запознаете со својата нова филозофија на живеење, можеби и да ги поучите и да ги придобиете на ваша страна. Не изненадувајте се ако сфатите дека сте им станале инспирација за некои позитивни промени.

7. Пронајдете начин да ги замените нештата

Не мора да се ослободите неповратно од сè. Најдете начин работите да ги замените со некоја поприфатлива варијанта, на пример, наместо прашливи албуми, чувајте ги фотографиите во дигитална форма на компјутер. Дури и детските цртежи скенирајте ги и складирајте ги во компјутерот.

8. Бидете свесни за секој чекор

Најважниот резултат не се промените, туку уживањето во самиот процес. Ако единствено резултатот ви е важен, секој неуспех ќе ве фрустрира. Најдете ги поведрата страна и придобивката од секоја промена, и концентрирајте се на тоа.

Што направивме ние како драстична промена?

Во 2010 година се преселивме од Гуам во Сан Франциско со по една кутија и еден ранец.
Кога решивме да заминеме од Гуам, децата одбиваа да ги продадат или да ги подарат сите предмети. Но, кога ја сфатија големината на предизвикот, се согласија. На крајот, беа многу среќни што отпатувавме со таква леснотија.

– Се ослободивме од автомобилот

Преселувањето во Сан Франциско ни овозможи да го продадеме автомобилот, а тоа значеше повеќе движење, прошетки и градски сообраќај. Тоа го сметам за еден од нашите најголеми и најомилени експерименти. За жал, неодамна при повторното селење од Сан Франциско во Дејвис бевме принудени да користиме автомобил. Докрај се трудевме сè да извршиме со велосипеди, но беше невозможно. Сепак, беше прекрасно да се пешачи сите овие години.

– Секој патува со по еден мал ранец

Се разбира, на почетокот ја одбиваа таквата замисла, но наскоро сфатија колку полесно и порастоварено се чувствуваат. И колку е полесно да се патува така. Така можат непречено да трчкаат, да скокнат во метро и удобно да се движат низ аеродромот.
Дури и мојата сопруга се согласи и се навикна на тоа. Иако сметав дека тоа е невозможна мисија.

– Не купуваме божиќни подароци

Тоа веќе го напоменав. Си подаруваме искуства, можеби и некаква друштвена игра која можеме да ја играме сите заедно.

– Се откажавме од кабелската телевизија

Тоа воопшто не е евтина разонода, а сосема е бескорисна, нè заробува пред екранот и ни сервира купишта реклами. А токму рекламите се еден од најголемите непријатели на минимализмот. А и на животот, би рекол. Со тие пари и за тоа време би можеле да направиме многу повеќе отколку само да седиме пред телевизор.

Пишува: Лео Бабаута, новинар, автор на еден од 25. најдобри блогови на светот (според списанието „Тајм“), автор на неколку книги и татко на шест деца.

 

 



912

X